Темпест е новиот „кинески“ транспортер на Фолксваген за Бразил

Фолксваген најави нова генерација доставни возила за бразилскиот пазар, наречена Темпест. По близу половина век присуство во оваа земја, огранокот за комерцијални возила на германскиот производител првпат нуди модел развиен специјално за овој регион.

Од почетокот на следната година, Темпест ќе биде достапен во четири основни изведби и над десет варијанти, а освен во Бразил, ќе се продава и на околните јужноамерикански пазари.

Иако спаѓа во истата класа со европскиот Крафтер, новиот модел нема ништо заедничко со него. Фолксваген го развиваше Темпест во соработка со својот кинески партнер САИЦ, користејќи го Максус Интерстелар Икс како основа.

Сепак, возилото претрпе значителни измени за потребите на купувачите во Јужна Америка. Според компанијата, извршени се над 250 технички подобрувања и приспособувања во повеќе од 50 производствени процеси.

Купувачите можат да избираат меѓу три меѓуоскини растојанија, три должини и три висини. Возилото се нуди како фургон (со или без прозорци), минибус со 15 седишта и платформа за надградба со возачка кабина. Достапни се две класи на носивост, од 3,5 и 4,1 тона, додека максималната зафатнина на товарниот простор се движи од 9,7 до 12,3 метри кубни. Изведбата со возачка кабина има носивост до 3,5 тона и поддржува различни надградби, од сандачар до отворена платформа.

Само еден погон во понудата

Под хаубата нема избор – единствената опција е дволитарски турбодизел со 174 КС и вртежен момент од 400 њутнметри, во комбинација со 6-степен мануелен менувач и заден погон.

Во кокпитот се поставени возачки екран и средишен дисплеј, двата со дијагонала од 12 инчи и поддршка за Епл Карплеј и Андроид Ауто. Сериската опрема вклучува пристап без клуч, електрично сервоуправување, старт-стоп систем, клима-уред, електрична паркирна сопирачка, ЕСП, контрола на тракција, задни паркинг-сензори со камера и целосно ЛЕД-осветлување.

Безбедносниот пакет опфаќа предупредување за возило во мртва точка, задржување во лента, итно сопирање, препознавање замор кај возачот и автоматски долги светла.

По лансирањето во Бразил, Темпест од средината на следната година пристигнува и во Аргентина. Интересот е веќе голем, па уште пред официјалниот старт на продажбата се примени над 1.000 нарачки. Производството се одвива во кинеските фабрики на САИЦ (компанијата што во Европа ја продава марката МГ) во градовите Вукси и Нанџинг.

 

Претходна објаваАлфа Ромео ги прикажа 10-те ексклузивни Џулија Квадрифољо Луна Роса