Мерцедес-Бенц ГЛЕ доживеа фејслифт, односно е многу поверно да се каже дека доживеа апдејт, со терминологијата на денешната дигитализација. Најголемата техничка новина е тоа што ГЛЕ го вдоми сопствениот оперативен систем МБ.ОС на Мерцедес, заедно со суперкомпјутер со водено ладење. Од тоа што го покажуваат трите први примероци од ГЛЕ во салонот на Мерцедес-Бенц во Скопје, луксузот денес не е во многу кожа или хром, туку е во цел свет од бои, најразновидни, опкружувачки и интензивни.
Една ГЛЕ во класична форма, однадвор црна, а со внатрешност цела во некоја портокалова нијанса, и покрај неа две ГЛЕ Купе, бела и црна – тоа е првичната постава од веројатно најважниот модел на Мерцедес-Бенц на македонскиот пазар.
Тоа е најновото поколение на моделската серија што првпат се појави уште во 1997 година, кога единствен Мерцедес-Бенц што возеше повисоко од земја беше Гелендесаурусот, односно нејзиното височество Г-Ваген. Затоа ГЛЕ не е само уште еден голем СУВ, туку зад него стои името и образот на Г-Вагенот, односно денес Г-Класа.
Маската на Мерцедес-Бенц повторно е поставена како што треба, со јасна трапезна форма што се стеснува надолу, место обратно. Целиот нос е сменет, а доколку се избере соодветен пакет, маската заедно со ѕвездата насреде ќе бидат обрабени со светлечки диоди и ќе светат. Две светлечки ѕвезди во предните и задните светла јасно го прикажуваат знакот што го препознава цел свет.

Штутгарт избројал околу 3.000 ставки што се нови или поддотерани во новата моделска година на ГЛЕ, односно на Е-Класата меѓу СУВ-моделите
Не се сведува сé на промени во изгледот и во компјутерите, туку и во погонската техника. Осумцилиндарецот во врвната изведба ГЛЕ 580 4Матик е посилен, реагира побудно и работи почисто, меѓу другото и поради „рамното коленесто вратило“. Истиот мотор работи во С-Класа.
Зафати има и кај шестцилиндарскиот ГЛЕ 450, главно за поубедливо повлекување при ниски вртежи. Највисокиот вртежен момент е зголемен за 12% на 560 њутнметри. Тука работи и електричен компресор во турбонатполнењето.

Овој мотор е база и за приклучниот хибриден модел ГЛЕ 450е, со системска моќност зголемена за 75 КС. Електричниот досег е зголемен на 106 километри.
Во салонот на македонскиот Мерцедес-Бенц се двата дизели, 350д и 450д, двата линиски шестцилиндарци, со алуминиумски блок ист како кај бензинците, заради заштеда и во тежина и во трошоци. Поради помалиот товар врз носот, и управливоста добива. Со технологија од Ф1 се постигнува и поголема заштеда во горивото.
Видеото со трите први ГЛЕ од моделска година 2027 во салонот на Мсак Аутостар
Сите мотори користат 48-волтен стартер-генератор што е поврзан со ремен со коленастото вратило и на тој начин тивко и меко го стартува истиот. При пониска брзина, тој потпомага и во погонот.
Подобрена е звучната изолацијата во карданскиот тунел и во челниот ѕид што го двои моторот од кабината. Има зафати и во хаубата.

Една од највредните опции, и по цена и по добивка, претставува Е-Актив Бади Контрол, во основа активно подвозје од најфин калибар, со пет повеќејадрени процесори и преку 20 сензори, што 1.000 пати во секунда ја приспособуваат амортизацијата. Може да се избере и најкомфорно и најспортско возење. Секакво клатење на каросеријата отпаѓа од игра. Еден степен под тоа е пневматската амортизација Ерматик. И тоа, и стандардното подвозје, сега се нагодени поспортски и постегнато.
Оперативниот систем МБ.ОС, што е срцето на денешниот ГЛЕ, се повикува на услугите од суперкомпјутер со водено ладење. Тој се грижи за врвна работа на системите за асистенција. ГЛЕ располага со 10 камери, пет радари и 12 ултразвични сензори. Овие системи помагаат и за безбедност и за комфор, вклучувајќи дигитална опоција „Фелгеншуц-Варнунг“, односно предупредување кога со скапите тркала се доаѓа преблизу до рабник на тротоар.

Нови бои се дарк петрол уни и патагонија-црвена металик, што е боја со нарачка во Мануфактур. Има три нови изгледи на тркала со големина од 20 инчи. Претставителното трио ГЛЕ во салон има тркала од 21 и 22 инчи.
Опција е дигитално светло со микро-лед, што осветлува за 40 проценти поголема површина и посилн долго светло. Постои опција и за долго светло Ултра Рејнџ, што досега до 600 метри.

Внатрешноста е сменета целосно, почнувајќи од формата на отворите за воздух, до украсните елементи и враќањето на физичките копчиња на воланот. МБУКС Суперскрин со три екрани долж целиот кокпит, сега е стандард. Од тоа што го прикажа ГЛЕ во салон, лускузот денес не се доживува само како средина што обложена со скапи и вредни материјали, туку се повеќе станува свет на бои, светлосни ефекти, на миризби на квалитетно, на изработка.
Кабината што денес ја поседуваат модели од високите класи на Мерцедес-Бенц, па и не само тие, претставуваат сосем различен свет. Дигитализацијата е присутна насекаде, меѓутоа е направена да му оди во корист на човек и да му создаде пријатно чувство. Не е напразно тоа што Мерцедес-Бенц денес порачува со сите нови модели што ги пушта на пат, Велком Хоум, добредојдовте дома.
















