Според најновите анализи на Меѓународниот совет за чист транспорт ИЦЦТ, независна непрофитна организација за истражување, вработеноста во европската автомобилска индустрија по 10 години ќе остане на исто ниво како во 2025 година, доколку ЕУ ги ослабне стандардите за Ц02 за патнички и доставни возила.
Организацијата ИЦЦТ ги темели своите заклучоци врз основа на фактот што ослабнатите стандарди ќе го забават напредувањето во производството на батериски електрични возила, на батерии за нив и во рециклирањето, како и во поставувањето полначи и нивно одржување. Од друга страна, привременото одложување на губитокот на работни места во производството на мотори нема да донесе раст во вкупната вработеност.
Наспроти тоа, постоечките стандарди на ЕУ ќе обезбедат стабилност во вработеноста на пошироко ниво до 2035 година, со раст во веригата на производство на батериски електрични возила што ќе биде доволен за да се надомести укинувањето на работните места во производството на мотори. Доколку стандардите се здружат со соодветна поддршка на индустријата, ќе се обезбедат услови за долготрајно зголемување на вработеноста.
Советот ги објави истражувањата во време додека ЕУ ги преиспитува стандардите за ЦО2 за патнички и доставни возила. Регулативата во моментов предвидува емисијата на ЦО2 до 2030 година да се намали за 55 проценти во споредба со 2021 година, односно целосно запирање на продажбата на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година.
Во моментов се дискутира за неколку предлози за ослабнување на целите за 2030 и 2035 година, било по пат на одложување на нивното исполнување или отстапки од целите. Некои заговорници за одлагањето тврдат дека преоѓањето на батериски електирчни возила ги загрозува работните места во Европа.
Новата студија на ИЦЦТ води кон спротивни заклучоци. Преку моделирање на три различни сценарија и на нивното влијание врз вработеноста во ЕУ, студијата открива дека ублажувањето на стандардите за ЦО2 всушност ќе доведе до помасовен губиток на работните места.
„Ослабнувањето на стандардите за ЦО2 се прикажува како начин да се заштитат работните места, но нашата анализа покажува спротивно,“ соопшти Сандра Вапелхорст, истражувачка во ИЦЦТ и главна авторка на студијата. Држење до застарена технологија, како моторите со внатрешно согорување, нема да им помогне на работниците на подолг рок.“
Разликата меѓу најмалку и најмногу амбициозните стратегии изнесува половина милион работни места во ЕУ до 2035 година
Дали зголемувањето на вработеноста ќе се постигне во растечките индустрии, како производството на електрични возила, батерии за нив и рециклирањето, како и во мрежата од полначи, зависи од два фактора: Од брзината на преоѓањето на ЕВ и од растот на соодветната продукција во ЕУ, што се поврзува со тоа преоѓање.
Во краткорочна временска рамка, до 2030 година, разликата во вработеноста при различни стратегии е умерена. Но, пет години подоцна од тоа, веќе се покажува јасна слика. Доколку се задржат постоечките стандарди на ЕУ за емисијата на ЦО2, вработеноста во 2035 година ќе биде само 2 проценти над нивото од 2025 година. Но, доколку се додадат индустриски мерки што го потпомагаат производството во ЕУ, тогаш вработеноста ќе се зголеми за околу 10 проценти. Тоа се нови 320.000 работни места поврзани со браншата, во споредба со 2025-та.
Наспроти тоа, ослабнувањето на стандардите за ЦО2 ќе предизвика спротивен ефект. Вработеноста би опаднала за 6 проценти под нивото од 2025 година и би се загубиле до 185.000 работни места.
Тоа значи дека разликата во вработеноста меѓу двете крајни сценарија се половина милион работни места.
Најдостапниот електричен автомобил на македонскиот пазар
„Батериските електрични возила ги освојуваат пазарите ширум светот, а стандардите на ЕУ за ЦО2 ќе ја одредат улогата на Европа во таа насока,“ изјави директорот на ИЦЦТ за Европа, Питер Мок. „Со задржување на тековните стандарди за ЦО2 ќе им се овозможи на европските производители да се пробијат на челото на пазарот на електрични автомобили.“
Во студијата не се земаат предвид дополнителните работни места што се поврзуваат со електрификацијата на автомбилите, како автоматизација, дигитализација, геополитички промени и пошироки економски трендови, но и производство на суровини, продажба и сервисирање.
















