
Чанган во почетокот имаше намера да продава само батериски електрични автомобили во Европа. Сега доаѓаат приклучните хибриди, со што Чанган го следи чекорот на трите кинески производители што ги освоија трите врвни места во продажбата.
Во Европа во првите девет месеци се продадени 1,1 милион приклучни хибриди (ПХЕВ), што претставува раст од 23 проценти.
Кинески Би Уај Ги ги држи првите две места во продажбата на ПХЕВ во 9-те месеци, додека на трето место е Џејку 7. Марките од Кина држат 32 проценти од продажбата на приклучни хибриди во Европа, наспроти 12 проценти лани.
Чанган почнува со продажба на ПХЕВ-изведбата од својот компактен СУВ-модел Дипал С05 на главните европски пазари, како Германија, Шпанија и Обединетото Кралство, којашто се нуди заедно со електричната изведба. Кусо пред завршетокот на годинава ќе следи Дипал 07 со приклучен хибриден модел, којшто спаѓа во средната класа.
„Во почетокот мислевме дека во Европа никогаш нема да донесеме возило што има мотор,“ изјави Кен Пендлбари, шефот за погонски единици во Чанган за Европа. „Планот беше да носиме БЕВ и само БЕВ, но тоа брзо се смени.“
Чанган во првите девет месеци од годинава продаде 9.656 возила на европскиот пазар.
Најпродаван е моделот Дипал С05, што во најголемиот дел се продава во електричната изведба. Но, на најголемиот пазар на Чанган во Европа, Шпанија, неодамна лансираната ПХЕВ-изведба го натпродаде електричниот модел со 428, наспроти 348 возила.
Во Обединетото Кралство, втор најголем пазар на Чанган во Европа, С05 ПХЕВ почнува од 32.990 фунти (39.400 евра), што е за околу 4.000 фунти под електричниот модел.
Чанган од средината на октомври се продава и на македонскиот пазар, преку Еуроимпекс, и понудата од три моделски изведби со електричен погон се движи од 33.990 евра до 38.990 евра за моделот со погон на сите тркала. Се најавува скорешен почеток на продажбата на ПХЕВ-моделот.
Кинеските марки во септември ја зголемија својата продажба на ПХЕВ на европскиот пазар за 175 проценти, со продадени 73.952 возила. Тоа одговара на удел од 46 проценти во на СУВ-модели од компакт класа со приклучен хибриден погон. На европските производители им припаѓаат 39 проценти.
ЕУ планира да го ограничи увозот на кинеските хибриди
Наглиот раст на кинеските хибриди се одвива во време кога Брисел се подготвува да го ограничи нивниот увоз. Комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчович, соопшти на 9-ти октомври дека Кина и ЕУ постигнале спогодба, со којашто увозот на хибридни автомобили од Кина ќе се преполови во следните четири години. ЕУ го постави лимитот на 350.000 хибридни автомобили што ќе се увезуваат од Кина на годишно ниво, што ќе стапи на сила на 1-ви декември.
Купувачите се решаваат за кинеските ПХЕВ во дел поради цената. Но, влијае и тоа што кинеските хибриди повеќе се однесуваат како електричен автомобил.
Разликата произлегува од тоа што повеќето кинески производители, вклучувајќи го Чанган, ги развиваат своите ПХЕВ поаѓајќи од модел со мотор со внатрешно согорување, што е повеќе вообичаен пристап кај европските проиизводители.
Дипал С05 ПХЕВ комбинира батерија од 18 кВч со бензински мотор од 1,5 литар и постигнува електричен досег од 100 километри.
За разлика од европските ПХЕВ, електромоторот со моќност од 234 КС е главниот двигател. Системската моќност изнесува 258 КС.
Кога батеријата на Дипал С05 ПХЕВ ќе се испразни, моторот го задвижува вториот електромотор, којшто го напојува со енергија главниот погонски електромотор и воедно ја дополнува батеријата.
При повисоки брзини, моторот преку спојка се поврзува со погонската оска, и преоѓа од работа како сериски хибрид во паралелен хибрид. Во Кина, С05 се продава и како ЕВ со продолжен досег, со поголема батерија и без спојка.
Чанган произведе бензински мотор што посебно е наменет за хибриди. „Моторите што ги користиме се разликуваат од тие што би ги користеле во обичен автомобил,“ изјави Пендлбери на средбата со новинарите во центарот за развој на компанијата во Велика Британија.
Моторот е конструиран да испорачува сила во потесно работно подрачје, со цел да се зголеми штедливоста. Тоа дозволува да се конструира мотор со тесен пречник на цилиндрите и со долги одови на клиповите. Моторот е потесен, се смалува топлинската загуба и се штеди простор.
„Не можете да го користите во обичен автомобил,“ напомена Пендлбери.
Во Кина, производителите не се натпреваруваат кој ќе понуди посилен мотор, туку кој ќе понуди повисока ефикасност. Тоа значи дека се цели кон максимално претворање на топлинската енергија во горивото во корисна механичка работа.
Чанган наведува степен на топлинска ефикасност од 44 проценти во својата понуда од модели Блу Кор, еден процент повеќе постигнува Донгфенг во своите хибридни мотори Мах Пауер 2.0Т, додека Џили тврди дека нивните мотори БХЕ за хибриди постигнуваат 48 проценти.














