
Тојота профитираше од тоа што им се посвети на автомобилите со хибриден погон, иако се соочува со силна конкуренција од кинеските производители на електрични автомобили и од зголемената побарувачка за електрични возила, поради поскапените горива од војната во Иран.
Јапонскиот производител соопшти дека планира годинава да ја заврши со оперативен профит од 24,6 милијарди долари, откако во последното тромесечје од јули до септември го зголеми оперативниот приход за 34 проценти, на преку 7,1 милијарди долари.
За разлика од останатите производители на автомобили што ги вложија сите карти на електрични возила, за потоа неповратно да отпишат милијарди вложени долари, откако ослабна побарувачката за електрични возила, Тојота се насочи првенствено кон усовршување на хибридната технологија, на чијашто популаризација работи уште од првиот Приус од 1997 година.
Таа стратегија ѝ беше од клучна корист на Тојота за да го задржи пазарниот удел во САД, којшто е нејзин најголем пазар, и да се одбрани од кинеските производители на електрични автомобили што се пробиваат брзо на останатите пазари.
Додека поскапените горива влијаат врз купувачкиот дух на кинескиот автомобилски пазар, каде што владее жестока конкуренција, Тојота возвраќа, изјави директорот за финансии Јоичи Мијазаки на брифингот.
„Успеавме да го запреме падот на нашиот пазарен удел и сега почнуваме да враќаме дел од теренот,“ изјави директорот.
Тојота ги спушти предвидувањата за продукцијата годинава, од претходните 11,18 милиони на сегашните 10,99 милиони возила. Причина за тоа беше падот во продажбата во Кина, каде што увозните марки постепено го губеа својот удел од домашните производители, предводени од Би Уај Ди.
Јапонскиот производител планира премиерата на следната генерација на Корола да ја одржи во Кина. Директорите најавија и целосно електрична изведба, што ќе биде голема промена кај најпродаваната моделска серија во светот.
Тојота планира да ја зголеми продажбата во Кина со изградба на нова фабрика во Шангај. Во неа ќе се произведуваат електрични модели под знакот на Лексус, почнувајќи од 2027 година. Производството е планирано да започне во септември, а целта беше времетраењето на развојот да се скуси на 18 месеци, кажа Мијазаки.
Кина сé повеќе го одредува темпото на развој на светската автомобилска индустрија, како во производството и конструирањето, така и во софтверот и во автономното возење.
Тојота Јарис Крос во онлајн-каталогот со податоци и цени за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Тојота го забрзува развојот на роботи
Тојота соопшти и дека ќе основа бизнис за роботика, за производителите на автомобили и други индустрии да ги снабдува со роботи. Тоа ќе биде клучен бизнис за натамошниот развој на компанијата.
Со новиот огранок ќе раководи директорот за производство Такефуми Шига. Целта е да се забрза примената во практика, комерцијализацијата и обемот на користење роботи во фабриките.
Тојота планира да вложи околу 140 милиони долари во истражување и развој до 2030 година.















