M-Hero M817 · Тест · Борбен авион во низок лет

Со воздушната амортизација, овие два и пол тони челик како да лизгаат над теренот. Кога на тоа ќе се додадат и близу 700 КС и 5,5 секунди, M-Hero M817 не може да биде друго освен борбен авион во низок лет. Има и луксуз. Тест.

M-Hero M817 не остава место за некој да биде подобар од него, мора да биде најдобар во сé - точно луксузен суперспортски теренец без задршка

Кога производител што низ децениите има испорачано 400.000 тактички и оклопни возила за кинеската војска ќе направи автомобил, тој изгледа точно како M-Hero M817. Поетско име не му прилега, затоа носи ознака како тенк. Познат и како M-Hero 2, и тој доаѓа од групацијата Dongfeng, и нуди сé во едно: Пробивен како теренец, со перформанси како суперспортски двосед, но и со луксуз како S-Class. Кусо, ова е врв.

Овој автомобил дури не мора да појде, за да убеди дека е поспособен од кој било друг што е во радиус од петстотини километри. Со дебелата челична ламарина, M-Hero е речиси непробоен, изгледа како да е дизајниран од генерал-мајор на тенковска дивизија, а кога е качен највисоко, под дебелата носечка рамка има место да се собере кризен штаб.

Овие споредби со воени поими не се погрешни. M-Hero е автомобилската марка на Mengshi, производител на оклопни и тактички возила за кинеската војска, што е дел од групацијата Dongfeng Motor. Во минатото, како основа за воените возила служеше Hummer, но возилата веќе одамна се развиваат самостојно.

Врвни теренци се достапни за народот во земјата уште рано во милениумов, но во 2023 година се прави крупен чекор и на пазарот стартува марката M-Hero, со електрифициран погон, со луксузна ориентација и соодветно ниво на цени, наменети и за пазари ширум светот.

Првиот M-Hero е M917, со по еден електромотор за секое тркало и моќност далеку над 1.000 КС, што не остава простор некој да биде подобар од него. Единствено ограничување е тоа што со тежината од преку 3,5 тони, потребна е возачка дозвола за Ц-категорија.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Колку тоа и да збунува, M817 е помалиот M-Hero. Тоа не важи за димензиите, затоа што со 5,1 метри од еден до друг крај, тој е подолг од „917“, но во погонот не забегува толку во крајности. Важен момент, „толку“. Естремите сепак не му бегаат: Два електромотори, едниот со моќност од 272 КС и впрегнат заедно со бензинскиот мотор и менувачот DHT, да ја движи предната оска, а другиот со моќност од 279 КС, задолжен за задната оска.

Од тоа произлегуваат системска моќност од 687 КС и системски вртежен момент од 848 њутнметри, што произведуваат спринт за 5,5 секунди до темпо сто. Пред да се пушти на тестов, вистина е дека малку бодеше очи 1,5-литарскиот бензинец. Со моќноста од 186 КС и вртежен момент од 280 њутнметри, би можело некако да се живее, откако ќе се потроши „сокот“ во батеријата, но тоа пак нема да биде на нивото што го достигнува М-Херојов во сите останати подрачја.

Некои малечки електрични автомобили имаат батерија голема колку хибридниов M-Hero M817

Кинескиов „сéавтомобил“ користи приклучен хибриден погон, односно на сето претходно наброено, се придружува батерија со хемија литиум-железо-фосфор од 31,73 kWh. Покрај искуствените податоци дека електричен СУВ од компакт класа, на пример Volkswagen ID.4, троши во најдобар случај околу 20-на киловатчасови на сто километри, јасно е дека 32-та киловатчасови на M-Hero ќе се истрошат по стотина километри.

Но, излегува дека сето ова железо качено на големи тркала, секогаш има резерва во батеријата. Тоа значи дека не мора човек да се стресува како понатаму, кога ќе се подистроши батеријата. Тоа значи и дека 1,5-литарскиот турбо-бензинец, одвај дека некогаш ќе биде оставен да вози сам. Електромоторите му се како аѓутанти.

Секако дека не може да се очекува електромоторите да добиваат иста струја кога ќе се поминат стотина километри со темпо 180, колку што е ограничувањето на крајната брзина на Херо, меѓутоа во основа, батеријава секогаш има уште по малку енергија во себе.

Кога ќе се комбинираат 3 тони и два електромотори, од коишто секој е доволен за сам да го движи автомобилов, Херојов е како термоелектроцентрала

Како е можно тоа? Сé е физика. Овие 2,5 тони, веројатно и три тони со сета опрема што ја има врвнава изведба, имаат огромна енергија кога ќе се залетаат. Тука се вмешуваат електромоторите, што при секое отпуштање гас, префрлуваат во рекуперација, и таа енергија ја користат за да ја поднаполнат батеријата. Дополнително мора да се земе предвид дека станува збор, не за еден, туку за два електромотори, од коишто секој е доволно моќен за сам да ја движи 817-кава. Силни електромотори, силна рекуперација.

Меѓутоа, во време кога сите се движиме подзабавено, оти е станато многу метеж на планетава, во реални услови на возење, со темпо 120-130 на автопат, 80-90 на спореден пат, M-Hero M817 и без да се запира на полнач, ќе си функционира како пристоен и уреден хибрид. Со таа предност, што за разлика од обични хибридни возила, со батерија од еден или најмногу два киловатчасови, таа е полна до врв по неколку стотини метри по надолнина, на пример од Стража, додека кај Херојов, спуштањето по надолнина продолжува да ја полни батеријата. Така ќе се случи, долу во Кичево, да дојдете со 15-на километри подарок од планината.

Самиот 1,5-литарец не е за жалење, повеќе е за славење. Тој потекнува од новата генерација мотори Mach Power, од сопствен развој на Dongfeng, што кинескиот производител не пропушти да го одликува со наслов на најштедлив бензинец во светот, со ефикасност од преку 49 проценти, во неговата изведба за цивилните СУВ со хибриден погон. Постојат бројни варијанти на Mach Power, тука работи M-Power, специјално за M-Hero. Моторот користи напредни технологии, меѓу другото впрскување под притисок до 500 бари, варијабилна геометрија на турбината, посебни мерки за смалено триење, сложен вентилски механизам – на крајот, се добива вредност под 8 литри, при возење во град, без да се полни батеријата. Секако дека и тоа е дел од сензацијата што ја носи овој автомобил од премиер лига.

Полнење еднаш в среда, еднаш в сабота

Доколку се појде со полна батерија, ќе се минат и пристојно повеќе од 100 километри во град, што значи дека батеријата еднаш ќе се наполни в среда, еднаш в сабота. А, ако се појде надвор од град, не мора воопшто да се води грижа, дали ќе имало полнач по пат.

Но, и тоа е привилегија, покрај многуте што ги носи овој автомобил, за којшто е премалку да се каже дека е несекојдневен. Затоа, среќниците што можат да си дозволат M-Hero, сосем сигурно ќе го приклучат на полнач. А, тоа е брзо. За разлика од M817 со целосно елеткричен погон, па и од M917, тука не работи 800-волтна мрежа, туку 400-волтна мрежа. Dongfeng Mengshi не ја наведува највисоката моќност на полнење, но генерално, за 15 минути се полни до 80 проценти, а за десетина минути ќе се наполнат и преостантите 20 проценти. Сé е на ниво.

Каков сé луксуз нуди овој M-Hero M817 и со каква сé техника располага за возење на терен, какви се возните својства, удобноста, изработката, материјалите, погледнете го видеото, што вообичаено за вашата Аутомедиа, најдетално ги прикажува возилата на тест.

Сите информации за цените, опременоста, техничките податоци  на M-Hero M817 се достапни на вебсајтот на увозникот на Dongfeng за Македонија

MHERO II 817

Претходна објаваЕУ бара Британија да воведе царини за електрични автомобили, за да ѝ признае „Мејд ин Јуроп“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here