
Податоците за продажбата на нови автомобили на германскиот пазар го потврдуваат тоа што менаџерите на Мерцедес-Бенц го јавуваат подолго време. ЦЛА ги надмина сите очекувања на директорите и најпродаван модел е во средната класа во октомври, не пропушта и ГЛЦ, а се покажуваат и резултатите од моделското освежување на С-Класата. Меѓу големите ванови важи класиката, В-Класа.
Новиот Мерцедес-Бенц ЦЛА е најпродаван модел од средната класа на марката со ѕвездата на германскиот пазар во минатиот месец, исто како што ГЛЦ е најпродаван СУВ, и исто како што не постои луксузна лимузина што повеќе се продава од С-Класата или голем ван што е повеќе баран од В-Класата.
Првиот модел од најголемата офанзива на Мерцедес-Бенц во историјата, со преку 40 нови и освежени модели, ЦЛА, во октомври постигнал 3.696 продажби и држи речиси петина од пазарот на модели од средната класа (18,3%), со раст од 24,2 проценти во споредба со истиот месец лани.
Зачудувачки скок има кај знаменосецот, кај „зондеркласе“, С-Класата со 250,3% во плус и регистрирани 662 нови возила. Специјалната Класа на Мерцедес-Бенц држи близу половина од овој сегмент, со 47 проценти.
ГЛЦ е шампионот на марката со сребрената ѕвезда со 6.310 возила, и исто така постигнува несекојдневен раст од 80,4 проценти. Пазарниот удел на ГЛЦ е 6,6 проценти, што укажува на острата конкурентска состојба во сегментот на СУВ-возилата.
„С-Класата“ меѓу вановите, В-Класата, во октомври постигнала 1.283 продажби, за 22,3% повеќе од истиот месец во 2025 година. Секако дека е висок уделот на „Вариабел-класата“, со 41,4 проценти.
Вкупно во 14-те класи што ги опфаќа ненадминатата германска статистика за продажбата на возила – наспроти непостоечката статистика за македонскиот пазар, од вообичаените бирократски причини – во октомври биле продадени 254.492 возила или за 1,7 процент повеќе од истиот месец лани.
Електричните автомобили (94.086 возила) имаат рекорден удел од дури 37 проценти во вкупната продажба на електрифицирани и возила со алтернативно гориво на германскиот пазар, додека приклучните хибриди заостануваат со 11,2 проценти.
На класични и благи хибриди отпаѓаат 26,5 проценти (полн хибрид а ла Тојота 5,4%), автогасот е речиси занемарлив со 0,8 процент. Електрифицирани возила и автомобили со погон на автогас учествувале со 75,5% во вкупната продажба во Германија, со 192.088 возила. Тоа е раст од 24 проценти.
Најпродавани модели во средна класа
1 Мерцедес-Бенц ЦЛА со 3.696 возила
2 Фолксваген Пасат Вариант со 3.323 возила
3 БМВ Серија 3 со 2.857 возила
4 Ауди А5 со 2.579 возила
5 Мерцедес-Бенц Ц-Класа со 2.267 возила
Најпродавани модели во висока класа
1 Мерцедес-Бенц С-Класа со 662 возила
2 Порше Панамера со 256 возила
3 Порше Тајкан со 176 возила
4 БМВ Серија 7 со 148 возила
5 Ауди Е-Трон ГТ со 90 возила
Најпродавани модели во СУВ-сегментот
1 Мерцедес-Бенц ГЛЦ со 6.310 возила
2 БМВ Икс 1 со 5.518 возила
3 Фолксваген Т-РОк со 4.667 возила
4 Шкода Елрок со 3.542 возила
5 Фолксваген ИД.4, ИД.5 со 3.188 возила















