
Порше го покажа автомобилот што веројатно е клучен во пресвртницата на германската спортска марка.
Концептот Мишн С е прикажан првпат на 15-ти октомври во Њујорк и навестува дека враќањето на Порше во сегментот на суперспортски автомбили со средишно вграден мотор е блиску до решена работа.
Порше на денот за инвеститори, што се одржа на 7-ми октомври, потврди дека работи на платформа за спортски автомобил со средишно вграден мотор.
„Сакаме да го користиме како основа за нов спортски автомобил со средишен мотор, којшто ќе биде позициониран високо над 911,“ коментираше тогаш извршниот директор на Порше, Михаел Лајтерс, околу новата платформа.

„Мишн С е замисла за можниот изглед на тој автомобил. Велам, можниот изглед. Тоа е визија како Порше може да продолжи да се развива, задржувајќи ја препознатливоста на Порше,“ кажа Лајтерс. „Тој прикажува некои од идеите, пропорциите и дизајнерските начела, што ќе влијаат врз нашите идни модели и ќе ни помогнат да го создадеме следното поглавје на нашата марка.“
Лајтерс при тогашното обраќање на новинарите на 7-ми октомври, кажа дека платформата е мошне приспособлива и може да прифати и мотор со внатрешно согорување и хибриден или приклучен хибриден погон. Порше ќе ги слуша клиентите, напомена директорот.
Но, тој нема да биде електричен.
„Нема да постои БЕВ врз таа платформа, затоа што нема побарувачка за ЕВ во овој сегмент,“ заклучи Лајтерс.
Купето со две врати е ниско, со долги каросериски испусти и со впечатлива права линија што кружи околу целиот автомобил.
Светлата од коишто се издвоени трепкачите, покажуваат сличност со вечната 911-ка, но се воочуваат и сличности со Гарера ГТ, прочуениот суперспортски автомобил од почетокот на 2000-те, како и од 918 Спајдер од 2013 година.

Назад се воочуваат светла што се издвоени од каросеријата и издувни цевки што во пар се поставени една над друга. Каросеријата поседува и вшмукувач на воздух во покривот, чеп за долевање гориво на хауба и бројни детали што се изработени од карбон.
Внатрешноста е отмена и ненаметлива, со изглед што потсеќа на Карера ГТ. На аналогниот бројач на вртежи и на дигиталниот екран им се придружуваат физички копчиња.
„Ние го развивме говорот на формите што ќе ги гледате во нашата идна понуда,“ изјави Тобијас Зилман, главниот дизајнер на Порше, додавајќи дека изгледот на Мишн С „зборува и вреска Порше.“
Германците не наведуваат дали и кога би започнало производството на Мишн С, но е јасно дека Порше нема да пропушти да го искористи овој дизајн.
„Сигурен сум дека нашите пријатели во ќе го сакаат ова,“ кажа Лајтерс.
Доколку се одобри Мишн С да влезе во производство, тоа веројатно би се случило по лансирањето на електричната двојка од купето 718 Кајман и родстерот 718 Бокстер, како и на новиот кросовер од компактна класа со мотор со внатрешно согорување и со приклучен хибриден погон.
Од телефонски повик до готов концепт за 8 месеци
Зилман, кој има раководено со дизајнот на Бентли и Мекларен (шефот Лајтерс дојде во Порше од Мекларен), на 1-ви февруари го презеде дизајнирањето на Порше. Тој веднаш почнал да работи на концептот Мишн С.
Дизајнерот се сеќава дека Лајтерс му ја соооштил идејата уште пред околу осум месеци.
„Тој имаше визија за автомобил што ќе биде позициониран над 911 и разговаравме за неколку идеи,“ кажа Зилман. „Не можам да поверувам дека по толку кусо време, ние сега го имаме тој производ покрај нас.“
Зилман веднаш почнал да работи со неговиот дизајнерски тим, заедно со инженерите и експертите за аеродинамика на Порше.
„Тоа беше неверојатно патување,“ изјави Зилман на тркалезната маска со новинарите, „затоа што сите се внесоа во проектот од самиот почеток.“














