за

Повеќе од 120 нови модели доаѓаат во 2022 година

Изобилството од новитети ветува возбудлива автомобиска година. Ги очекуваме Kia Sportage, Peugeot 308 и Opel Astra да се појават во салоните, но има уште бројни нови модели.

Автомобилските новитети во 2022 година ни пренесуваат важна порака. Електрификацијата масовно ја зафаќа браншата. Бројот на нови модели што се нудат само со бензински или дизел мотор е незначителен. Сите нови модели возат и во изведби со хибриден, приклучен хибриден или чисто електричен погон.

Календарот на автомобилски новитети за 2022 година доаѓа со повеќе од 120 убави вести и со една вест што само условно не е толку убава. Сите трендови што ја зафатија автомобилската индустрија, од масовна и брза електрификација, преку дигитализација, автоматизација на возењето и понуда на нови онлајн-услуги, не сменија ништо во динамиката на претставување на нови модели. Со повеќе од 120 новитети во претстојните дванаесет месеци, браншата покажува дека е во одлична форма.

Кога ќе се прегледаат сите тие силни новитети во 2022 година, единствено традиционалистите би можело да негодуваат. Само неколку модели што првпат ќе се појават во салоните, а потоа и по улиците, поседуваат чисто бензински или дизел мотори, без електрификација. Само исклучоци се новите модели што не се нудат со хибриден, приклучен хибриден или чисто електричен погон.

Повеќето автомобилски марки веќе најавија конечни датуми до коишто ќе произведуваат автомобили што поседуваат мотор со внатрешно согорување во погонската спрега. Електрификацијата е реалност и тоа се огледува во понудата од автомобилски новитети. Светот не само што го прифати електричниот погон, туку веќе го зафаќа и еуфорија од новата мобилност, што не зависи од увозот на фосилни горива и со себе носи бројни привилегии.

Honda HR-V е меѓу педесетината нови СУВ-модели што ни доаѓаат во 2022 година

Фасцинацијата на некои модели сепак се поврзува со моќните и врвно констурирани мотори. Меѓу неколкуте нови модели што немаат електромотор во погонот се BMW M2, M3 Touring и Porsche 911 GT3 RS. Последниов модел дури останува толку верен на „класиката“, што се откажува и од турбонатполнење. Новата Honda Civic Type R ќе користи усовршена верзија на моторот од постоечкиот модел. Неизвесност има околу првиот СУВ-модел со знакот на Ferrari, за кого што уште не се открива конкретно, дали тој ќе биде достапен само во бензинец или ќе се нуди и во верзија со хибриден погон.

Затоа, пак, електрификацијата масовно ги освојува дури и најголемите имиња на автомобилската сцена. Mercedes-AMG C 63 ќе користи приклучен хибриден погон. Електромотор ќе работи заедно со бензинецот и во OPC-изведбата на новата Opel Astra, веројатно под ознаката GSE. Најсилната и најпретставителна изведба на новата серија 7 на BMW ќе вози со чисто електричен погон, со преку 650 КС.

Renault ги враќа старите моделски имиња на сцената, во форма на електрични автомобили. Првиот чекор во таа насока ќе биде новиот R5, што ќе вози само во електрична изведба. Volkswagen исто ја заживува традицијата во ерата на електромобилноста и го подготвува ID.Buzz, со дизајн по пример на култниот T1, познат и како Bulli.

Април е важен месец за автомобилските енгузијасти, стартува продажбата на Mercedes-AMG SL, со дизајн на Славче Таневски; Секако дека моделот го очекуваме да пристигне во салонот на Мак Аутостар

Mercedes го проширува семејството модели EQ со луксузен СУВ со електричен погон, што ни е од посебна важност во Македонија, затоа што е дизајниран од Славче Таневски. Македонскиот дизајнер што лани одбележа десетгодишнина на својата работа во Mercedes-Benz Cars, го потпишува дизајнот на Mercedes EQS, што беше претставен како концептен автомобил на салонот за мобилност ИАА во Минхен. Подоцна ќе следи и Maybach-варијанта на EQS. Уште една новина во понудата од електромобили е EQT, верзија од новиот T-Class, наследник на Citan. Пристига и првиот Mercedes-AMG со чисто електричен погон, под ознаката EQS 53.

Годинава во салонот на Mercedes-Benz очекуваме и нова генерација на GLC. Исто како претходникот, новакот ќе ја користи платформата на C-Class. Кокпит со голем средишен дисплеј, поставен исправено, исто така се подразбира кај новиот модел. По пример на C-Class, сите погонски единици ќе работат заедно со електромотор (како благ-хибрид), а во гамата ќе се нуди и најмалку еден модел со приклучен хибриден погон.

Со бројноста на новитетите, годинава предничи BMW. Баварците имаат дури 15 новитети, три повеќе од Mercedes. Престои и важен јубилеј, 50 години на M GmbH

Од преку 120 новитети во 2022 година, близу 50 модели возат со чисто електричен или приклучен хибриден погон. Не подзапира ниту СУВ-бранот, каде што исто така ни претстојат педесетина нови модели.

Преглед на новите модели во 2022 година, по месеци

(Во прегледот на новитети се вклучени и моделските освежувања или воведувањето нови погонски варијанти, како приклучен хибриден погон, спортски верзии и слично; За повеќето нови модели е поставена врска што води кон нашата подетална објава за моделот)

Јануари

Февруари

Март

Април

  • Abarth 595
  • Genesis GV60
  • Jeep Crand Cherokee PHEV
  • Kia Sportage PHEV
  • Mercedes-AMG SL
  • Nissan Qashqai E-Power
  • Skoda Karoq
  • Volkswagen ID.5

Maj

Јуни

  • BMW Серија 3 facelift
  • BMW Серија 3 Touring
  • DS 7 Crossback
  • Citroen C5 Aircross
  • Maserati Grecale
  • Mazda MX-30 REV
  • Mercedes-AMG G500 4×4 hoch 2
  • Nissan Ariya
  • Opel Astra Sports Tourer

Јули

  • BMW X7 Facelift
  • Ford Ranger
  • Mazda CX-60
  • Mercedes-AMG C43
  • Mercedes-AMG One
  • Opel Grandland GSE PHEV
  • Porsche 911 Sport Classic
  • Subaru Solterra
  • Toyota BZ4x

Август

  • BMW X8
  • BMW M2
  • Genesis GV70 Electrified
  • Lexus RX
  • Nissan X-Trail
  • Polestar 3
  • Volkswagen ID.Buzz

Септември

  • Audi A3 All Street
  • BMW Серија 2 Active Tourer PHEV
  • Maserati MC20 Cabrio
  • Mercedes GLC
  • Mitsubishi Outlander
  • Nissan E-Townstar
  • Renault Austral
  • Skoda Enyaq iV RS, Enyaq iV Laurin Klement
  • Toyota Corolla Cross
  • Volvo XC90
  • Volkswagen Amarok

Октомври

  • BMW M4 CSL
  • Honda Civic e:HEV
  • Lexus RZ
  • Mercedes EQS SUV
  • Opel Astra GSE PHEV, Opel Astra Sports Tourer GSE PHEV
  • Peugeot 308 X

Ноември

  • Audi Q6 E-Tron
  • BMW Серија 7
  • BMW i7
  • BMW X1
  • Chevrolet Corvette Z06
  • DS 3 Crossback
  • Citroen C4 Crossover
  • Kia EV6 GT
  • Mercedes EQT
  • Porsche 911 GT3 RS
  • Tesla Model S (max range) и Model S Plaid

Декември

  • BMW M3 Touring
  • Maserati Gran Turismo
  • Mazda CX-80
  • Mercedes A-Class, B-Class facelift
  • Smart E-SUV
  • Tesla Model X (max range) и Model X Plaid

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Tesla Model 3 poevtina izvedba

Tesla Model 3 најпродаван електричен автомобил во Европа лани

Brabus може да биде и часовник, ексклузивен секако