Казни во Италија ако на лева лента се вози под 100 км/ч, казни за бавно возење и во Македонија

Возачите на автомобили што возат недоволно брзо на левата лента на одредени автопати во Италија во иднина ќе мора да сметаат на парична казна.

Слика создадена од ВИ

Со нацрт законот се предлага, најниската брзина со којашто може да се вози на левата лента на одредени автопати во Италија, да изнесува 100 километри на час. Новиот пропис уште не е изгласан, но Советот на министри привремено го одобри нацртот за новиот Закон за сообраќај на 13-ти октомври. Следно е доставување на истиот до Парламентот. Можно е да се извршат измени во конечниот текст.

Предложената одредба е наведена во член 50 став 5 од нацртот. Таа се однесува на левата лента, веднаш до појасот што ги разделува двете спротивни насоки на автопатите. Според нацртот, тоа важи за автопати со најмалку три ленти во секоја насока. Ограничувањето на минималната брзина нема да важи општо на сите автопати и на сите ленти.

Пасусот строго наведува автопати. Експресните патишта не се наведуваат, иако со нацртот се регулира и возењето во паралелни насоки на одредени делници.

За паричната казна се предлага висина меѓу 40 и 160 евра

Со нацрт законот се предвидува висината на казната да се движи меѓу 40 и 160 евра. Точната висина ќе зависи од законската одредба.

Со новиот пропис ќе се дополнат општите правила за брзина и користење на лентите. На возачите во Италија и сега не им е дозволено со бавното возење да го попречуваат или за го загрозуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Покрај тоа, постои општа обврска да се користи крајната десна лента што е слободна.

И во Македонија казна за пребавно возење

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во Македонија пропишува дека возачот не смее да ја намали брзината на движењето на возилото до таа мера што неговото возило претставува пречка за нормалното одвивање на сообраќајот.

  • Парична казна: За овој прекршок е предвидена глоба во износ од 50 евра, во денарска противвредност.

Законот не пропишува строго најниска брзина со којашто може да се вози на автопат, иако важи општо правило дека на автопат не смее да се вклучи возило чијашто крајна брзина е под 60 километри на час.

Според дел 4, член 33, став 1, возачот е должен брзината на движењето на возилото да ја приспособува кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, на начин да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадените услови може да ја предвиди.

Понатаму, според став 2, возачот не смее да ја намали брзината на движењето на возилото до таа мера што неговото возило претставува пречка за нормалното одвивање на сообраќајот. Став 3 пропишува користење на крајната десна лента или запирање, ако возилото поради техничка состојба или други причини не ја следи утврдената брзина на движење, како и вклучување на безбедносните трепкачи ако возилото се движи со половина од дозволената брзина (став 4).

Претходна објаваНовата рекламна кампања на Мерцедес-Бенц ја прославува титулата на Кими