
Германскиот производител на премиум автомобили најави дека ќе вложи 4 милијарди долари за производство на својот популарен модел во фабриката во САД, со цел да ги избегне царините во висина од 15 проценти на коишто подлежи моделот што се увезува од Германија.
Планот беше Мерцедес-Бенц да започне со производството на ГЛА во САД во ноември 2027, но стартот е одложен за мај 2030.
Според предвидувањата на аналитичарите од Ауто Форкаст Солушнс, Мерцедес-Бенц во првите 12 месеци ќе произведе околу 50.000 примероци од ГЛЦ во САД, од коишто главнината ќе се продаде на пазарите во Северна Америка.
Германскиот производител првично планираше да ја произведува тековната моделска генерација на ГЛЦ во Алабама, но реши да почека до лансирањето на следната генерација на моделот, којшто се води под фабричката ознака В255, посочи Сем Фјорани, попретседател на Ауто Форкаст.
„Да се вложи во фабрика на половина од моделскиот век, за таа потоа да се преопремува за следната генерација на ГЛЦ, нема финансиска смисла,“ вели Фјорани.
Од Мерцедес-Бенц уште немаат излезено со соопштение околу гласините.
Овие промени во планот за производство значат дека Мерцедес-Бенц ќе продолжи да плаќа царини за еден од своите најпродавани модели во САД до следната декада.
Марката продаде близу 54.000 примероци во САД во првите девет месеци. Тоа претставува околу една четвртина од вкупната продажба на Мерцедес-Бенц на пазарот во САД, исклучувајќи ги доставните возила. Тоа е повеќе од заедничката продажба на трите следни најпродавани модели на Мерцедес што се увезуваат.

Фабриката на Мерцедес-Бенц во Алабама покрива површина од преку 55 хектари и се наоѓа околу 60 километри југозападно од Бирмингем. Во неа се произведуваат големите СУВ-модели ГЛЕ и ГЛС, заедно со нивнитe електрични пандани Е Ку Е, Е Ку С и соодветните варијанти Мајбах. Околу 60 проценти од продукцијата заминува за извоз.
Поради забавената продажба на електричните модели и редовните освежувања на моделите, искористеноста на фабриката лани падна под 80 проценти, посочува Фјорани. „Мерцедес е на прагот на традиционалната профитабилност во таа фабрика“, вели експертот.
Одложувањето доаѓа во време кога владата на Трамп разгледува општо ослободување од високите царини за производителите на автомобили што вложуваат многу во производството во САД. Според објавите во медиумите, министерството за економија на САД ќе ја смали тековната царинска стапка од 15 проценти за увоз од Европа, на околу 10 проценти, со цел да се поттикне вложувањето на Ауди во фабриката вредна 4 милијарди долари во Џорџија.
Директорите на Мерцедес-Бенц сметаа дека со локалното производство на ГЛЦ ќе направат добар потег во трговското опкружување коешто е под притисок од царините и барањето за зголемување на продукцијата во САД.
Овој потег е насочен кон сегментот на СУВ-модели од средната класа, коишто се втор најпродаван сегмент за премиум марките во САД. Продажбата на ГЛЦ порасна 9,9 проценти во првите девет месеци од годинава, со што е втор најпродаван модел во сегментот, по БМВ Икс 3.
Со додавањето на ГЛЦ, годишната продукција на фабриката во Алабама ќе порасне на преку 280.000 возила, порачува Фјорани.
Извршниот директор Ола Калениус ја нарече фабриката стара 30 години „срце што чука“ за семејството СУВ-модели на компанијата. Во март излезе 5-милионитото возило од фабриката.
Мерцедес-Бенц во мај 2025 година објави планови за производство на модел од „главното јадро“ на марката, што се продава одлично, почнувајќи кон завршетокот на 2027 година. Најавата за вложување 4 милијарди евра во Венс е дел од широкиот план за инвестиции во САД, во висина од 7 милијарди евра, во којшто е вклучен и центар за истражување и развој во близина на Атланта.
„Во Северна Америка сме на линија на раст“, изјави извршниот директор на Мерцедес-Бенц за Северна Америка, Џејсон Хоф. „Во минатата деценија вложувавме во просек по 1 милијарда долари секоја година.“
На конференцијата за инвеститори во минатата година, Калениус посочи на повеќе „механизми“ во борба против царините, на кус, среден и долг рок, вклучувајќи зголемување на продукцијата во Соединетите Држави.
„Доколку светот се префрли на регионално“, кажа тој, „ќе се подготвиме за тоа. Ние сме шампиони во извозот во сите правци.“















