Темерарио Спајдер е првиот Ламборгини со цврст отстранлив покрив

Ламборгини ја зајакна понудата од моделски изведби на Темерарио со додавањето на Спајдер, што сцената го исчекуваше со нетрпение. Производителот од Сант’Агата Болоњезе возврати за чекањето со шоуто што го изведува Спајдерот при собирањето на покривот.

Ламборгини ја одржа светската премиера на Темерарио Спајдер во Музејот на филмската академија во Лос Анџелес.

За разлика од претходните моделски серии во коишто отворената каросериска изведба се опремуваше со платнен покрив, Ламборгини Темерарио Спајдер поседува цврст отстранлив покрив.

Инженерите имаа доста работа во делот на покривот и во задниот дел од возилото за да обезбедат простор за отстранливиот цврст покрив. Шоуто се одвива со 10 електромотори, коишто на крајот го собираат покривот зад седиштата.

Задниот прозорец се отвора.

„Со Темерарио Спајдер не сакавме само да го отстраниме покривот на купето, туку да го интерпретираме нашиот суштински и иконски дизајнерски јазик преку вистинска архитектура на возило без покрив,“ изјави Митја Боркерт, главен дизајнер на Ламборгини.

Покривот се сместува во исправена положба зад седиштата.

Според Ламборгини, со преоѓањето од платнен на цврст покрив се нудат дополнителни можности за изработка на возилото по нарачка.

Ламборгини ја одржа премиерата на купето Темерарио за време на Автомобилската недела во Монтереј во 2024 година. Во купето и Спајдерот работи 4,0-литарски Ве-8 со твинтурбо натполнење и 800 КС, заедно со три електромотори со аксијален флукс. Системската моќност изнесува 920 КС.

Цената во САД, каде што Ламборгини реши да ја одржи премиерата на Темерарио Спајдер, изнесува 390.900 долари, без трошоци за транспорт. Разликата во цената во споредба со купето е 2,2 проценти.

Поради тоа што се увезува од Италија, Темерарио подлежи на дополнителна царина во САД. Испораките ќе стартуваат во второто тромесечје од 2027 година.

Претходна објаваДефендер ги објави финалистите за 3.000-километарскиот Дефендер Трофи