за

Тест · Kia Sorento 2.2 CRDi Premium

Kia со многу поголема самоувереност од досега го издвојува Sorento како знаменосец во својата понуда од модели за европскиот пазар. Големиот СУВ јасно цели на премиум моделите. Дали Sorento и фактички е премиум моделот во гамата на корејската марка со шампионска гаранција?

Sorento ги менува работите во Kia. Не од темел, и не од сутерен, но големиов автомобил со италијанско име ги менува работите веќе од приземје нагоре. Најреално е овој СУВ од четвртата генерација на моделот да се гледа како комплетно нова градба во некој замислен Киаград. Останатите „градби“, односно модели на Kia во тој замислен град, со текот на годините постојано биле доградувани, надградувани, добивале фасада со изолација од стиропор и термоизолациски прозорци, се усовршувале. Сите зафати биле изведувани со врвна вештина и со врвно знаење. Да не биде разбрано погрешно, сите тие градби се од најпримерен вид и низ годините одвај дека покажале траги од времето.

Сега доаѓа комплетно нов Sorento, нова градба во Киаград. Таа има сменета надворешна и внатрешна архитектура, нови материјали и најмодерно е опремена, изградена е со голема грижа кон животната средина, располага со технологија на паметен дом, а можеби има и по некој фотоволтаички панел на покривот. Градбите што во иднина ќе се подигаат во замислениот Киаград, сите ќе се раководат според Sorento, тој ќе им служи како пример. Конкурентските градови исто ќе се служат со овој пример. Под градби, секако дека се мисли на идните нови генерации на модели на Kia.

Кога овие метафори ќе се остават настрана, новиот Sorento е позициониран различно од претходниците, дизајниран е различно, и воопшто врз него се извршени бројни зафати со коишто Kia докажува дека е сосем способна да иновира и да се усовршува, независно од главната струја во браншата, односно е способна да напредува користејќи ги сопствените ресурси, експертизи и процени. Овој автомобил претставува најнов доказ дека Kia е марка со моќен идентитет и со цврст карактер. Најубедлив доказ досега, патем.

Kia Sorento има препознатлива појава и самоуверена става. Тука е јасно дека станува збор за автомобил со високи аспирации. Бројни СУВ-модели изгледаат обично покрај овој дизајн

Конкретно, Sorento No. 4 ги заменува заоблените линии од претходниците со беспрекорно прави линии, со чисти површини, со впечатливо прецизна изработка и со уште посилна порака во дизајнот. Само маската, на пример: Горниот дел е порабен со тенка алуминиумска лајсна, што без каков било зјај се спојува директно со каросеријата. Така се упатува визуелна порака дека овој автомобил е склопен прецизно. Впечатливата маска чијашто форма со години ја познаваме како „тигарски нос“, содржи решетка со крупен растер и лакирана е во црна боја со висок сјај.

Дневните светла што се извлечени надолу исто така се дел од „тигарскиот нос“ и претставуваат дизајнерски цитат според физиономијата на тигар

Впечатливо тенките светла се надоврзуваат на стилот, со трите „српови“ во нив. Свежината во појавата ја нагласуваат дневните светла што се во форма на бумеранг и директно се прирабени на главните светла. Над регистерската таблица може и да не се забележи тенкиот изрез, но дефинитивно и тој има свој удел во создавањето на изгледот на Sorento. Долу нема многу драматика и веќе излитено цитирање на агресивни дизајни на тркачки болиди, туку има чиста трапезна форма во црна боја, со „уши“ отстрана, во којашто единствено двојат магленките што се составени од по два елементи во форма на кварц.

Посебен впечаток остава заоблениот раб горе над маската, што изгледа како да е изведен лесно, исто како со нокти кога ќе се помине преку превиткан лист хартија. Неверојатно е колку овој раб всушност доминира во појавата на автомобилов. Реално, тоа се неверојатно сложени детали за изработка, што бараат посебна технолошка постапка. Истото важи и за изрезот на хаубата што непогрешливо го следи работ.

Тој е СУВ-пандан на гран-туризмо лимузината Stinger. Освежениот дизајнерски потпис во меѓувреме го имаат и новата K5 (Optima), како и семејниот ван Carnival.

Дводелните и исправени задни светла исто така се голема „иновација“ во дизајнот и се вбројуваат меѓу најмоќните стилски обележја на Sorento. Гледано од назад не може да се погреши дека станува збор за некој друг модел. Ова може да биде само Sorento. Исправените задни светла се обележје и на хит СУВ-моделот на Kia на северноамериканскиот пазар, на петметарскиот Telluride. Името на моделот, што по ново е напишано со одвоени букви и по целата ширина на опашот, има и многу практична функција. Кога се бара прекинувачот за отворање на поклопецот, тој е точно под буквата Е.

„Перката на ајкула“ пред третите странични прозорци во традиционалниот стил на Sorento, заедно со стилскиот елемент под ретровизорите и со вешто моделираните прагови, внесуваат препознатлив карактер во страничната силуета

Дизајнот е голема „работа“ кај Sorento, тоа е очигледно, тоа е нешто што не може да се пропушти. Навидум чисти и едноставни површини се комбинирани со впечатливи стилски целини што оддаваат благородност и технолошка супериорност. Кусо, големиот СУВ, најголемиот СУВ што Kia го нуди на европскиот пазар, воедно и најпретставителен модел во моментната понуда на марката, оддава стил на премиум автомобил.

Тоа е новото позиционирање на моделот, премиум сегментот или барем посебно место за Sorento блиску до него, за купувачите на овие автомобили да бидат свесни дека покрај традиционалните премиум моќници, постои и чесно кредибилен модел на Kia. По отворањето на возачката врата станува уште повеќе очигледно дека Kia не само што сака со новиот Sorento да им парира на моделите на премиум марките, туку и може да го прави тоа. Поточно, тоа е очигледно уште при отворањето на вратата. Ретко некој автомобил привлекол внимание уште при повлекувањето на рачката на вратата. Таа се движи меко како што врел нож пропаѓа во путер и потоа следи еден прецизно дозиран „скок“, да укаже дека бравата се ослободила.

Од голем теренец со помошна рамка и висока теренска пробивност во првата генерација, Sorento три генерации подоцна е софистициран СУВ со лимузински манири, но пак му остануваат теренските гени. Иако изгледа „салонски“ големава Kia доспева далеку по беспаќе

Неверојатно е дека перфекционистиве во Kia почнуваат да убедуваат во нивниот нов автомобил уште од самиот влез. Звуците од отворањето и затворањето на вратата и мекиот óд на рачката можеби ќе им значат само на малкумина. Меѓутоа, уште пред да се седне зад воланот, има уште едно пријатно искуство. СУВ-моделите се високи, моќни, цврсти, но пред возачот да се најде на своето место, обично треба да совлада еден широк и висок праг. Кај Sorento, прагот некако чудно исчезнал, односно тој е изведен мошне компактно.

Инженерите во Kia препознаваат места за усовршување, што на друго место се обработуваат рутински и се преземаат непроменети од моделите од претходните генерации; Пример за тоа се праговите

Секако дека носечката конструкција на прагот е тука, но некој умен во маркава се прашал дали можеби е подобро прагот повеќе да не се прикажува толку масивен пред очите на луѓето и да се напушти тој начин на убедување на светот, дека голем СУВ со висок и масивен праг е цврст и заштитнички. Како резултат од тоа, седнувањето зад воланот на репрезентативната Kia е поблиску до вгнездување во домашната фотелја, отколку до качување на „тронот“. Дали можеби во Euro NCAP имаат забелешки за тоа? Нема шанси, Sorento освојува 15,7 од максимални 16 бодови за заштита при страничен судир. Тоа е маестрално.

Дизајнот на кокпитот бламира бројни СУВ-модели чијашто арматурна табла е само невешто преправена лимузинска табла. Кога човек ќе седне во Sorento, првото сознание како да е програмирано: Вака треба да изгледа СУВ што се продава во 2021 година. Основата на арматурната табла би можело да се најде и во згодна гран-туризмо лимузина, на пример во Stinger, но детали прават овој кокпит да зрачи со СУВ-дух. Тоа важи за вертикалните и масивни отвори за воздух, како и за гребенот во мат сребрена боја што се провлекува по целата ширина на кабината и изгледа како да ја носи целата табла.

Кокпитот оддава впечаток на опкружувaње во коешто функционира напредна технологија. Тоа не е само впечаток, туку и реалност во Sorento

И веднаш следи уште еден аха-момент. Големите отвори за воздух не се големи само за на лик, туку се големи со цел. Во Sorento речиси нема провев при работата на климатизацијата. Причината за тоа се очигледно широките канали што го доведуваат воздухот. Тоа е чиста физика, искуство. Под големите отвори има помали отвори што служат за донасочување на струењето на воздухот. Не престанува да одушевува оваа Kia, овој Sorento по повеќе од три милиони продадени примероци од неговиот вид досега, од кои 300.000 во Европа.

Завршната изработка е на мошне високо ниво, нема детал да не му е посветено внимание

Средишниот крак на воланот изгледа како масивно парче челик. Рачките на вратите што се обложени со кожа, па уште се и штепувани како кај врвен занаетчија, претставуваат мошне веродостоен пример за нивото на завршната изработка. Прекинувачите во вратата се порабени со метални елементи, дури и штитниците за сонце се обложени со квалитетно платно, а површината околу вртливиот бирач за возење е посебно обработена со фин слој лак и создава убаво чувство под прстите при посегнувањето по бирачот. Буквално не постои детал што не поседува некаква „дополнителна вредност“. Така се создава реално нов модел.

Директорот Билбилов е посебно горд на тоа што го нуди најновиот и најпретставителен модел на Kia: „Не постои Sorento што ќе се продава на македонскиот пазар без автоматски менувач, без седум седишта или без погон на сите тркала“. Тоа е всушност само добар вовед во спецификацијата на Sorento. Пристап и старт без клуч е стандард уште во основната изведба на големиот СУВ, исто како двозонска автоматска клима, средишен дисплеј од 8 инчи и поврзување со паметен телефон, електрична паркирна сопирачка, електрично местење на возачкото седиште. Во Kia не кажуваат на памет дека Sorento е нивниот знаменосец.

Секој детал е изработен со многу внимание, нема компромиси, оваа Kia е создадена да одушеви и да освои; Површината покрај вртливиот бирач за возење е изработена со тенок слој лак што на допир е како сатен

Може да мине цел час додека „нов“ возач во Sorento се свести дека треба да појде со автомоилот, разгледувајќи што сé Kia му става на располагање во возилото. Приспособлив темпомат, самозатемнувачки ретровизор, диодна техника за предните и задните светла, алу-тркала од 18 инчи, дополнително затемнети задни стакла, хромирани вметоци во рачките на вратите. Убаво се живее во Sorento.

Одговараат и бројките: Сто килограми врз покривот, 2,1 метар кубен максимална зафатнина на товарниот простор, влечење приколка тешка до 2,5 тони

Не им е лесно на производителите да се изборат за место во овој сегмент. Дел од конкурентите се исто така големи имиња, од рангот на Jeep Cherokee, Land Rover Discovery Sport, Škoda Kodiaq, Honda CR-V, Mitsubishi Outlander, Seat Tarraco, Toyota RAV4, Volkswagen Tiguan AllSpace. Исто толку метеж владее во премиум сегментот, со Jaguar F-Pace, Lexus NX, Range Rover Velar, Volvo XC60, Porsche Macan, Mercedes GLC, BMW X3 и Audi Q5.

Kia не се брани, туку напаѓа. Sorento е најдолг, најширок и со најголемо растојание меѓу оските (по Mercedes GLC со 2,87 метри), најлесно маневрира (круг на вртење 11,6 m), има најголема максимална зафатнина на багажник, влече приколка до 2,5 тони, но и дозволува 100 kg тежина на багажот врз покривот (многумина при товарење забораваат на овој важен податок). Понатаму, Sorento 2.2 CRDi има највисок вртежен момент од 440 Nm (по Jeep, 450 Nm). На тоа се надоврзува „традиционалната“ седумгодишна гаранција за корејската марка.

Сончевиот покрив што е долг колку Smart е стандард од второто ниво на опрема EX Premium нагоре; Тоа е за случај кога на човек ќе му здодее од совршената распределба на струењето на воздухот во кабината, без провев и без звуци

Додека пристигнат варијантите со хибриден и приклучен хибриден погон, Sorento на македонскиот пазар ќе вози исклучиво со 2,2-литарски дизел со 202 КС. Новиот алуминиумски блок е за 19,5 килограми полесен од блокот од сив лив на претходникот. Целиот мотор е 38,2 килограми полесен. Лесниот нос се чувствува, главно преку отсуството на подуправување и преку лесната управливост кога се вози по кривулест пат. Возните својства и комфорот генерално профитираат од значително полесниот дизел.

Предењето на моторот главно е резултат од притисокот на впрскување од 2.200 бари; Во кабината воопшто не се сеќава дека моторот напред е дизел

Во исто време, 2,2-литарскиот CRDi се покажува како најпримерен од својот вид, со впрскување под притисок од 2.200 бари, со намалено триење, но и со мошне чист издув, благодарение на селективната каталитичка редукција. Уште една посебност на дизелот е тоа што моторот секогаш е комбиниран со 8-степен менувач со двојна спојка. Иновативната конструкција, со „мокра“ спојка, овозможува степените да се менуваат неосетно и брзо. Во поглед на погонската спрега, Sorento е меѓу поспособните модели од својата сорта. Кусо, немаме забелешки за ова важно подрачје, одиме на следното.

Додека се искачувавме на Кожуф, за подготовка на репортажата што ќе ја објавиме наскоро, првата асоцијација од звукот од моторот беше дека тој „работи како сингер“. Тоа е доказ за совршенството што денес го има достигнато дизел-технологијата, со впрскување под неверојатно високи притисоци, со прскалки со повеќе отвори, со неколку фази на впрскување на горивото во зависност од условите. Покрај тоа што работи исклучително тивко и култивирано, во апсолутно отсуство на каква било вибрација, Smartstream-дизелот во големата Kia секако дека се одликува и со примерна штедливост. Вредноста на потрошувачката на гориво на тестот се движеше околу седум литри. Според тоа што се покажа на тестот, дизелот обично не е премногу чувствителен на промена во динамиката на возење, така што при побрзи етапи или возење под полна натовареност би можело да се очекува потрошувачка зголемена за најмногу еден литар.

Во мултимедискиот систам фабрички се вчитани веродостојни природни звуци од различни средини, кои делуваат инспиративно и релаксирачки; Секако дека тоа оди со квалитетен JBL-аудио систем во EX Premium 2. Едно ниво погоре ечи Bose

Тоа што веднаш се забележува во возењето на новиот Sorento е исклучително ниското ниво на бучава. Постои уште една причина зошто големиот СУВ е толку тивок во возењето. Sorento првпат е достапен со хибриден погон. Во моментите кога моторот не работи и погонот целосно го презема електромоторот, секој звук доспеан во кабината, било да е тоа од подвозјето или од средината, патниците во хибридниот автомобил го доживуваат како да е десеткратно поинтензивно. За тоа да не се случи, Sorento е изолиран како премиерски кабинет. Тој врвен квалитет на новиот Sorento се чувствува во секојдневието, кога се чека во колона на семафор, кога некој стар автомобил со растропан дизел забрзува по соседната лента како да е на трка, сите звуци од надворешноста остануваат таму.

Sorento ги совладува стандардните вежби брилијантно, тоа што посебно привлекува вниамние се дополнителните способности – на пример, технологијата од типот на конективност или системи за асистенција

Во „класичните“ дисциплини, што значи во комфорот во возење, во просторноста, функционалноста, практичноста, возните својства, перформансите, динамиката, квалитетот, Kia Sorento од моделската година 2021 брилјира, односно ако тоа звучи премногу совршено, Sorento едноставно не си дозволува да направи пропуст во кој било поглед. Корејската марка (и) со овој модел си ги завршува стандардните задачи во најдобриот манир. Но, тоа што прави овој автомобил да биде Kia, тоа се дополнителните вредности.

Посебен печат во Kia Sorento остава „придружната“ автомобилска технологија – тоа се конективноста и системите за асистенција, вклучувајќи го и полу-автопилотот. По стариот пат од Демир Капија во правец на Гевгелија, двотонскиот СУВ немаше проблем за сам да го следи патот со вклучен систем HDA (Highway Driving Assist), читајќи ги обележаните ленти – единствено на едно место каде што се има случено вистински хаос од стари и нови ленти за обележување, камерите и сите сензори во Kia не беа во состојба да ја следат лентата. Возачот секако дека мора да биде подготвен на такви сценарија.

Темпоматот ги користи информациите од навигацијата и доколку има поостар свијок на патот, додека е вклучен полуавтопилотот, Sorento подзапира за свијокот да се совлада повеќе релаксирано, и потоа забрзува повторно

Приспособлив темпомат е стандард уште во основниот модел, и во комбинација со камера за знаци, тоa e докажано најделотворниот асистент против казни за брзо возење. На долги спустови, кога се создава колона напред, на пример од Плетвар или од Стража, темпоматот самостојно си подзапира и подзабрзува со колоната, поштедувајќи го возачот од неблагодарна возачка работа. Истото важи и за автопат. Kia и тука додава екстра функционалност. Место неколку потези и неколку копчиња за темпоматот да се вклучи, тука е доволно да се притисне двапати врз копчето за темпоматот и Sorento автоматски забрзува до дозволената брзина на одредената делница – нема потреба од местење и потврдување, автомобилов знае сам што треба да направи. Со користење на податоците од навигацијата, темпоматот дури и самостојно подзапира кога има поостар свијок напред, за потоа пак да забрза. Генијално. Големава Kia дури знае и сама да го прекине дотокот на воздух однадвор, пред да се влезе во тунел. Камерата го чита знакот за тунел и прикажува порака на суперширокиот дисплеј дека го затворила дотокот. Импресивно, така вистински се засакува оваа кола.

Колку што приказот во навигацискиот екран се разликува од монотониот приказ во старите генерации, толку и целиот автомобил се разликува од старите генерации СУВ-модели

Високото технолошко ниво е присутно во секој детал, па дури и се прикажува. Навигацијата, на пример, со обемот на информации што се прикажуваат, со графиката исто така, но и со брзината на обработка на податоците, далеку е светлосни години од системите за навигација што ги познававме до пред можеби половина деценија. Напредокот во Kia се случува, тоа е видливо.

Вртливиот бирач за возење е голема комоција и сатисфакција за сопствениците на Sorento. Овој модел се разликува од СУВ-моделите од претходните генерации, исто колку што класичен бирач на автоматски менувач се разликува од овој ротациски контролер, со свртување влево за наназад, во десно за напред и со копче за паркирање во средина. Голема новина во четвртата генерација на моделов е системот Terrain Mode, изворно познат од Land Rover и во меѓувреме прераснат во стандард во СУВ-моделите од повисоките класи. Системот преку приспособување на распределбата на вртежен момент до тркалата и на работата на менувачот, како и со соодветен режим на системите за контрола на тракцијата и на стабилноста, се грижи Sorento лесно и достоинствено да се пробива по кал, снег или песок. За избор на програмите за возење по терен се користи истиот вртлив прекинувач што служи и за избор на програмите за возење по асфалт, односно спортска, штедлива и комфорна програма (влијае врз работата на моторот, менувачот и врз сервоподдршката на управувањето). Kia и тука додава екстра функционалност: Четвртата програма е Smart, кога целата сензорика во автомобилов ги препознава условите и соодветно конфигурира.

Лево се програми за возење по асфалт, десно се програми за возење по терен; Во првите се менува и сервоподдршката во управувањето, додека во вторите главно се дозволува контролирано пролизгување, за полесно да се совлада одредена подлога

Малку и за третиот ред седишта. Со притискање копче покрај потпирачите за глава, седиштата во вториот ред буквално се катапултираат со помош на електрика, за да се ослободи пристап до последниот ред. Седиштата во средниот ред се местат надолжно и по агол, тоа е добро место да се патува во Sorento. Касетата од ролетната на багажникот се сместува комотно во подот на багажникот, а нормално дека таму се наоѓаат и копчиња за соборување на вториот ред. Што се однесува до третиот ред, и таму има доволно простор, секако доколку патниците во вториот ред малку ја повлечат клупата понапред. Седиштата со број 6 и 7 добиваат по еден USB-приклучок, по еден држач за чаша и посебна преграда, посебен канал за доток на свеж воздух. Целиот простор е изработен беспрекорно и обложен е со квалитетен материјал. Многу примерно.

Детали на шоферска лимузина во Kia: На совозачкото седиште се наоѓаат команди за патник на задната клупа да може да го нагоди седиштето пред него по „своја мера“

Секогаш ќе се најде по некој нов детал да одушеви и да покаже со колку внимание е конструиран и изработен овој автомобил. Просторот пред рачката за отворање на вратата, на пример, изведен е мазно и се забележува дека има некаков профил. Секако дека тоа не е случајно, оваа форма на панелот дозволува воздухот лесно да струи во просторот покрај вратата. Во вратата има и посебно изведена површина, на којашто „природно“ се потпира левото колено на возачот. Тие што сакаат брзо возење и коленото во остри свијоци го потпираат на вратата, знаат што значи кога по брза тура нема да ги боли колено. Има интелигенција дури и за лежиштето за безжично полнење на телефонот. Место попречно, телефонот тука лежи надолжно. Зошто? За возачот или совозачот да имаат увид кога ќе им пристигне соопштение на телефонот. Има и копчиња во совозачкото седиште, за патник на задната клупа да може од неговото место да го помести седиштето пред него и да си ослободи повеќе простор – тоа е директорска функција и укажува на профилот на патниците во овој автомобил. Тоа едноставно е Kia Sorento. Беспрекорно и со многу пријатни изненадувања.

Kia Sorento во Македонија е достапен во три нивоа на опрема. Нагласокот во спецификацијата е ставен на премиум карактерот на моделот, што значи дека во ценовникот не фигурира „основен“ модел што никој не го избира и што повеќе иритира, туку менаџерите на македонската Kia составиле изведби што точно одговараат на реалните барања на купувачите. Сите нивоа на опрема се Premium. Почетокот е 44.500 евра, за Kia Sorento 2.2 CRDi EX Premium 1. Покрај изобилството од комфорна и функционална опрема, импресионира пакетот од системи за асистенција: Самостојно запирање при опасност од судир, вклучувајќи и препознавање пешак или велосипедист на пат, запирање при опасност од влетување во возило што доаѓа отспротива при скршнување влево, систем за следење и задржување во лента, предупредување за возило во мртов агол, автоматско долго светло, предупредување за замор, паркинг сензори напред и назад со камера. Има и „деветта“ воздушна перница, меѓу предните седишта. Средишниот дисплеј во оваа изведба на Sorento има пречник од 8 инчи (203 mm).

Средното ниво е EX Premium 2, како во тестираниот автомобил, и за екстра 5.450 евра во однос на првото ниво, нуди чувство на „all-inclusive“ хотел, со следниве ставки: Полуавтопилот за следење лента и за интелигентно одржување на брзината, команди на волан за менувачот, самостојно паркирање, дигитални инструменти (12,3”, 312 mm) со резолуција 1920х720 точки, средишен дисплеј од 10,25 инчи (260 mm), безжичен полнач, панорамски покрив, греење на волан, електрика за предните седишта, кожени седишта со грејачи, електрика за задниот поклопец, предни светла со диодна техника за сите функции и алу-тркала од 19 инчи со гуми 235/55.

Максимумот во Kia Sorento чини 59.950 евра. Нивото EX Premium 3, кај премиум конкурентите без проблем би чинело над 80.000 евра. Во споредба со второто ниво на опрема, тука следат уште: Самостојно запирање при возило што доаѓа од попречен правец при излегување наназад, четири камери што се грижат за најреално прикажување на положбата на возилото, прикажува директно во инструментите на слика од камера од возило што е во мртов агол, далечинско паркирање при тесен простор, проекциски дисплеј, посебна контрола на клима за третиот ред, аудио систем Bose со 7 звучници и сабвуфер, седишта обложени во мека телешка напа-кожа со вентилација за предните седишта, тркала од 20 инчи со гуми 255/45.

Kia Sorento е меѓу ретките модели во повисокиот ценовен сегмент што уште е интересен и без електричен погон

Кај новата генерација на Sorento, главното прашање е: Колку моделите на премиум марките навистина се издвојуваат од овој голем СУВ на Kia? Браншата постојано напредува, се воведуваат нови технологии, се усовршува. Но, некој напредува повеќе, некој помалку. Kia очигледно веќе гази со многу подолги чекори од повеќето марки што ја предводат браншата. Дизајнот, изработката, материјалите, комфорот, возните својства, технологијата, грижата за животната средина, сето тоа Sorento го негува на врвно ниво, па дури и на примерно ниво. Во поглед на цената, Kia одамна нема потреба да се пробива со пониска цена од конкуренцијата или со екстра понуда. Но, високата противвредност останува. Луѓето веруваат во маркава и во нејзините модели, и едноставно се подготвени да платат исто колку за конкурентските модели, но затоа се свесни дека секогаш добиваат повеќе. Резимето: Kia Sorento е автомобил што се избира заради Kia и заради името Sorento, што долго е присутно на сцената. Kia Sorento е воедно и еден од ретките автомобили во овој ценовен сегмент што уште е способен да привлече купувачи и без да нуди чисто електричен погон – иако има одговор и за тоа, Sorento се нуди и во изведби со хибриден и приклучен хибриден погон. За електрификацијата во Kia: Нема да изненади ако наскоро во салонот на „Перо Наков“ се појави чисто електричен EV6. Но, прво претстои уште една голема премиера – новата генерација на Sportage, еден од најуспешните СУВ-модели на македонскиот пазар.

>>> На нашиот профил на инстаграм можете да ја погледнете сторијата од искачувањето на Кожуф

Цена на тестиран модел: Kia Sorento 2.2 CRDi EX Premium 2 · 44.500 евра

Сериска опременост во EX Premium 2

Електронска контрола на стабилизација – ESC
Асистенција при тргнување на нагорнина – HAC
Kонтрола на притисок во пневматиците – TPMS
Воздушни перници (2х предни, 2х странични, 2х завеси и централно помеѓу првиот ред седишта)
Централно делечинско заклучување со волуметарски алармен систем
Детекција на мртов агол – BCA
Систем за одржување на возилото во лента – LKAS
Систем за избегнување фронтален удар – FCA
Ситем за избегнување на фронтален удар во раскрсница – FCA JX
Автоматска регулација на долги светла – HBA
Предупредување на замор кај возач – DAW
Ситем за следење на лента – LFA
Предни и задни сензори за помош при паркирање
Електрично склопување на ретровизори со LED трепкачи
Алуминиумски тркала 235/55R19
Автоматски клима уред со две независни зони и автоматско одмаглување на стакла
Aудио команди на управувач
Управувач подесив по висина и длабочина
Отклучување на автомобилот и стартување на моторот со копче – Smart Key
Внатрешен ретровизор со електронско замаглување
Потпирач за рака на централна конзола со USB конектори за задна клупа
Eлектрична паркирна сопирачка
Електрично подесување на возачко седиште
Адаптивен темпомат и ограничувач на брзина
Управувач и рачка на менувач обложени со кожа
Сензор за автоматска контрола на светла и бришачи
Метална декорација во внатрешноста
Делива задна клупа 60:40
Помошно резервно тркало со дигалка и алат
Мултимедијален систем со 10.25″ дисплеј осетлив на допир, Навигација, Android Auto, Apple CarPlay, JBL аудио систем со 7 звучници и активен Subwoofer
Инструмент табла со 12.3″ TFT LCD дисплеј
Греење на предни седишта и задна клупа
Менувач со палки на управувач – E-Shift
Панорамски сончев кров
Електрично отварање на петта врата
Електрично подесување на возачко седиште со меморија
Електрично подесување на совозачко седиште
Кожени седишта со греење
Мултифункционален управувач со греење
Безжичен полнач на телефон
Предни и задни светла со LED технологија
Дневни светла со LED технологија
Задни LED светла
LED светла за магла
Дополнително затемнети стакла во заден дел
Хромирани рачки на вратите
Кровни шини
Алуминиумски тркала 235/60R18
“DUAL LED” предни светла

ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ

Марка

KIA

Модел

Sorento 2.2 CRDi

Тип

EX Premium 2 AWD DCT8

Моделска серија

Sorento (MQ4) (старт 10/20)

Интерна ознака

MQ4

Почеток на продажба во Европа

10/20

Почеток на моделска серија

10/20

Цена на моделска изведба

44.500 евра

МОТОР И ПОГОН

Вид на мотор

Дизел

Код на мотор D4HE
Моќност kW 148
Моќност КС 202
Вртежен момент 440 Nm

Вид на гориво

Дизел

Вид на погон

На сите тркала
Вид на менувач Автоматски со двојна спојка
Број на степени 8

Класа на емисија

Euro 6d-ISC-FCM (WLTP) 36AP-AR
Положба на мотор / Конструкција Напред / Линиски
Пречистување издувни гасови SCR-катализатор и NOx-акумулациски катализатор со DPF

Број на цилиндри

4

Поодготовка на смеша

Common Rail

Натполнење

Turbo

Вентили

4

Работна зафатнина

2151 ccm

Моќност

148 kW (202 КС) при 3800/min

Вртежен момент

440 Nm при 1750/min

Старт-стоп

Стандард

ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ

Должина

4810 mm

Ширина

1900 mm

Висина

1695 mm

Меѓуоскино растојание

2815 mm

Растојание од подлога

176 mm

Круг на вртење

11,6 m

Агол на пристап

16,8 степени

Агол на заминување

21,3 степени

Агол на рампа

16,5 степени

Багажник, нормално

705 l

Багажник, со соборена клупа

2100 l
Тежина на празно возило (EU) 1852 kg

Вкупно дозволена тежина

2510 kg

Носивост

658 kg
Приколка со сопирачки, до 12% 2500 kg

Приколка без сопирачки

750 kg

Тежина врз кука

100 kg

Носивост на покрив

100 kg

Гуми

235/60R18

ПЕРФОРМАНСИ

Забрзување 0-100km/h 9,2 s

Највисока брзина

202 km/h

Бучава во возење

69 dB
Потрошувачка во град (NEDC) 6,8 l/100km
Потрошувачка на пат (NEDC) 5,1 l/100km
Потрошувачка просек (NEDC) 5,7 l/100km
CO2 (NEDC) 150 g/km

Резервоар

67,0 l

Количина на адблу

14,0 l

>>> Кон страницата за моделот на Киа Моторс Македонија

Kia вградува 17 системи за асистенција во новиот Sorento

Kia Sorento има ретровизори“ во таблата со инструменти Kia Blind Spot View Monitor
Kia Sorento има ретровизори“ во таблата со инструменти Kia Blind Spot View Monitor

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Кина месечно се продаваат повеќе од 200.000 електрични возила

Opel Grandland дотеран како за знаменосец на СУВ-понудата