Кога ќе се погледне продажната статистика за европскиот пазар, мошне убедлив е податокот дека групацијата Џили е водечки производител на автомобили од Кина, со преку 320.000 продадени возила во првите девет месеци. Вистината е дека во таа бројка се содржани и продажбите на Волво и Полстар, така што вистинските „Кинези“ на Џили достигаат најмногу 50.000 продажби. За наглиот раст на новата сила придонесуваат главно субвенциите, купувачите трчаат по поефтино.
Се чини дека на автомобилската сцена денес сé се врти околу Кинезите. Тие го имаат најголемиот автомобилски пазар во светот, произведуваат најмногу, извезуваат најмногу, растат неколкукратно, царини и даноци повеќе не ги запираат, отвораат нови фабрики, едноставно се тука и немаат намера да си заминат. Меѓутоа, главниот пробив го постигнуваат само неколку од нив.
Групација Џили, Чери, Би Уај Ди, САИЦ и Липмотор, тоа е водечката петорка на Кина во пробивот на европскиот пазар. Од нив, Липмотор постигнува најголем раст во продажбата и веќе в година може да се очекува уште поголемо искачување во национална конкуренција. За тоа најмногу ќе придонесе фактот што Липмотор е 15-та марка на концернот Стелантис, и со тоа се води речиси како „домашна“ марка, со продажба и сервисирање со ист третман како за сите марки на групацијата на Фиат и Пежо.
Во меѓувреме стартуваше и производството на првите возила на Липмотор во Европа, во фабриката на Стелантис во Шпанија, заедно со производство на батерии. Со 87.214 продадени возила до септември, Липмотор заостанува далеку зад Чери или Би Уај Ди, што се блиску до 300.000 возила, но растот кажува друго: Во истиот период лани, Липмотор имал 16.487 возила, што сведочи за петкратен раст.
Во продажната стастистика се издвојува групацијата Џили, со 326.679 возила. Тоа е најмногу што една групација од Кина постигнала во Европа. Меѓутоа, во таа бројка учестуваат 239.113 возила на Волво и уште 33.643 возила на Полстар. На вистинските кинески марки, Џили и Зикр отпаѓаат само 31.344, односно 10.487 возила. Околу 10.000 возила има и Линк енд Ко.
Втори по обем се Чери, со 283.075 возила, главно со измислените марки Џејку и Омода, што во основа продаваат таму каде што има големи субвенции за електрични и приклучни хибридни автомобили. Матичната марка Чери учествува со одвај нешто повеќе од 20.000 продадени возила за девет месеци, исто колку и марката ЕБРО, чијшто возила се монтираат во Шпанија од готови китови од Кина. Тоа што кинескиот производител сака да го потисне името Чери се должи веројатно на искуството на европскиот пазар со оваа марка.
Субвенциите се движечката сила на кинеските производители во Европа, купувачите не пропуштаат да купат поефтино
Би Уај Ди засега се на третото место, но и тие ќе растат, како поради постојаното обновување на понудата од модели, така и поради новите фабрики што се градат во Унгарија и Турција. Продажбата главно се сведува на СУВ-моделот Сил Ју, еден од најпродаваните модели со приклучен хибриден погон воопшто, и на малечкиот Ато 2. Тука пак играат улога субвенциите, што луѓе не сакаат да ги пропуштат. Името Би Уај Ди сепак не е формула за универзален успех на сите пазари. Многу зависи од националната организација.
Зад нив следат САИЦ, со нивната марка МГ, позајмена од највредната традиција на британската автомобилска индустрија, но со техника и развој што немаат никакви допирни точки со Европа, а уште помалку со Велика Британија. Тие сепак беа најпродаваниот кинески производител до годинава, меѓутоа се менуваат нештата. САИЦ и нивниот МГ имаат најмал раст во водечката петорка, и не само таму.
На македонскиот пазар важи друг распоред на силите
Многу зависи и од пазарниот настап, од градењето на имиџот и на присуството на марките. Најдобар пример за тоа имаме на македонскиот пазар, каде што Донгфенг е водечки производител од Кина. Тоа со голема веројатност престои допрва за европскиот пазар, откако Донгфенг договори поширока соработка со концернот Стелантис, за производство и дистрибуција на европскиот пазар.
Во статистиката уште не се влезени податоците од продажбата на Чанган, еден од најголемите производители во Кина, коишто е сосем извесно дека ќе бидат сé поприсутен фактор на европскиот пазар. Чанган штотуку го започна и своето македонско поглавје, откако се приклучи како трета марка на Еуроимпекс. Наскоро се отвора новиот салон на улица Скупи, а со тоа почнува и новата распределба на картите за игра на македонскиот автомобилски пазар.















