Тоа што е „Мануфактур“ за Мерцедес-Бенц, за Алфа Ромео е одделението за специјални нарачки „Ботегафуорисерие“. Миланската престижна марка ја изработи најекстремната изведба од „Џулија Квадрифољо“ во соработка со „Луна Роса“. Десет примероци од оваа ограничена серија беа свечено прикажани пред музејот на марката во Арезе, во близина на Милано.
Десетте примероци од лимитираната серија „Џулија Квадрифољо Луна Роса“ првпат се појавија заедно за да го одбележат завршетокот на серијата и почетокот на испораките.
Серијата е изработена во рамките на „Ботегафуорисерие“, специјална програма на Алфа Ромео што работи на посебни проекти и нарачки, а ја вклучува и марката Масерати.
Алфа Ромео ја прикажа „Џулија Квадрифољо Луна Роса“ на салонот во Брисел во јануари годинава, како прв модел што е развиен во соработка со „Луна Роса“. Највпечатливиот детаљ на лимузината се спојлерите што се изработени од карбон, со користење на технологијата што „Луна Роса“ ја применува во светот на трките со едрилици.
Главен е спектакуларниот заден спојлер, кој е изработен во два дела и ги применува формите на перката на „Луна Роса АЦ75“. Спојлерот создава потисок до 140 килограми при 300 километри на час. Таа вредност е петпати поголема отколку кај стандардниот спојлер на „Квадрифољо“. Под хаубата работи прочуениот V6-мотор (или: Ве-6) од 2,9 литри со 520 КС.
Посебност на серијата се каросериските бои, кои се инспирирани од едрилиците на „Луна Роса“ што учествуваа на 37. Куп на Америка. Впечатлив детаљ е црвената странична линија. Сите 10 примероци на лимузината се различни, според посебните барања на нивните сопственици. Некои од нив избраа црна хауба и врата на багажникот, а други избираа црни или црвени тркала. Тоа што исто така им дава посебност на 10-те примероци е серискиот број што е поставен на арматурната табла.
Со голема посветеност на деталите е изработена и внатрешноста, со седишта „Спарко“ кои со материјалите и дизајнот ја пренесуваат врската со „Луна Роса“. На таблата е поставен и тенок слој од оригиналните едра на тимот, што дополнително им дава колекционерска вредност на овие „Џулии“.
















