Производителот на автомобили што произлезе од соединувањето на Фиат Крајслер (ФЦА) и Пежо Ситроен (ПСА) во 2021 година, со новиот шеф повторно постигнува напредок. Откако Италијанецот Антонио Филоса го презеде раководењето од првиот шеф во историјата на концернот, Португалецот Карлос Тавареш, во првите девет месеци од годинава, бројот на испораки е зголемен за 3 проценти во споредба со лани, на 1,927 милион возила, што одговара на пазарен удел од 16,1 проценти.
Кога на тоа ќе се додаде и резултатот на Липмотор, вкупната продажба достигнала 2,14 милиони возила, што претставува раст од 6,8 проценти. Тоа воедно го прикажува и ефектот од придружувањето на кинескиот партнер, којшто донесе поголем раст во концернот, отколку матичните марки. Пазарниот удел на Стелантис и на неговата „15-та“ марка Липмотор, достигна 16,9 проценти.
„Нашиот стратешки план ФаСТЛАне (фастлејн) 2030 одлучно го движи Стелантис од статегија кон извршување,“ изјави Емануеле Капелано, извршен оперативен директор за поширокиот европски регион. Тој посочи дека купувачите реагираат на воведувањето нови модели во понудата на марките.
Главните достигнувања на најголемите пазари во Европа:
- Фиат ја зголеми продажбата за 20 проценти, а по него следи Ситроен со 8,6% угоре, што е над просекот на целата бранша. Ланчиа (+3,5%) и Опел (3,0%) исто така забележија раст во деветте месеци
- На петте најголеми пазари во Европа, Стелантис напредуваше во Обединетото Кралство (+5,8%), Германија (+4,2%), Италија (+3,8%) и Шпанија (+0,.8%).
- Од останатите пазари се издвојуваат Австрија (+20,9%), Полска (+8,1%), Португалија (+4%) и Белгија (2%).
- Доставните возила на Стелантис Про Уан го задржуваат водството на тој дел од пазарот, со удел од 28,1 проценти.
- Стелантис е прв и во продажбата на возила со хибриден погон, со удел од 16,5 проценти.
- Концернот го задржа водството во продажбата во Италија и Франција.
- Стелантис е водечки концерн на италијанскиот пазар и има 5 модели меѓу 10-те најпродавани: Фиат Пандина (прво место), Џип Авенџер (2), Фиат Гранде Панда (4), Ситроен Ц3 (5) и Пежо 208 (10).
- Стелантис и натаму води на францускиот пазар, вклучувајќи ги доставните возила. Уделот на Ситроен се зголемил за 21,2 проценти во септември, зајакнувајќи го третото место меѓу патничките автомобили. Пежо води со хибридите и со доставните возила, со четири модели меѓу 10-те најпродавани: Пежо 208, 2008, 3008 и 308.
- По само две години откако почна да продава во Европа, на салонот во Париз во 2024 година, Липмотор надминува 100.000 испораки на месечно ниво, веќе трет месец во низа. Продажната мрежа покрива 1.000 точки во 36 држави во Европа.















