Канада ќе им дозволи на Кинезите да градат фабрики за автомобили, ако пропаднат преговорите со САД

Канадскиот премиер Марк Карни кажа дека Канада може да се префрли кон кинеските производители на автомобили, доколку преговорите со претседателот на САД, Доналд Трамп, не обезбедат сочувување на автомобилската индустрија во Северна Америка.

Премиерот Марк Карни кажа дека каков било трговски договор со Вашингтон мора да ја обезбеди иднината на автомобилската индустрија во земјата.

Изјавите на Карни од 16-ти ноември претходат на планираната средба со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, што во текот на неделава треба да се одржат во Шенџен, Кина. Се очекува дека на преговорите ќе стане збор и за производството на автомобили. Двајцата лидери се договорија во јануари десетици илјади кинески електрични автомобили да се увезат во Канада по повластена царинска стапка.

„Ги имаме најдобрите автомобилски работници во светот и сакаме тие да бидат ангажирани целосно, со полн капацитет, на обединет северноамерикански пазар,“ изјави Карни пред новинарите. „Пазарот ја загуби обединетоста поради трговските мерки на САД.“

Карни два дена претходно изјави во Манила, Филипини, дека каков било трговски договор со Вашингтон мора да ја обезбеди автомобилската индустрија во Канада. За време на посетата на Камбоџа, премиерот кажа дека преговорите со Соединетите Држави се приоритетни, но нивниот исход може да влијае врз одлуката на Канада да изнајде алтернатива, вклучувајќи ги европските, кинеските или јапонските производители на автомобили.

На прашањето дали потенцијалната инвестиција на Кина се користи за условување во преговорите со САД, Карни одговори дека „тоа не е услов, туку акција и реакција.“

„Доколку тие не се искористат целосно во интерес на Северна Америка, тоа ни отвора други можности“ – нагласи Карни во врска со работниците во автомобилската индустрија и производствените капацитети во Канада, додавајќи дека земјата ќе напредува во секој случај.

Детроитската тројка, која ја сочинуваат Форд, Џенерал моторс и Стелантис, произведува во фабрики во Канада, САД и Мексико. Деловите во одредени случаи преминуваат граница неколкупати пред да бидат монтирани во готово возило. Трамп повеќепати изврши притисок врз производителите на автoмобили да го преселат производството од Канада во САД.

Карни кажа дека каква било кинеска инвестиција мора да подразбира значително производство во Канада, наместо само да се склопуваат делови што се увезени. Тој напомена дека тоа бара соодветни стандарди за работа, производствени погони и домашни синџири на добавувачи кои ќе се шират низ времето, вклучувајќи канадски ретки минерали што се користат во електричните возила.

„Не се работи само за комплети за склопување“, кажа премиерот. „Мора да биде вклучен аспектот на производство.“

Со јануарската спогодба, Канада ја намали својата царинска стапка за кинески електрични возила од 100% на 6,1%, во почетокот дозволувајќи увоз до 49.000 возила годишно, со тоа што лимитот ќе се зголемува понатаму. За возврат, Кина прифати да се намалат царините за канадски земјоделски производи, меѓу кои и маслодајната репка.

Карни тогаш изјави дека очекува договорот да привлече кинески вложувања во канадската автомобилска индустрија и отворање нови работни места.

Спогодбата ја критикуваше премиерот на Онтарио, Даг Форд, чијашто провинција е центар на канадската автомобилска индустрија. Форд предупреди дека дозволувањето увоз на кинески електрични возила во Канада би можело да ги загрози работните места во земјата и да создаде неизвесност околу пристапот до пазарот во САД.

Царините на Трамп предизвикаа нарушување во канадската автомобилска индустрија, којашто во голем обем зависи од прекуграничното производство.

Канада неодамна се закани со тужба против „Стелантис“, откако компанијата го откажа планираното производство на „Џип Компас“ во Брамптон, Онтарио, и го пресели во Илиноис, а се согласи и да ја продаде својата фабрика за монтажа во Канада, којашто е неактивна.

Карни изјави во саботата дека долго разговарал со Трамп и со високи претставници од САД, и дека двете земји постигнуваат напредок кон можна трговска спогодба, иако и натаму постојат разлики.

Претходна објаваВозење без раце на волан е технологијата на Мерцедес-Бенц за 140 години од првиот автомобил