
„Произведено во Европа“ е дел од планираниот Акт за забрзување на индустријата на ЕУ, што првенствено има за цел да изврши притисок врз кинеските производители на автомобили да произведуваат во Европа, користејќи ги локалните добавувачи. За возилата што не го исполнуваат условот — одреден удел од вградените делови да бидат од локално потекло — не следат субвенции и право на учество на тендери.
Планот во моментов ги исклучува земјите како Британија, Турција и Мароко, коишто се составна алка од мрежата на добавувачи за фабриките за автомобили во Европа.
Менувањето на правилата според коишто производителите на автомобили вложија милијарди долари ќе биде „дефиниција за самонаштетување“, изјави за Ројтерс шефот на Форд за Европа, Баумбрик. „Ќе се постигне единствено тоа што ќе се спречи понатамошниот раст“, кажа тој.
„Произведено во Европа“ ќе биде главна точка на дневниот ред на самитот на ЕУ и ОК што ќе се одржи на 20 ноември. Германија и Франција постигнаа спогодба во октомври, со којашто се вклучува Британија, но за тоа е потребно да дадат согласност останатите членки на ЕУ.
Здруженијата на производители на автомобили во Британија и во ЕУ, СММТ и АЦЕА, објавија заедничко соопштение во коешто се наведува дека изземањето на Британија од планот е закана за годишната трговска размена што достигнува 80 милијарди евра.
„Заедништвото на автомобилските индустрии во ЕУ и ОК е неопходно за тие да бидат успешни“, порача во соопштението Мајк Хоус, извршен директор на СММТ. Турција исто така лобира за да биде вклучена во „Произведено во Европа“, наведувајќи дека заедничката мрежа од добавувачи поддржува преку 250.000 работни места во ЕУ.
Баумбрик посочи дека Транзит, најпродаваното доставно возило до еден тон во Европа, претставува веродостоен пример за тоа како дејствува автомобилскиот екосистем во регионот.
Тој кажа дека Транзит е конструиран и проектиран од тимови во Британија и Германија, со преку 50 проценти од деловите што се испорачуваат од европските добавувачи и преку 30 проценти што доаѓаат од Британија и Турција.
„Но, поради тоа што монтажата е во Турција, тој нема да се квалификува за „Произведено во Европа“, според сегашните планови“, кажа Баумбрик. „Не можам да продолжам со инвестициите на мојата компанија доколку морам да ги преиспитам трошоците поради тоа што правилата на играта се смениле.“















