Експертите на клубот АДАК, што секоја година вршат обемни и веродостојни тестови на зимски гуми пред почетокот на зимската сезона, и соодветно пред летната сезона, заклучуваат дека производителите малку повеќе внимаваат на моделите на гуми со димензија 225/50 R17 што ја нудат за автомобили од средната класа, во споредба со гумите со помалата димензија 185/65 R15 од првиот дел од тестот на зимски гуми на клубот.
Победничка на актуелниот тест на зимски гуми е Pirelli Cinturato Winter 3. Овој модел на гуми на италијанскиот премиум производител се покажа најдобар на влажен пат.
Со мал заостаток следат Continental WinterContact TS 870, а со добра завршна оцена поминаа и гумите од Goodyear и Michelin.
Но, како и при секое тестирање на клубот АДАК, меѓу гумите за возила од средната класа пак има модели што не ги задоволуваат барањата. Од 16 модели зимски гуми со оваа димензија, дури шест се оценети со „недоволно“.
Заедничка слабост на овие гуми им е тоа што не ги задоволуваат неопходните својства во сите критериуми на тестот. Кај овие шест модели на гуми, има најмалку едно подрачје коешто покажува дека тие не се безбедни. Тоа важи посебно кај поевтините гуми. Кај нив обично се покажува конфликтот: Тие може да бидат добри на снег или мраз, но од друга страна, покажуваат недозволиви слабости на влажен пат или на сув пат.
Како што секогаш порачуваат експертите на клубот АДАК, добри гуми се тие што постигнуваат примерни својства на сите подлоги, и на снег, и на влажно и на суво, како и во поглед на стабилноста, патот на сопирање, односно општо во безбедноста.
Евтини гуми што се трошат за една сезона не се евтини гуми
Од друга страна, гумите не треба да се трошат пребрзо, затоа што каква е смислата да се купат повтини гуми, ако тие треба да се заменат веднаш по завршувањето на сезоната. АДАК точно мери и колку одреден модел на зимски гуми влијае врз потрошувачката на гориво, така што освен за безбедноста, што секогаш е клучно мерило, мора да се има предвид и паричникот.
Возачи што не минуваат голема километража во текот на зимата, може да изберат и гуми со просечни својства, коишто обично отстапуваат малку во одреден критериуми, но тоа не е преголемо отстапување што прави гумите да бидат небезбедни. Овие гуми од „вторите“ марки на големите производители со премиум марки, обично се подостапни.
Детален поглед во табелата со резултатите од тестирањето секогаш е од голема корист за да се направи вистинскиот избор.
















