Фабриката во Чатануга, во сојузната американска држава Тенеси, отворена пред 15 години, постојано трпеше промени и ги следеше движењата на пазарот. Прво се произведуваа автомобили, потоа фабриката прерасна во центар за електрични возила, а сега оттаму излегуваат пикапи и СУВ, соодветно на тоа што го бараат тамошните купувачи.
Производството во Чатануга започна со Пасат во 2011 година. Кон завршетокот на 2016 година, Фолкваген го воведе во производство кросоверот со три реда седишта Атлас. Оваа моделска серија е наменета посебно за САД. Во 2022 година заврши производството на Пасат.
Германскиот производител имаше големи надежи со електричните возила и вложи 800 милиони долари за во 2022 година да започне производството на компактниот кросовер ИД.4.
Но, поради слабата побарувачка за електрични автомобили во САД, Фолксваген во април заврши со производство на ИД.4 во Чатануга. Моделите што ги увезува во САД подлежат на високи царини.
Фолксваген тогаш соопшти дека во производството ќе им даде предимство на моделите што се продаваат повеќе и „поддржуваат одржлив раст во Северна Америка.
Тоа беше најава за новата генерација Атлас и Атлас Крос Спорт.

Фабриката во Чатануга, единствена фабрика на групацијата Фолксваген во САД, во моментов е дом на само тие два модели.
Новите Атлас и Атлас Спорт се опремени со повеќе напредни функции и со поскапи компоненти за да се привлечат купувачите во САД. Но, збогатената опрема може да го смали профитот на моделите од семејството Атлас, и покрај зголемените цени во новата моделска година.
Атлас и Атлас Крос Спорт учествуваа со околу 30 проценти во продажбата на Фолксваген во САД во 2025 година, со што оваа двојка е најважна за успехот на марката во САД. Покрај тоа, двата модели се од локално производство и со тоа за нив не важат царините, како за сите останати модели.
Ценовникот за Атлас почнува од 43.135 долари, вклучувајќи транспорт.
Фолксваген во првото полугодие испорача 162.961 автомобил во САД, што е зголемување од 2,3 проценти во споредба со лани.
Германскиот производител и натаму има големи очекувања за пазарот во САД, каде што пазарниот удел во првото полугодие остана на 2,1 проценти, и тоа е меѓу најмалите удели на големоволуменските увозни марки. САД се ценат како поволна почва за зголемување на продажбата и надоместување за слабта продажба во Кина, како и за засилениот притисок на кинеските производители во Европа.
Фолксваген работи на развој на нови модели што ќе бидат развиени посебно за пазарот во САД и со коишто ќе се цели на високи продажни бројки.
Компанијата се обврза да воведе нови модели во фабриката, при преговорите со работничките синдикати околу новиот работен договор што беше потпишан во февруари.
Планот за следната година е во Чатануга да се произведат 160.000 возила, наспроти околу 150.000 возила во 2025 година. Околу 95 проценти од продукцијата останува во Северна Америка.















