Прво се чинеше дека производителите на автомобили можеби се прецениле кога најавуваа продолжение на славното поглавје на брзи малечки автомобили со мотор од две класи погоре – во електричната ера. Но, денес одвај дека некоја битна марка пропушта да понуди малечко електрично со моќност од близу 300 КС. Опел е во предност, затоа што Корса е големо име, а дополнително овреднува и тоа што ГС има традиција во Риселсхајм. Тоа го наградија експертите на Карвау.
Редакцијата на Карвау во Германија, на исклучително посетената онлајн-платформа за продажба на автомобили, што воедно објавува тестови, петта година ги избираа најдобрите во единаесет категории. Опел Корса ГСЕ е победничка во категоријата на „Фаршпасауто“, односно автомобили што прават најголемо уживање, или како што опишува Опел во соопштението за освоената награда, таа е „забрзувачка на пулсот.“
Опел повеќепати ја изложуваше екстремната изведба на Корса со славната, но малку модифицирана ознака во чест на електрификацијата. Корса ГСЕ по најавите на мрежите, првпат се појави во јавност во септември 2025 година, на салонот ИАА Мобилност во Минхен, за неодамна во Париз да ја има и премиерата како сериски автомобил. Во меѓувреме, овој повеќе од несекојдневен авотмобил се појавува и во цемновникот на Еуроимпекс за македонскиот пазар, каде што машината со 281 КС и 5,5 секунди до темпо сто чини 47.010 евра.
Платформата Карвау ѝ ја додели првата воопшто награда на врвната елеткрична и не само електрична Корса
Жирито на Карвау го образложува својот избор, наведувајќи дека со „горди 281 КС, големи дискови од 355 милиметри и цврсти спортски седишта – Опел Корса ГСЕ ги поседува сите состојки за автомобил за уживање во возењето“. Германските експерти го ценат и тоа што на предната оска работи механичка блокада на диференцијал, што овозможува точна распределба на вртежниот момент меѓу двете тркала, со цел да се постигне уште поголема стабилност и брзина во свијоци.
Со 5,5 секунди до темпо сто, Корса ГСЕ е најбрзиот Опел во моментов
Со екстремната моќност од 281 КС и 345 њутнметри доаѓаат спортски стегнато и спуштено подвозје и торсен-диференцијал. Брзината е ограничена на 180 километри на час. За призвук од минатото, инженерите развија и звучна заднина што го надополнува спортското чувство.
ГСЕ се препознава по црните браници и прагови, по масивниот заден спојлер, тркалата од 18 инчи со посебен дизајн и по спортските седишта со интегриран потпирач за глава и лого ГСЕ.

Корса ГСЕ мина 1.555 километри од фабриката во Шпанија до штандот во Париз
Опел ја докажа и применливоста на Корса ГСЕ како патна машина, минувајќи го патот од Сарагоса, Шпанија, до Париз, каде што беше изложена пред посетителите на најголемиот салон на автомобили во Европа годинава.
За полнење на батеријата на ова патување беа потрошени 9 часови, со возење преку Пиринеите, долж брегот на Атлантикот, па до престижниот Биариц, Бордо, по споредни патишта низ Франција и по автопат, сé до Версај, до парискиот салон.
















