
Порше до скоро беше пример за целата бранша со високиот профит, но сега префрлува во пониска брзина, насочувајќи се кон иднината во која што смета на смалена продажба на своите возила.
Прочуениот германски производител на спортски возила ги скусува трошоците и го менува производството, за да може да постигне позитивна нула со продажба на помалку од 200.000 возила. Планот за понатаму е Порше да се потпира на богатата историја на марката и да се префрли во повисокиот ценовен сегмент, со поексклузивни возила, со цел да го качи профитот.
Директорите на Порше велат дека германската марка ја нема постигнато горната граница што верните купувачи се подготвени да ја платат за возила што се изработени по нивна нарачка, што се фабрички реставрирани или се изработуваат во само еден примерок.
Клучниот дел во обемната пресвртница на Порше, што извршниот директор Михаел Лајтерс ја објави на 7-ми октомври е да се користи угледот на марката и моќта да се продаваат скапи и ретки авотмобили.
Порше постави рекорд во 2023 година со продадени 320.221 возила на светскиот пазар, но една година подоцна, продажбата опадна на 310.718, за минатата година да заврши со 279.449 возила, поради општиот пад во продажбата во Азија, Кина, Северна Америка и Европа.
Во третото тромесечје годинава, светската продажба опадна за 16 проценти, со 178.532 возила, со тоа што во САД беа продадени 14 проценти помалку автомобили.
На подолг рок, Порше планира да постигне оперативна маржа од 15 проценти, наспроти само 1,1 процент во 2025 година. Очекувањата се дека во следните пет години, маржата ќе се врати во двоцифреното подрачје.
Маржите ќе се зголемат со продажба на помалку модели, но по значително повисоки цени.
Матијас Бекер, директор за продажба и маркетинг во Порше, гледа можност да се зголеми цената на продадените возила преку изработка по посебни нарачки, односно главно преку рачна изработка во одделот Ексклузив.
Лакирањето на 911 Карера во боја по желба, што се разликува од стандарндата палета, чини 10.460 евра, според германскиот вебсајт на Порше. Тука стојат на избор 147 бои, од коишто повеќето се користени кај историските модели на марката. За вистинска претстава, само во сина боја се нудат 37 нијанси, од 914 Олимп, до темен сафир со металик ефект.

„Со проширување на нашата основна понуда од опции и со отворање на целосниот потенцијал на Пејнт ту Семпл, целта ни е во среден рок да го зголемиме прометот од опции за околу 20 проценти,“ кажа Бекер на состанокот со медиумите.
Уште поголема слобода во изборот се добива со боите од „Зондервунш“ односно со бои по „посебна желба“.
За 911 Карера и други модели може да се нарача боја во којашто не е лакиран друг автомобил, што ќе чини 22.895 евра. Доколку клиентот го дозволи тоа и секако и доколку е изводливо да се постигне нијансата, таа може понатаму да биде вклучена во палетата на бои на Ексклузив, за други клиенти да ја нарачаат.
Производителот од Цуфенхаузен ги прикажа можностите на својата Мануфактур преку три возила изработени по пример на „Тој Стори“ на Дизни.

Најскапите 10.000 возила што Порше ги продава годишно, постигнуваат просечна цена од околу 270.000 евра. Бекер цени дека постојат начини за таа да се зголеми на преку 330.000 евра.
Просечната цена на продадените возила на Порше во САД во 2025 година изнесувала 128.663 долари, што е за 31 проценти повеќе во споредба со 98.406 долари во 2019 година. Лани, купувачите во САД во просек избирале опции во вредност од 46.850 долари.
Зошто Порше ги нагласува корените во мотоспортот
Како дел од пресвртницата, којашто се води како Шпортвагеншмиде ’35, односно буквално „ковачница за спортски возила 2035“, Порше се потпира на перформанси, ексклузивност и наследство на „Домот на спортските автомобили.“
Главната цел на „Домот на спортските автомобили“ е да се заживеат сегментите што носат висока заработка и што досега не се искористени целосно.
Пример за тоа е 911 ГТ3 С/Ц, прва кабриолет изведба во историјата на ГТ3, којашто дури и без опции е 95 проценти над цената на основната 911 Карера.
Менаџерите планираат идните проекти да достигнат 200 проценти над цената на основните модели.

Уште еден извор на профит е фабричко реставрирање
Друг вносен извор на заработка е фабричка преработка на старите возила, па и целосно реставрирање на историските примероци, вклучувајќи и пребојадисување или менување на облогите во кабината.
На настанот во почетокот на месецов, Порше прикажа Карера ГТ што беше испратена од фабриката до клиент во САД. И покрај тоа што е стар преку две децении, автомобилот изгледаше како да е птотуку излезен од фабрика.
Цените за реставрацијата на Карера ГТ обично се движат меѓу 450.000 и 700.000 евра. Досега се направени 11 такви реставрации.
Во моментов се работи на 16 историски возила, а чекаат уште 21 автомобил. Очигледно станува збор за вносен бизнис.

Порше гледа простор профит и во изработка на уникати
Тим од вработени во различни одделенија на Порше, вклучувајќи го и Зондевунш, преработија 911 ГТ2 РС од 2018 година во современа варијанта на историскиот тркачки автомобил Порше 935 од 1980-те години, што може да се користи во јавен сообраќај.
Флахбау РС беше прикажан на Неделата на автомобили во Монтереј во август, каде што се продаде по цена што не е објавена.
Порше во моментов работи на 15 уникати, коишто вредат од 1,62 милион евра, до 13,47 милиони евра.














