
Кина ќе возврати, доколку Обединетото Кралство воведе ограничувања за увозот на електрични автомобили од Кина и со тоа ја заостри трговската војна, додека Европската Унија ја убедува Британија да го контролира увозот и да го следи чекорот.
Кинеското министерство за трговија издаде предупредување на 19-ти октомври, одговарајќи на објавите дека Обединетото Кралство веројатно ќе ѝ се придружи на ЕУ и ќе го ограничи увозот на кинески електрични автомобили.
„Кина одлучно ќе преземе противмерки за да ги заштити своите права и интересите на кинеската индустрија, доколку Обединетото Кралство реши да преземе ограничувачки мерки против кинеските електрични возила,“ порача претставник на министерството преку објава на вебсајтот.
Обединетото Кралство треба да се придржува до правилата на Светската Трговска Организација и „да размисли двапати пред да презеде чекор“ и „да се воздржи од играње на музиката од ЕУ,“ порача понатаму претставникот на министерството.
Што ја поттикна реакцијата на министерот за трговија
Кина му одговори на министерот за трговија на Обединетото Кралство, Анас Сарвар, кој за време на германско-британскиот бизнис форум што се одржа на 15-ти октомври во Лондон, изјави за Политико дека ОК и ЕУ треба „да постапуваат заеднички и усогласено“ за да се спротивстават на кинеската „доминација“ во автомобилскиот сектор.
Сарвар кажа дека Британија ќе продолжи да преговара со европските партнери, околу прашањето дали ОК треба да воведе царини за кинеските електрични возила, стои во објавата.
Британската влада во моментов наплаќа 10 проценти царина за возила што се произведени во Кина, вклучувајќи ги електричните модели.
Претставникот на кинеското министерство за трговија не посочи кои се противмерките што би ги презела кинеската страна. Кусо откако Брисел ги зголеми царините во октомври 2024 година, Пекинг одговори со значително повисоки царини за жестоки пијалоци, свинско месо и млечни преработки од ЕУ.
Аналитичарите оценија од изјавите на Сарвар дека ОК се подготвува да се усогласи со ЕУ и да го ограничи увозот на електрични возила од Кина, додека неговата влада вложува напори да ги приближи трговските односи со ЕУ, откако земјата ја напушти Унијата во 2020 година.
Кина и Обединетото Кралство постигнуваат обемна трговска размена
Со вредност на билатералната трговија на стоки и услуги од 130 милијарди долари, ОК беа трет најголем трговски партнер на Кина во Европа во минатата година, зад Германија и Русија. Наспроти тоа, Кина беше главен трговски партнер на ОК во Азија, покажуваат податоците од кинеското министерство за трговија.
Возилата, а посебно електричните и приклучните хибридни автомобили, станаа главна категорија во извозот на Кина кон ОК.
Во првото полугодие од 2026, извозот на возила од Кина во ОК пораснал 87 проценти од лани, со 255.000 возила. Од нив, 181.000 возила или 71 проценти, се електрични или хибридни.














