
Тојота доби одобрение од аргентинските власти за да произведува електрични возила во својот комплекс Зарате, во близина на Буенос Аирес, објави огранокот на Тојота во земјата.
Фабриката е центар за производство на пикапи на Тојота во Латинска Америка, од каде што излегуваат пикапот Хајлукс, СУВ-модедот СВ4 и ванот Хајејс. Тојота не соопшти кој модел ќе го произведува, но голема е можноста тоа да биде електричната изведба на Хајлукс. Овој модел во моментов се произведува во Тајланд и оттаму се испорачува во Азија, Европа и Австралија.
СВ4 на некои пазари ширум светот се продава како Фортјунер.
Инвестицијата ќе биде наменета за фабрика за производство на електрични возила, заедно со моделите со стандарден и приклучен хибриден погон, во согласност со стратегијата на Тојота да нуди повеќе видови погон, соопшти претставник на компанијата. Не се наведува колку возила ќе се произведуваат годишно.
Со воведувањето електричен пикап за Латинска Америка, Тојота ќе го зацврсти своето присуство на пазарот што бележи голем раст во светски размери и којшто е под напад од кинеските производители, што нудат електрични возила со пониски цени.
Тојота го забрзува развојот на електрични возила, како дел од својот пристап да нуди различни видови погон, односно електрични возила и хибриди, како и мотори со внатрешно согорување со ниска потрошувачка. Јапонците до август продадоа 267.649 електрични возила, што е преку двапати повеќе во споредба со истиот период лани.
Тојота во август 2025 година постави темели за фабрика за електрични возила во Шангај, за својата премиум марка Лексус, со капацитет за 500.000 возила. Исто така во минатата година, Тојота најави фабрика за монтажа во Тојота Сити, којашто ќе почне со работа во раните 2030-ти, што ќе биде прва фабрика на Тојота во Јапонија од 2009 година наваму. Тојота не откри кои модели ќе ги произведува таму, но извесно е дека ќе се работи за возила со електрифициран погон.
Министерот за економија на Аргентина, Луис Капуто, го потврди чекорот и најави дека е слободен патот за „нова фабрика за производство на 100-процентно електрифицирано возило.“
Капуто посочи дека околу 70 проценти од продукцијата на новиот модел ќе бидат наменети за извоз.
Аргентина го вклучи овој проект во рамките на својот план за поттик на големи инвестиции и со тоа ѝ олесни на Тојота да донесе конечна одлука за фабриката, соопшти најгoлемиот производител на автомобили во светот. Фабриката ќе отвори работни места за 3.600 лица што ќе работат на изградбата и дополнителни 2.600 работни места во самата фабрика.
Тојота оцени дека овој потег „укажува на потенцијалот на Аргентина да продолжи со зајакнување на својата улога како стратешка база за производство и извоз на возила во Латинска Америка.“
Производството на Тојота во Аргентина до август годинава се зголеми за 6,2 проценти, на 116.291 возила. Јапонците имаат и фабрики за производство во Бразил и Венецуела, но во венецуелската фабрика не се произведуваат возила уште од 2020 година.
Вкупниот извоз од фабриките на Тојота во Латинска Америка порасна 0,7 процент, на 248.856 возила до август
Извозот од регионот се зголеми 41 проценти и достигна 46.411 возила.
Тојота годинава почна со продажба на електричниот Хајлукс и досега има продадено само 35 возила во Европа и Нов Зеланд.
Кинеските марки владејат со продажбата на ЕВ во Латинска Америкa. Регионалната продажба на ЕВ на пазарниот лидер Би Уај ДИ достигна 85.800 возила до јули. Тоа претставува околу 58 проценти од вкупната продажба на ЕВ во регионот во периодот, од 147.493 возила.
Меѓу останатите кинески производители на ЕВ во земјата се Џили, Чери, Липмотор, Чанган, Грејт Вол. Џенерал Моторс и Тесла исто така продаваат ЕВ во регионот.














