Новата Ланчиа Гама ќе се продава во салоните на Фиат

Различно од првичната замисла за Ланчиа да се врати како самостојна марка на поширокиот европски пазар, таа отсега ќе изложува во посебен простор во салоните на Фиат.

Ланчиа ќе им го изложи својот нов кросовер Гама на купувачите во издвоен простор во салоните на Фиат, наречен Ланчиа Студио. Тоа е поглавјето што новиот план Фастлејн 2030 на концернот Стелантис го предвиде, за престижната и традиционална италијанска марка да се врати на поширокиот пазар.

Според планот Фастлејн 2030 под надзор на новиот извршен шеф Антонио Филоса, Ланчиа добива национално значење во рамките на концернот Стелантис, а тоа значи дека ќе се нагласи нејзиното италијанско потекло. Според претходните планови, Ланчиа требаше да се постави како самостојна премиум марка на европскиот пазар.

Ланчиа во моментов ја продава единствено градската комбилимузина Ипсилон, што е базирана врз техниката на Пежо 208 и Опел Корса. Освен во Италија, новата Ипсилон се продава само уште во Франција, Шпанија, Белгија и Холандија. Тие пет пазари покриваат речиси 40 проценти од вкупната големина на пазарот во ЕУ, Обединетото Кралство и ЕФТА. Ипсилон се продава во посебни простори за марката Ланчиа, што се наречени Студио, во салони со повеќе марки на Стелантис.

„Работењето под закрила на Фиат е можност за раст за Ланчиа,“ кажа Гаетано Торел, директор за продажба за Фиат и Ланчиа за поширокиот регион на Европа, за време на тест возењата на новата Гама за новинарите, што се одржаа 7-ми октомври во Неапол.

Во средишната конзола во арматурната табла на Ланчиа Гама се наоѓа посебна тркалезна фиока како простор за полнење телефон

Како самостојна марка, Ланчиа не успеа да се пробие надвор од сегашните пет пазари. Торел кажа дека луѓето треба да ја видат Гама за да се привлечат нови купувачи на нови пазари. За тоа да се постигне без големи трошоци, малите простори наречени Ланчиа Студио во салоните на Фиат ќе помогнат да се привлече вниманието на сцената.

„Доколку ја зголемам видливоста на моделот, можам да го зголемам и присуството на марката,“ кажа директорот.

Продажбата на Ланчиа до септември порасна 3,3 проценти, со 9.012 возила. Целата продажба отпаѓа на градската комбилимузина Ипсилон, со исклучок на првите 94 примероци од Гама.

Мрежата од 162 дилери за Ланчиа во Италија учествува со 78 проценти во вкупната продажба на марката, додека 22 проценти доаѓаат од останатите четири пазари.

Торел цени дека Гама нема посебни конкуренти. „Нудиме модел што е долг 4,67 метри, со италијанси дизајн и производство, по цена на конкурентите од 4,5 метри, што нуди привлечна прпотиввредност,“ посочува тој.

Со 4,67 метри, Гама е подолга од повеќето конкуренти, посочуваат директорите на Ланчиа.

Ланчиа Гама чини 39.900 евра на европскиот пазар, со 1,2-литарски бензинец во варијанта на благ хибриден погон. Се нуди и целосно електрична изведба, со повеќе големини на батерија.

Електричната Гама во најдостапната изведба чини 45.900 евра со електромотор од 231 КС, а во врвната достига 59.900 евра за изведбата Интеграле со погон на сите тркала и 360 КС. Италијанците очекуваат дека оваа изведба со славното име на Делта Интеграле ќе привлече најмногу купувачи во централна и северна Европа.

Торел очекува дека електричната Гама ќе постигне 90 проценти во вкупната продажба на моделот во Холандија, 70 проценти во Франција и 60 до 70 проценти во Белгија. Наспроти тоа, за Шпанија се предвидува удел од 50 до 60 проценти на благиот хибрид и најмалку 70 проценти удел на таа изведба во Италија.

Ланчиа очекува да постигне висока остаточна вредност на Гама, што е од клучно значење во флотната продажба, којашто учествува со 70 проценти во продажбата на електрични модели од компакт-сегментот во Европа.

Во фабриката во Мелфи, се произведуваат уште ДС Но 7, поголемиот ДС Но 8 и Џип Компас.

Претходна објаваАуди гради фабрика од 4 милијарди долари во САД