Името Грејт Вол Мотор не е ново на македонската автомобилска сцена, напротив, тоа е кинескиот производител со најдолги корени кај нас. Познат по претставителните СУВ на коишто со голема гордост и со веројатно најкрупните букви во браншата е напишано Хавал, овој производител во почетокот на есента прослави 15-годишнина од одомаќувањето на просторот од Аниште до Маркова Нога.
Во центарот на свеченоста, со преку 300 гости, се најдоа три примероци од Ора 5, којшто во таа пригода одбележа македонска премиера. Тоа е автомобил со сосем различна појава од таа на којашто сме навикнати кај Хавалите на Грејт Вол Мотор (ГВМ). И марката е друга. Ора се појави на сцената во 2018 година, првично замислена строго како електрична марка на ГВМ. Европскиот старт се случи со Ора 3 во 2022 година – прво понудена под името Фанки Кет – во форма на кросовер што за малку го надраснува Б-сегментот, произведуван само во електрична изведба.
Кинеска брзина како одговор на европските царини
Работите во меѓувреме се сменија, па откако почна силниот наплив од електрични модели во Европа, во време кога локалните производители уште продаваа само скапи електрични модели, Брисел воведе царини за ЕВ од Кина. Денес во браншата често се користи поимот „кинеска брзина“. Што значи тоа, покажува токму новата Ора 5. Таа е модел што исто така за малку го надраснува форматот на класичните СУВ-возила од компакт-класата и се приближува до Киа Спортаж или Хјундаи Тусон.
Производителот реагираше веднаш на царините, па прво ја понуди Ора 5 во Европа со обичен погон со бензински мотор без електрификација и како хибрид – нема царини за нив. Рано во почетокот на следната година се очекува да стартува и изведба со приклучен хибриден погон, заедно со целосно електрична изведба. Се најавува и класична компактна комбилимузина од ковот на „голф“, како и нејзина комби-изведба.
Навистина кинеска брзина. Но, зошто ГВМ му придава толку важност и внесува толку надежи во овој автомобил што навидум има само светла кои личат на Порше 911?

Дизајнерски потпис од поранешен човек на Порше
Не треба око на автомобилски дизајнер за да се препознае дека светлата навистина личат на германската автомобилска икона. Но, различно од дрските копии што неретко доаѓаат од непознатите тамошни марки, овде сепак се познава дека некој повешт вмешал прсти. Неговото име е Емануел Дерта, токму поранешен дизајнер на Порше, кој го има потпишано дизајнот на Ора 5. Човекот очигледно знае каде смее да чепка во оригиналниот дизајн, без неговата работа да се омаловажи како копија. Накусо, носот на Ора 5 личи на 911, но личи добро.
Назад е друга приказна. Опашот е широк, женствено заоблен, со големиот штос со задните светла што се сокриени долу во задниот прозорец. Силуетата е различна од здодеаната шема на СУВ-возила што одвај се разликуваат едно од друго кога се гледа чисто отстрана. Место со кренат нос и исфрлени гради, Ора 5 стои со хауба што е релативно ниско, со поршеовскиот нос. Токму оваа странична силуета во почетокот залажува дека се работи за помал автомобил. Но, кога човек ќе се приближи до возилото, се чувствува масивноста на СУВ од компакт-класа. Сличен потег направи Форд со тековната Куга.
И бојата е важна, розовата боја стана заштитен знак на Ора уште од премиерата, кога социјалните мрежи беа преплавени од слики на коишто луѓе се сликаа покрај розовата кола. Кај Кинезите сè има смисла, и во бројките, и во боите, и во природните елементи што се основа на фенг шуи, и во јин и јанг, па така и оваа „Њингчи“, боја на цветовите на дива праска во регионите на Тибет под снежните Хималаи. Не е само розова боја. Во палетата постои и зелена „Аурора“, па уште една зелена боја на малахит, како на илјадагодишните мурали во Дуњхуан, или сина боја како на планинското езеро Сајрам, на 2.000 метри над морето.

Розовата боја беше најдобар тест за дизајнот и воопшто за појавата на Ора 5. Луѓе по тест-возењето му се јавуваа и се среќаваа на улица со авторот на овој тест, кажувајќи дека го забележале возилото. Но, никој не спомна дека тоа изгледало грдо, никој не праша со потсмев „од која марка ти беше таа кола?“ и сето тоа води кон заклучокот дека Ора 5 си личи пристојно.
За фејсбук-експерти што не знаат за „кинеска брзина“ ќе биде изненадување тоа што материјалите за каросериските додатоци, почнувајќи од црната пластика во браниците, по арките на крилата, во продолжетоците на покривниот спојлер, сите оддаваат квалитет.
Тоа не е пластика што набрзина е излеана и пуштена на монтажна лента, туку е лакирана и еластична. Светлата исто така зрачат, како предните, така уште повеќе задните. Почнуваат изненадувањата.
Внатрешноста е главниот адут што освојува на прв допир
Внатрешноста во автомобилот на тест би требало да се сведе само на тоа што е бела и толку. Но, ако дизајнот на носот е тоа што прво привлекува, за потоа дизајнот на задниот дел да убеди, внатрешноста веројатно ќе биде клучна кога луѓето ќе се решаваат за колата.
Без оваа внатрешност немаше да биде толку привлечен концептот што го замислиле создавачите на Ора 5.
Појасот покриен со платно во поршеовска каро-шара по целата ширина на арматурната табла уверува дека човек тука седи на добро место, заедно со рабови околу отворите за проветрување и насекаде низ кокпитот, во боја на старо злато – името Ора има призвук на италијанскиот збор за злато, иако според ГВМ тоа е кратенка од „оупен, рилајабл, алтернатив“, а треба да асоцира на прочуениот полимат и меѓу другото инженер Леонард Ојлер од 18-тиот век. Конечната потврда доаѓа кога со прст ќе се помине по површините на држачите за чаша и ќе се забележи колку тоа е мазно.
Оваа нова автомобилска индустрија, а извесно и нова моќ на сцената, за невидено брзо време успеа да ги надмине предрасудите дека нејзините автомобили се изработени едноставно, со обични материјали и без шарм. Можеби Ора се издвојува повеќе во тој поглед, меѓутоа е несомнено дека оваа кола не е направена со првенствена цел да биде поевтина.
Уште еден веќе виден детал се прекинувачите во средишната конзола, во стилот на Мини од 1959 година, со метализирани лакови што ги одвојуваат еден од друг. Можеби тие прекинувачи би требало да бидат зафатени со други функции, на пример избор на програма за возење, рециркулација на воздух или на степен на рекуперација, но во секој случај се изработени примерно.
Технички податоци, опременост, цени за GWM Ora 5 Luxury HEV во нашиот онлајн-каталог AVTOSALON.MK
Меѓу малкуте забелешки е тенкото обложување под потпирачот за лакт во вратите и во конзолата меѓу седиштата. Затоа, ГВМ Ора пак се оправдуваат и упатуваат кон преградата под потпирачот, што е поврзана со климатизацијата. Во второто ниво на опременост, како во возилото на тест, следи и амбиентално осветлување, што создава добра сценографија на возењето.
Обложувањето на седиштата е повеќе во насока на мекост и во вообичаениот кинески стремеж да ти угодат, предните седишта располагаат со електрично местење и меморија, греење и проветрување. Две позиции на копчиња на воланот се програмираат по желба, па на нив може да се постави вклучување на греење и други функции.
View this post on Instagram
Голем екран со многу функции и пристојна просторност назад
Правилото е колку поголем дисплеј, толку повеќе функции на него. Тоа наведува на привикнување, па горе на таванот нема да се најде копче за отворање на завесата на стаклениот покрив, туку мора да се посегне по дисплејот. Олеснителна околност е тоа што главните функции се достапни веднаш на појдовниот екран, по пример на Мерцедес-Бенц. Во тој поглед, Ора 5 не е исклучок од општиот тренд.
Нејасно е зошто привлечната анимација за работата на хибридниот погон го прикажува возилото ситно и откако ќе го извртите приказот на колата од страна што ви е најпрегледна, тој секогаш се враќа на аголот што го замислиле во Ора. За вклучување спортска, еко или нормална програма, секако мора пак да се посегне по екранот. Поврзувањето со Андроид Ауто и Епл Карплеј е примерно и брзо.
Чувствителната тема, просторноста на задната клупа, излегува дека е силна страна на Ора 5. Тука се покажува дека станува збор за СУВ од компакт-класата, со широки врати и лесен пристап. Се добива многу простор за нозе, единствено е забелешка тоа што висината на клупата субјективно е еден до два сантиметри под оптимумот. Тоа не прави седењето да биде непријатно, но повисоки патници при подолго патување ќе се поднаместуваат одвреме-навреме. Тоа е само „козметичка“ забелешка за подрачјето што е силна страна на „петкава“.
Багажник од 390 литри: Данок на мултипогонската платформа
Багажникот за нијанса заостанува зад просекот на класата со зафатнина од 390 литри. Товарниот раб е висок и задниот браник не се вовлекува во делот под вратата на багажникот за да го олесни пристапот до дното на просторот. Добро е тоа што подната полица е дебела и обложена квалитетно, со местење на две висини. Прегради отстрана не се добиваат, исто и страниците не се обложени со филц што ќе штити од гребаници. Прстени за прицврстување исто така не се нудат. Оваа „резервираност“ околу багажникот произлегува од фактот што Ора 5 е конструирана како мултипогонски модел, и освен како бензинец и хибрид, развиена е и како целосно електричен и приклучен хибриден погон. Но, пак не му го урива угледот на автомобилот.
Најважното во Ора 5 е хибридниот погон
Тоа што прави најголемо задоволство и каде што одвај дека се јави некаква забелешка за време на тест-возењето, несомнено е хибридниот погон. Бензинецот од 1,5 литар располага со 150 КС и 190 њутнметри, од сопствен развој на ГВМ, на примерно технолошко рамниште. На четирицилиндарецот му помага електромотор со нестандардни 190 КС, а целата спрега ја заокружува „хибриден“ менувач – токму тој е најважниот член во системот.
Погонот на Ора 5 му дава предност на електричниот погон. Долго време ќе возите низ град и дури откако ќе се вклучи бензинецот, ќе се сетите колкав пат всушност имате поминато чисто на струја. Батеријата е со големина од околу 1 киловатчас, но со некое „чудо“ постојано е наполнета. Кога ќе се вклучи моторот во град, се слуша дека тој работи со повеќе вртежи отколку што би возел автомобил со обичен бензинец, но постои причина. Во тие моменти, моторот работи во оптимален режим и дел од енергијата ја користи за брзо да ја наполни батеријата. Потоа, пак сè „по старо“, на струја.
Хибриден погон за чиста десетка и рекордно ниска потрошувачка
Кога ќе се излезе на автопат и ќе се постигне умерено патно темпо на прав пат, се воочува ниска потрошувачка на електричниот погон. Тој уште е активен, но му се смалува потрошувачката, затоа што „менувачот“ префрлува во повисок степен на пренос. Моторот ќе се вклучува одвреме-навреме.
При повисока брзина, моторот презема целосно и го исклучува електромоторот од погонската спрега, со што го смалува отпорот во погонот за да штеди. Тоа е меѓу ретките примери во браншата. Околу моќноста, култивираноста, штедливоста, апсолутно без забелешки. Ора 5 Хибрид дури постигна и најниска потрошувачка (или меѓу најниските) на четирите делници од стандардната тест-рута на Аутомедиа. И уште еднаш, хибридниов погон е врв.
Системите за асистенција се подрачје што ГВМ го нагласува како силна страна на Ора 5, со делотворна работа и со комплетна сензорска поддршка, со радари, камери и ултразвучни сензори. И технолошки, петкава ја бива.
Какви се сите искуства од тест-возењето, погледнете во обемното видео што автомобилскиот портал Аутомедиа МК го објавува на својот профил на платформата Јутјуб.
















