Возење без раце на волан е технологијата на Мерцедес-Бенц за 140 години од првиот автомобил

Во годината кога одбележува 140-годишнина од првиот автомобил во светот и води моделска офанзива со бројни нови и освежени серии, Мерцедес-Бенц најавува скорешен почеток на автономното возење во Германија и САД.

Мерцедес-Бенц ги проширува функциите на МБ.ДРАЈВ. Со новиот асистент за возење без раце на волан, возачките и возачите ќе можат да пуштат Мерцедесот да управува сам на автопат. Активниот систем за следење лента автоматски се престројува и престигнува, додека со новата функција МБ.ДРАЈВ АСИСТ ПРО, асистираното возење продолжува и низ град – точно од поаѓање до одредиштето.

Системите се пуштени во работа во Германија и во САД. Дали тие ќе бидат достапни и на други пазари и во други модели, зависи од законските рамки и од вградената техника во возилото. Мерцедес-Бенц најави дека постепено ќе ја воведува оваа функција во своите патнички и ван-модели.

Доколку во возилото веќе е вградена потребната техника, системот ќе ја преземе новата функција исто како телефон, од податочен облак.

„Ги здружуваме софтверот, сензорите и процесорите на интелигентен начин, за на нашите клиентки и клиенти да им овозможиме осетно поедноставно возење“, кажува Јерг Бурцер, директор за развој на технологија во Мерцедес-Бенц Група АГ. „Доволно е да се притисне копче и асистентот за возење без раце на волан, заедно со навигација од точка до точка ќе ви помага од поаѓањето до целта“, најавува директорот. Како што ќе созреваат нови функции, така тие ќе се вчитуваат по пат на податочен облак, со помош на оперативниот систем МБ.ОС.

Возењето се одвива целосно самостојно до брзина од 130 километри на час на автопат. Технологијата го следи сообраќајот и целосно го заменува возачот или возачката.

Системот самостојно се престројува на соодевтна лента на клучка на автопат, без потреба возачката или возачот да преземаат чекор.

Мерцедес-Бенц напоменува дека возачите мора постојано да го следат сообраќајот будно и да бидат подготвени да реагираат навреме. Системот ќе се воведе во Германија кон завршетокот на годинава, за во текот на 2027 да следи негово пуштање во САД.

За да заменат возач, потребни се 27 сензорски компоненти

АСИСТ ПРО користи 27 сензорски компоненти, вклучувајќи десет камери, пет радари и 12 ултразвучни сензори. Моќен суперкомпјутер пресметува со брзина од 254 ТОП (тера оператии во секунда). Во првото полугодие од 2027-ма, системот ќе биде достапен за сите погонски варијанти.

Со овој потег, Мерцедес-Бенц стана прв производител на автомобили што нуди напреден систем за самостојно возење во САД, Германија и Кина. Системот уште одамна се користи во Кина, почнувајќи од пазарниот старт на новиот ЦЛА.

Претходна објаваШто ќе вози новиот Џејмс Бонд 007