Стелантис оди на подостапни електрични автомобили со батерии ЛФП

Електричните модели на марките од концернот на Фиат и Пежо ќе се префрлат на подостапни батерии ЛФП, што директно ќе ја смали и нивната цена.

Фиат 500е е меѓу бројните модели на Стелантис што од класични батерии манган-никел-кобалт ќе се префрлат на литиум-железо-фосфат, што ќе ги направи подостапни.

Стелантис ќе ги замени батериите никел-манган-кобалт што ги вградува во бројни електрични модели, со подостапни батерии со хемија литиум-железо-фосфат. Преоѓањето ќе започне уште во 2027 година, потврди извршниот директор Антонио Филоса, со цел да се зголеми конкурентноста.

Филоса не наведе точно колкава заштеда ќе се постигне по возило, но наведе дека тоа ќе биде „значајна“ сума. Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), цената на батериите ЛФП е за околу 40 проценти пониска во споредба со вообичаените батерии НМЦ. Тоа би значело разлика од неколку илјади евра во цената на компактен СУВ со батерија од 65 киловатчасови.

Концернот Стелантис со овој чекор ќе си обезбеди предност во време кога Европа сé позабрзано преоѓа на електрични возила, откако драстично поскапеа горивата и се воведуваат строги закони.

„Во Европа забележуваме дека забрзува електрификацијата“, изјави шефот пред инвеститорите при објавувањето на деловните резултати за третото тромесечје, на 28-ми октомври. „ Во 2027 ќе имаме два мошне конкурентни чекори во таа насока,“ вклучувајќи преоѓање на ЛФП и воведување на платформата СТЛА Уан, што е наменета за малечки, компактни и буџет модели од средната класа.

Повеќето БЕВ од европските и јапонските производители уште користат батерии НМЦ, коишто се одликуваат со повисока енергетска густина, но се поскапи. Батериите ЛФП се поевтини, меѓу другото и поради тоа што не содржат кобалт. Овој метал не е толку редок, но е скап поради тоа што преку 70% од експлотацијата во светот доаѓа од ДР Конго и веригата на снабдување не е постојана.

Зошто е скап кобалтот, што не е толку редок метал?

• Конгоански монопол: Над 70% од светското производство на кобалт доаѓа од Демократска Република Конго (ДРК). Оваа огромна концентрација во една политички нестабилна земја го прави снабдувањето високоризично и подложно на прекини.
• Кинеска доминација: Иако рудниците се во Конго, кинески компании поседуваат или финансираат голем дел од нив и контролираат околу 80% од глобалното рафинирање на кобалт. Овој монопол врз преработката дополнително ја диктира цената.

Според Агенцијата ИЕА, уделот на модели со батерија ЛФП во Европа во 2025 година изнесувал 13 проценти, наспроти пет проценти во 2024 година. За споредба, нивниот удел во Кина во ’24 изнесувал 81 проценти, наспроти 67 проценти година пред тоа.

Филоса не посочи кои модели ќе бидат префрлени на ЛФП, но спомна дека тоа ќе бидат „многу, многу модели.“ Во моментов, сите електрични модели на Стелантис користат батерии НМЦ, со исклучок на моделите од семејството Смарт Кар, каде што спаѓаат Ситроен е-Ц3, Опел Фронтера и Фиат Гранде Панда.

За еден модел веќе е потврдено дека наскоро ќе се префрли на ЛФП, а тоа е Фиат 500е, што користи постара платформа од времето на концернот Фиат Крајслер (се спои со ПСА во 2021 година).

Поранешниот извршен директор на Фиат, Оливие Франсоа, претходно најави дека целта со префрлувањето на Фиат 500е на ЛФП е да се постигне цена на основниот модел од 20.000 евра. Моделот во моментов чини 24.000 евра во основната изведба со помалата батерија и основна опременост во Италија.

Меѓу останатите можни кандидати се неколкуте популарни БЕВ на Стелантис, што треба да стартуваат со продажба в година. Меѓу нив е Пежо 208, како прв модел што ќе ја користи платформата СТЛА Уан, а по него би следеле и компактните СУВ, како Пежо е-3008.

Стелантис со овој потег ќе стане поконкурентен на европскиот пазар, откако го заврши третото тромесечје со загуба од 311 милиони евра. Кинеските марки преземаат сé поголем дел од пазарот на големоволуменски модели што го држи Стелантис, главно преку тоа што нудат повеќе опрема по пониска цена.

Стелантис и КАТЛ ќе отворат фабрика за ЛФП во Шпанија

Дел од батериите ЛФП ќе доаѓаат од заедничката компанија со рамноправно учество на Стелантис и кинески КАТЛ, со седиште во Шпанија. Компанијата гради гигафабрика за ЛФП во Сарагоса, со план да постигне годишна продукција на батерии од 50 гигаватчасови. Тоа е доволно за 1 милион електрични автомобили. Овој проект започна во декември 2024 година, вреден е 4,1 милијарди евра и ќе вработува околу 4.000 лица.

Фабриката треба да започне со работа најдоцна во почетокот на следната година. Во фабриката на Стелантис што е во близина, ќе се произведува идната генерација на електричните Пежо 208 и Опел Корса, исто и Ланчиа Ипсилон и модели на кинескиот партнер Липмотор, како СУВ-моделот Б10 и компактот Б05.

Стелантис има започнато уште еден заеднички проект за батерии, тоа е АЦЦ, каде што е партнер Мерцедес-Бенц, за производство на батерии НМЦ.

Останатите производители исто така се префрлуваат на ЛФП за постоечките и идните модели, со цел да ги скусат трошоците. Рено неодамна го префрли својот електричен компакт Меган Е-Тек на батерија ЛФП. Кон завршетокот на годинава, со истиот вид батерија ќе бидат опремени и подостапните изведби на Рено 5 и Рено 4. Цената на основната изведба на Меган Е-Тек се спушти за околу 4.000 евра по преоѓањето на ЛФП и други зафати во таа насока.

Батерија ЛФП нудат и други производители, во основните изведби на своите електрични модели. Дури и Мерцедес-Бенц вградува батерија ЛФП во базните изведби на ЦЛА, а чекорот го следеше и Волво, во својот малечок електирчен кросовер Е Икс 30.

Податоци за најдостапниот електричен модел на македонскиот пазар и за други модели во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Leapmotor T03 Design

Претходна објаваФиат Тополино мина одлично во земјата на Кадилак и Шевролет