„Рејнџ Роверот од Тему“ пак е најпродаван автомобил во Британија

Британските возачи го поддржуваат силниот пробив на кинеските автомобили и во септември посегаа најчесто по Џејку 7, којшто повторно е најпродаван модел во Обединетото Кралство.

Џејку 7 го задржа местото на најпродаван нов автомобил во Обединетото Кралство.

Моделот што е познат како „Рејнџ Ровер од Тему“, во минатиот месец ги натпродаде соперниците од ковот на Форд Пума или Киа Спортаж, со регистрирани преку 10.800 возила.

Кинеската марка во септември освои 4,3 проценти од пазарот во земјата. Во меѓувреме пристигнаа и нови модели, како Џејку 8. Достапен во изведба со обичен бензинец и како приклучен хибрид, Џејку 7 првпат го достигна врвот во март, но оттогаш соперниците постојано го престигнуваа, сé до септември.

Произведен во Кина, како марка на групацијата Чери, Џејку 7 стана вообичаена појава на патиштата во ОК, со својата препознатлива маска, откако почна да се продава пред две години.

Почнувајќи од 30.000 фунти (околу 35.500 евра), тој стана познат на друштвените мрежи под прекарот „Рејнџ Ровер од тему“, како евтина верзија на британската луксузна марка и со спомнување на онлајн мрежата за продажба на кинески производи.

Моделот ја предводеше продажбата на кинеските марки, коишто брзо го освојуваат теренот во Британија и во септември постигнаа удел од 23 проценти од пазарот. Меѓу останатите попробивни марки е Би Уај Ди, со 6 проценти од пазарот во минатиот месец.

За разлика од Европската Унија, во ОК не се наплаќа дополнителна царина за увозот на електрични возила од Кина. Приклучните хибриди не подлежат на царински давачки, но можно е дека ЕУ наскоро ќе воведе слични царини и за нив.

Директор на Нисан во минатиот месец изјави дека ОК мора да воведат слични цаирни, доколку сакаат да добијат рамноправен третман во престојните закони на ЕУ за локално потекло.

„Царините доаѓаат и заминуваат, но нема да ги сменат нашите вложувања во ОК,“ изјави Виктор Жанг, директор за марките Џејку и Омода во Обединетото Кралство. „Ние дојдовме за да останеме.“

Жанг се повика на потпишаното писмо на разбирање со Нисан, со коешто компаниите истражуваат можност за Чери да монтира свои возила во фабриката на јапонскиот производител во Сандерленд, најголема фабрика за автомобили во Обединетото Кралство.

Кинезите главно продаваат приклучни хибриди во ОК, привлекувајќи купувачи што уште се решаваат тешко да преминат на целосно електричен погон, двоумејќи се околу недоволната мрежа од полначи. Само мал дел се електрични возила, а близу чевртина се бензинци.

Заедно со Кинезите напредува и продажбата на Тесла. Производителот од САД во минатиот месец покри 4,5 проценти од пазарот во ОК, со близу 16.000 возила во септември.

M-Hero M817 · Тест · Борбен авион во низок лет

Претходна објаваШкода Октавија стартува со обичен хибриден погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here