Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)

Електричен автомобил првпат го возеше најширокиот моќжен круг низ Македонија уште пред шест години. Но, оттогаш сé е сменето, во цените, перформансите, брзината на полнење, па и во мрежата од полначи. Токму Липмотор Ц10, од најновата марка на македонскиот пазар, ќе покаже како денес возат електричните автомобили.

Липмотор Ц10 на качување на Галичица од преспанската страна, глетка на заливот на Стење

За Липмотор се слушаше уште долго пред летоска да стане дел од македонската автомобилска сцена. Се зборуваше „квалитетно“, а тоа значи: Кинескиот стартап што е специјализиран за електричен погон, дел е од концернот Стелантис, од групацијата на Фиат и Пежо. Тоа првпат даде одговор на прашањето што прво се поставува кога производител на автомобили од Кина доаѓа на пазарот: Што со сервисирањето, со резервните делови, гаранциите, сигурноста во иднината на марката, па и со градењето на нејзиниот имиџ?

Клучниот збор е токму Стелантис. Концернот ја стави марката под свој покрив, и целата продажба, постпродажба, логистиката, маркетингот, ја вклучи во својата машинерија. Липмотор се продава и се сервисира исто како секоја од остантите 14 марки на Стелантис. Во Македонија, Липмотор е изложен во салон заедно со Ситроен, и се сервисира преку увозникот Автонова.

Со тоа е тргната првата неизвесност околу новата марка. А, веднаш потоа паѓа и втората неизвесност – електричниот погон. Дали се исплатува да се премине на погон на струја, или сепак е подобро и поевтино да се избере нов автомобил со „стариот“ и добар погон, со бензинец, можеби дизел или хибрид? Понатаму се верува дека електричните автомобили се скапи и имаат мал досег, чувствителни се на студ, на возење на нагорнина и натоварени, на стоење во место со вклучена клима, а веројатно и батеријата не трае подолго од гаранцијата.

Е, тука клучниот збор е Липмотор, односно Кина. Светот веќе одамна се свести дека кинеските автомобили не се „поевтини“ оти во нив е поевтина пластиката или ламарината се витка, туку се поевтини затоа што суровините за батериите ѝ се дома, не ги увезува, а воедно и производството е поефикасно и посовремено, па на крајот и енергијата не е скапа како во Европа.

Така се добива електричен Липмотор Ц10, во форма на пристоен и претставителен СУВ од средна класа, што чини колку модел од традиционален производител со обичен мотор. Тоа што Ц10 поседува и повеќе опременост, па и посилни перформанси од СУВ од средна класа со споредлива цена, само му носи повеќе симпатии на автомобилов.

Досегот од 420 километри е повеќе од доволен, ако се има предвид дека денес на помалку од сто километри има најмалку една станица за полнење

За досегот, фабрика вели 420 километри со батеријата од 69,9 киловатчасови, во моделот со акциска цена од 29.900 евра, што е 2.000 евра под редовната. За полнењето, не би требало да се троши многу време, затоа што наполнетост од 80 проценти се постигнува за 30 минути на брз полнач, каде што Липмотор Ц10 црпи со моќност од 84 киловатчасови.

Остануваат гаранциите. Липмотор вели 4 години или 100.000 километри општо за техниката на автомобилот и 8 години за батеријата или 160.000 километри. Различно од заблудите дека батеријата ќе откаже веднаш по истекувањето на гаранцискиот рок, производителот не гарантира дека батеријата ќе издржи 8 години, туку гарантира дека таа ќе задржи 80 проценти од максималниот капацитет. Со други зборови, батеријата веројатно и по 20 години уште ќе испорачува енергија и ќе го задржи вредност блиску до гарантираниот капацитетот. Тоа би било исто како со производи во супермаркет, на коишто им истекува рокот.

Податоци за тестираниот Липмотор Ц10 во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар Автосалон МК

Leapmotor C10 Design Pro

Пат од 800 километри низ сите предизвици на македонската природа и патни услови

Во тој случај, штом новиот автомобил ќе се изнесе од салон, веднаш може да се појде на пат околу светот? Тоа би било возбудлива авантура, но подобро е прво да се провери како функционира автомобилов во македонски услови. За тоа е измислена традиционалната тура на Аутомедиа, на пат во должина од близу 800 километри, по најширокиот круг што може да се извози на пат во границите на државата.

На овој исклучителен тест, досега биле подложени легендарни модели, меѓу другото и актуелната Тојота Корола со хибриден погон во 2019 година, кога се постигна просечна потрошувачка од околу 3,5 литри. Истата ја имаат минато и неколку електрични модели во изминативе години, но се чини дека многу нешта оттогаш се сменети.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Липмотор Ц10: Електричните автомобили денес се подостапни и поспособни

Секако дека промените се случија во самата техника на електричниот погон, како и во тоа што на пазарот се појавија подостапни, а пак целосно искористливи автомобили, па се сменија и нештата околу можностите за полнење батерија на пат.

Додека некогаш мораше да се смета на најмалку 60.000 евра за СУВ со способности како Липмотор Ц10, како во поглед на перформансите, така во поглед на практичноста, денес сето тоа се нуди за точно двапати помала сума. Со досегот од 420 километри може да се живее и повеќе од добро на пат, имајќи предвид дека денес меѓу два полначи одвај дека има стотина километри, во кој било правец и насока да се појде долж континентот.

Осум планински превои по пат, највисокиот на 1.600 метри

Но, нас повеќе нé интересира како овој електричен Липмотор Ц10 се справува со македонските планини. Рутата долга близу 800 километри вклучува осум планински превои, од кои најнискиот е кај кривопаланечки Страцин, на висина од 692 метри, а највисокиот е на Галичица, на Липова Ливада, на висина од 1.568 метри.

Единствената неизвесност на тестот беше по 230 извозени километри од поаѓањето во Скопје, по Берово. Досегот изнесуваше 196 километри и потрошувачката на Ц10 се движеше во рамките на фабричкиот податок за досегот. Меѓутоа, престоеше долго искачување по Осоговијата, со два планински превои на Огражден, на Палазлија на висина од 1.145 метри и Преведена, на 1.200 метри.

Со бензин за 90 километри уште не треба да се мисли за полнење гориво, но со електричен автомобил е веќе неизвесно?

До одредиштето, станицата со брз полнач на ЕВН, поставена на станицата за гориво на Макпетрол, веднаш покрај граничниот премин Богородица, остануваа уште стотина километри пат. Според пресметките, на полначот требаше да се пристигне со околу 90 километри досег. Тоа се уште не е вредност за паничење, затоа што по пат има на располагање и брз полнач во Струмица, на половина пат.

Како се однесуваше Липмотор Ц10 на ова невообичаено патување, погледнете во видеото што ги прикажува сите моменти, податоци и сите впечатоци. Во првото видео што е објавено на Јутјуб е прикажано патувањето до полначот во гевгелиско.

Видеото од првиот дел од патувањето

Во вториот дел следи продолжението на патешествието, прво до Дојран, заради овековечување на овој, ништо помалку од историски настан, а потоа повторно угоре до Неготино, Кавадарци, Плетвар,. Прилеп, Битола, Ѓавато, Отешево, Галичица, Охрид, па назад до Скопје.

Во следната објава на порталот ќе биде подетално претставен самиот Липмотор Ц10, со технички податоци, опременост, цени, гама на модели.

Претходна објаваТрите С-Класи го обиколија светот, преку Турција се вратија во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here