за

Овие дами ќе возат рели со Kia Sorento

Дамите имаат доверба во Kia кога треба со автомобил да се вози по непознат терен со скриени предизвици.

Сабрина Хауелс и Алиса Реник се познати возачки имиња во светот на релито. Двете дами лани успешно учествуваа на Ребел Рели и се подготвени и годинава да го повторат подвигот. Марката останува истата, годинава се вози Kia Sorento со приклучен хибриден погон. Уште еден тим ќе стартува за Kia.

Американскиот огранок на Kia е подготвен за предизвиците што Ребел Рели ги чува за годинешното издание. Овојпат на дамското рели стартуваат два тима и две возила Kia. Тоа ќе биде уште една можност да се докаже техниката на приклучен хибриден погон што работи во Kia Sorento PHEV. Дамите и нивните автомобили имаат за совладување 1.500 милји, односно повеќе од 2.400 километри. Ребел Рели е навигациско рели, односно предизвикот е да се најде и да се следи точната рута – на стариот добар начин, само со користење компас и мапа.

Четирите дами во Kia Sorento PHEV ќе се натпреваруваат во категоријата X-Cross, во групата на возила со „електрифициран погон“. Групата беше воведена лани, за електрични возила, за хибриди и приклучни хибриди. Sorento PHEV ќе извози неколку посебни секции со погон чисто на струја и ќе ги докаже своите способности.

Изведбата на Sorento со приклучен хибриден погон има водечка улога во стратегијата за електрификација што Kia ја води под името Plan S. За шефот на американскиот огранок на Kia, Шон Јун, „Ребел Рели е вистинското место да ја прикажеме нашата посветеност кон одржливата мобилност, дури и по беспаќа“.

Алиса Реник и совозачката Сабрина Хауелс лани со Kia Telluride се пласираа на второто место во класата X-Cross. Дамите постигнаа најдобро време на неколку специјални секции и годинава се надеваат на уште подобар пласман. Тимот во вториот Kia Sorento PHEV на релито ќе го сочинуваат професиналната рели возачка Верена Меи, којашто иако стартува првпат на релито очекува впечатлив успех, и совозачката Тана Вајт, со големо искуство на рели.

Kia America воедно е спонзор на Ребел Рели. Настанот почнува на 7-ми октомври во близина на браната Хувер во Аризона, а се вози до 16-ти октомври, до Алгодонските Дини во Калифорнија (Imperial Sand Dunes) како крајно одредиште.

Sorento од претходната генерација го умее ова:

>>> Тест · Kia Sorento 2.2 CRDi Premium

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota во ноември претставува нов Aygo

BMW за секоја пригода: Active Tourer од серијата 2 во ново издание