за

BMW за секоја пригода: Active Tourer од серијата 2 во ново издание

Новата генерација на компактниот ван на BMW доаѓа со бројни новини, од дисплеј по пример на BMW iX до нов iDrive. Хибридите ќе бидат претставени посебно.

BMW СЕРИЈА 2 ACTIVE TOURER

Серијата 2 нуди најголема разновидност во понудата од модели на BMW, од купе и кабриолет, преку купе-лимузина, до хибрид со погон на сите тркала, плус ван што ги претставува гените на BMW во секоја пригода. Поточно, два вана, Active Tourer и Gran Tourer.

Голема функционалност во компактна каросерија, заедно со уживање во возењето што е својствено за марката. Тоа е матрицата според која што BMW ја развиваше и втората генерација на компактниот ван што се води како Active Tourer од серијата 2. Минхен со овој модел цели на луѓе што се активни и негуваат посебен животен стил. Ракувањето остана едноставно, повеќе е нагласен динамичниот карактер на моделот, а сериската опременост според BMW е побогата од кој било конкурент.

Испораките стартуваат во февруари 2022, со четири моделски изведби со моќност од 136 до 218 КС. Подоцна следат два хибриди, како и верзии со погон на сите тркала. Производството е во Лајпцих. Како и сите модели од нова генерација, така и Active Tourer од серијата 2 има платформа што е приспособена и за класични мотори и за електрифициран погон.

Во дизајнот се применети елементи од кросовер, каросеријата е развлечена заради поголема динамика, носот јасно покажува карактер на BMW. Бубрезите во маската имаат поголеми димензии од порано, со што дополнително се нагласуваат тесните светла. Во нив работи комплетно диодна техника. Со доплата се вградуваат приспособливи диодни светла, вклучувајќи матрично долго светло што не ги заслепува возачите отспротива.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Прегледноста е подобрена со новата форма на предните столбови. Опашто изгледа моќно, издувните цевки се сокриени во задниот браник кај сите моделски изведби. Тркалата стандардно имаат пречник од 16 или 17 инчи, опција се 19 инчи. Освен во основната изведба, Active Tourer ќе се нуди и во варијанта Luxury Line, како и во спортска M-варијанта. За каросеријата може да се избира меѓу 11 бои.

Најголемата свежина што ја донесува новиот Active Tourer е во кокпитот по пример на BMW iX

Формата на кокпитот се раководи според техно-знаменосецот, електричниот BMW iX. Тоа дава чувство на премиум возило, за што секако дека придонесува и широкиот заоблен дисплеј. Бројот на прекинувачи е сведен на најмала можна мера.

Седиштата нудат комфор и за подолги патувања, опција за спортски седишта секако не недостига. Работено е многу на акустичниот комфор, има и бројни дополнителни зафати за безбедноста да се подигне на уште повисоко ниво. Меѓу возачот и совозачот се отвора дополнителна воздушна перница во случај на страничен судир.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Задната клупа може да се исправи, со што се добиваат екстра 90 литри во багажникот. Клупата исто така лизга 13 сантиметри по должина и поделена е на три дела. Во случајот на BMW 218i Active Tourer и BMW 218d Active Tourer, багажникот располага со 470 литри, до најмногу 1.455 литри. Автоматско отворање на задниот поклопец е стандардна опрема. Опција е влечна кука што се извлекува со помош на електромотор.

Во погонската спрега, седумстепен менувач со двојна спојка е стандард кај сите моделски изведби. BMW 223i Active-Tourer и BMW 220i Active Tourer се изведени како благи хибриди, со 48-волтен стартер-генератор, во нова генерација. Стартер-генераторот, што практичнио е електромотор, вграден е во менувачот и располага со моќност од 14 kW (19 КС).

New photo by Automedia MK / Google Photos

BMW 223i Active Tourer постигнува системски 218 КС, во случајот на BMW 220i Active системската моќност е 170 КС. Третиот бензинец при стартот на продажбата е BMW 218i Active Tourer со 136 КС. Има новини во процесот на согорувањето и се користи дуален систем за впрскување – повеќе детали следат подоцна.

Единствен дизел е BMW 218d Active Tourer со дволитарец со 150 КС. Двата хибриди ќе стартуваат во следното лето, првпат со eDrive технологија од петтата генерација. Може да се очекува досег од близу 100 километри при возење само на струја.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

>>> BMW изработува мини-серија од M4 со специјален лак

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие дами ќе возат рели со Kia Sorento

Ford прв во Германија вработуваше турски гастарбајтери