Екстремен краш-тест каков што само Мерцедес-Бенц може да изведе

Мерцедес-Бенц судира автомобили уште од 1969 година и досега го има направено тоа преку 6.000 пати во најразлични сценарија. Овојпат се работи за два автомобили ЦЛА, што се судираат странично – електрични и тешки преку два тони.

Мерцедес-Бенц си постави задача да направи нестандарен краш-тест и да ја покаже безбедноста на своите ЦЛА, едната електрична, другата хибридна, тешки преку два тони. Безбедноста секако важи прво за патниците, но е важна и заштитата на батеријата.

Мерцедес-Бенц првпат пред публика изведе тежок судир на крстосница. Двете возила се движеа со 56 километри на час, различно од вообиачените стандардни процедури во браншата, кога возило удира во бариера што мирува или возилото мирува, а бариерата удира во него отстрана.

Вакво сценарио би било потешко да се случи во реални услови со Мерцедес-Бенц ЦЛА, затоа што моделите располагаат со системи за асистенција што меѓу другото препознаваат опасност од судир на крстосница и го запираат возилото. Овојпат, техничарите ги исклучлија системите и ги пуштија двете ЦЛА да си ја покажат „силата“.

За овој уверлив тест беа избрани комби-купе изведбата ЦЛА Шутинг Брејк со хибриден погон и целосно електрична лимузинска ЦЛА. Првата удри директно во возачката врата на втората, двете во возење со брзина од 56 километри на час, двете потешки од два тони.

Експертите посочуваат дека брзината од 56 километри на час, според реалните случаи на судири на улица, претставува крајна вредност на брзина при судир – имајќи предвид дека возачите реагираат и се обидуваат да запрат пред да настане судирот. Покрај тоа, и брзината во град обично е ограничена на 50 километри на час.

Заштитата при страничен судир е многу поважна и потешка, затоа што не може да се изведе толкав простор за гмечење и апсорбирање на енергијата, како што тоа е случај со носот на возилото. Затоа, овој судир на ЦЛА покажува најверодсотојно колкаво навистина е нивото на заштита на патниците, на структурата на каросеријата и на високонапонската батерија што е во подот.

Резултатите од тестот: Сé e цврсто

Каросеријата остана цврста и вратите се отвораа без проблем. Мерните вредности на сите осум краш-кукли – со детски краш-кукли на задната клупа – не покажаа прекумерно напшрегање или повреди. Секоја кукла располага со преку 150 сензори. Но, за безбедноста е важно и тоа што батеријата мина без оштетување.

Нашата цел е Мерцедес-Бенц да ги произведува најбезбедните возила во светот. Поради тоа, ние ги развиваме безбедносните системи за тоа што навистина се случува на улица. Првиот јавен краш-тест на крстосница во оваа поставка ја потврдува нашата цел.
Јерг Бурцер, шеф за технологиоја и развој во Мерцедес-Бенц Група АГ

Штутгарт посочи дека една четвртина од незгодите во коишто се настанати повреди се при странични судири. Затоа Германците напоменуваат дека овој краш-тест на ЦЛА веродостојно ја прикажува безбедноста, во многу потешки услови отколку што тоа го бараат пропишаните стандарди на краш-тестови.

Секој нов модел на Мерцедес-Бенц мора прво да мине виртуелни краш-тестови. При развојот, обично се вршат околу 15.000 такви симулации. Денес помага и вештачката интелигенција. На вистински возила, пак, се вршат околу 150 краш-тестови, пред да се даде зелено светло за моделот да влезе во проиводство.

Мерцедес-Бенц интелигентно спасување

Производителот што одбележува 140 години од првиот автомобил во светот, ја искористи оваа пригода да го најави и новиот систем Мерцедес-Бенц Ресјку Интелиџенс, што постепено ќе почне да се применува од следната година. Намерата е да се воспостави непосредна врска меѓу возилото и службите за прва помош.

Спасувачката екипа уште на пат до местото ги дознава бројот на патници, дали воздушните перници се отвориле, дали вратите се отворени, температурата на батеријата и состојбата на високонапонската мрежа. На тој начин, спасувачите можат да се подготват соодветно и навремено.

Претходна објаваДонгфенг ги испорача првите Еверленди, автомобилите станаа национална гордост на Кинезите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here