
Кога кабината на возилото ќе се загрее на 60 степени Целзиусови, таа се претвора во опасна зона. Тоа што честопати се остава безгрижно во возилото, може да предизвика палење на батеријата или експлодирање на конзервите, а некои лекарства се претвораат во отров.
Не треба да мине долго, за кабината да се претвори во печка, без разлика дали се паркира пред супермаркет, се чека во застој на пат или возилото се остава да се пече додека луѓето се разладуваат в море.
За половина час, внатрешноста на возилото се загрева на преку 45 степени Церлзиусови, а половина час подоцна, температурата достига 60 степени, па и повеќе. Овие температури се опасни за човекот, но и за предметите.
Свежи намирници, опасност од развој на бактерии
Температури меѓу 20 и 60 степени Целзиусови се погодни за развој на бактерии, како салмонела или листерија. За само неколку минути, кабината на возилото го достига ова температурно подрачје. Јогурт, салама, непреработено месо или салати со преливи за кусо време достигнуваат опасна количина бактерии, без тоа да е видливо или да добие миризба.
Опасност доаѓа и од отворени или оштетени конзерви. Под дејство на растечкиот притисок под топлината, тие може да набабрат или да покажат пукнатини. Многумина преоѓаат преку тоа.
Совет: Разладна кутија што ја чува содржината од жештина може да биде паметна инвестиција, посебно што во трговската мрежа се нудат такви чанти и за неколку стотини денари.

Телефон, таблет или лаптоп
Литиум-јон батериите не трпат долготрајна жештина. Над 45 степени, во внатрешноста на батеријата почнуваат хемиски процеси, што се неповратни. Капацитетот се скусува трајно, батеријата старее, во најлош случај може да набабри или да се запали. Овие пожари тешко се гаснат и ослободуваат отровни гасови. Багажникот исто така не е безбедно место за оставање, затоа што таму може да стане уште пожешко отколку во кабината.
Спрејовите се потценета опасност
Спреј за коса, дезодоранс, спреј против инсекти или крема за сончање во боца со пумпа се под притисок. Повеќето спрејови се дозволени за користење до температура од 50 степени. Таа вредност брзо се достигнува кога возилото останува паркирано, а посебно ако спрејот е врз таблата или зад седиштата.
Доколку притисокот порасне прекумерно, спрејот пука. Излетаните парчиња и содржината на спрејовите, што честопати е запалива, не само што носат опасност од повреда, туку може и трајно да ја оштетат кабината.
Восочни боици и пластични играчки
Восочните боици целосно се растопуваат кога станува жешко во возилото и продираат длабоко во седиштата, во теписите или во облогите. Од тоа може да останат дамки, што одвај се отстрануваат, вклучувајќи неопходност од скапа професионална услуга.
Треба да се внимава и со пластичните играчки. Фигурите и коцките од обична пластика може да се растопат. Притоа се ослободуваат органски соединенија, што создаваат препознатлива миризба на пластика и предизвикаат загаденост на воздухот во кабината.
Вредни предмети и очила
Вредните предмети, како телефон, паричник или ташна се своевидна покана за крадците. Поради големата раздвиженост и метежот, крадците повеќе се охрабруваат, затоа што може да останат незабележани кога провалуваат во возилото.
Покрај тоа, постои опасност сончевите очила со пластична рамка да се свиткаат над температури од 70 степени Целзиусови, а исто и очилата со посебен заштитен слој ја губат делотворноста или затемнетоста. Кожените предмети, часовниците и накитот секако се чувствителни на жештина.
Внимателно со лекарствата
Инсулинот не треба да се чува на потопло од 25 степени Целзиусови. Доволно е мало пречекорување на температурата за неговата структура да се смени, без тоа да биде забележливо. Поради тоа е голема опасноста за дијабетичарите, затоа што средството не го постигнува неопходното дејство.
Тоа важи и за голем број антибиотици, за капки за очи, течни витамински препарати, па дури и таблетите го губат заштитниот слој или почнуваат да се разложуваат под дејство на прекумерна топлина.














