Кои се Чанган, најновата кинеска марка на македонскиот пазар и какви модели нуди?

Автомобилски марки на производителите од Кина сé почесто се приклучуваат во понудата на големите автомобилски компании во Македонија. Чанган е марка што се приклучува рамноправно во Еуроимпекс, покрај Пежо и Опел. Кои се Чанган?

Домашната сцена одамна научи дека кај автомобилите од производителите од Кина, не се сведува сé на цената, туку возачките и возачите препознаваат и други предности и квалитети, односно распознаваат разлики од марка до марка. Кусо преставување на марката Чанган.

Чанган е следното звучно автомобилско име од моќната автомобилска земја, што доаѓа на македонската сцена, покрај Донгфенг и АБЦ Брадер, најуспешни застапници на автомобилски марки од Кина на домашниот пазар, покрај Липмотор, марка од неодамна одомаќена во една од најголемите автомобилски компании во Македонија, Автонова, и покрај Би Уај Ди, коишто едноставно се моќник во светски рамки.

Чанган е дел од големата четворка автомобилски производители од Кина, коишто се под непосредна закрила на Пекинг. Сосем различно од тукашната традиционална претстава за државна компанија, властите широкоградо помогнаа за производителите од Кина да станат сé повлијателен играч на светскиот автомобилски пазар.

Корените на компанијата Чанган, чиешто име се состои од зборовите Чанг, што значи долготрајност и истрајност, и Ан, што значи спокојство, згриженост, потекнуваат од 1862 година. Таа е основана во времето на Династијата Чинг, последната семејна династија во Кина, со цел да произведува воена опрема и воедно е најстар индустриски производител во земјата.

Производството на возила почнува во 1959 година, со Чангјанг Тајп 46, теренско возило конструирано по пример на Вилис Џип, коешто се води како прв автомобил од сериско производство во Кина. Возилото е претставено за време на парадата за 10-годишнината на Народна Република Кина, како симбол за индустриската независност на земјата.

Во минатата година, Чанган произведе над 3 милиони возила, а кусо пред завршетокот на годната го прославуваше и своето 30-милионито возило. Производителот преку своите марки Дипал, Аватр, Нево и матичната Чанган, продава на 129 пазари во светот и располага со развојни центри во Италија, Јапонија, Германија, Обединетото Кралство и во САД.

Седум проценти од прометот се вложуваат во развој на нови модели и освојување нови пазари

Вкупен капацитет во развој на возила во светски размери: Преку 24.000 инженери во 31 држави, 44 центри за развој на технологија, 20 компании за технологија и преклу 200 лаборатории.

Електрификацијата е голема тема и компанијата се движи во насока да премине целосно на производство на електрични возила до 2045 година. Поради големината (93 фабрики) и пазарниот опсег што го покрива, Чанган масовно произведува и возила со бензински мотори.

Планот е до 2030 година да се достигне годишен извоз на 1,5 милион возила, со вложување 10 милијарди долари во нови пазари, као и да се создаде работна сила од преку 10.000 лица во странство.

Еуроимпекс е дополнителна „реклама“ во присуството на Чанган на македонскиот автомобилски пазар, како најстара компанија во брашната, којашто лани одбележа 35-годишнина од основањето и секако е име што веднаш се поврзува со марките Пежо и Опел.

Не се оди на тоа марката да ги понуди најевтините автомобили, туку се продава противвредност

Понудата од модели на Чанган ја почнува Чанган ЦС35 плус, СУВ од Б-сегментот, со слична големина со Рено Каптур или Тојота Јарис Крос, со класичен бензински мотор, но стандардно со автоматски менувач со двојна спојка. Во опременоста се издвојуваат стаклен покрив што се отвора, автоматски клима уред, пристап и старт без клуч, гласовни команди, електрична паркирна сопирачка, задни паркинг сензори и камера. Се нуди само една моделска изведба, но комплетно опремена и без какво било двоумење околу перфромансите. Цената на овој модел е 21.040 евра.

Чанган ЦС35

Една класа погоре, како конкурент на Киа Спортаж и на претходната генерација на Хјундаи Тусон, се нуди ЦС55 Плус, со 1,5-литарски турбо бензинец со 180 КС и 7-степен менувач со двојна спојка, што во споредба со опремата на ЦС35 соодветно додава и електрично местење на предните седишта, приспособлив темпомат, приказ во 360 степени при паркирање. Тоа се 25.250 евра.

Чанган ЦС55

Третиот модел од матичната марка е Јуни-Ти, спортски кросовер со истата техника и со големина слична со ЦС55, со повеќе нагласена динамика во изгледот и во изгледот на внатрешноста. Тука исто така се работи за 1,5-литарец со 180 КС, што спинтува до темпо сто за 7,9 секунди и постигнува 190 км/ч, со просечна потрошувачка од 7,4 литри бензин. Цената на Јуни-Ти е 27.360 евра.

Чанган Јуни-Ти

Дипал е повисоко позиционирана марка специјализана за хибриден и електричен погон

Следната тројка од почетната постава на Чанган се возила од подмарката Дипал, којашто е специјализирана за хибриден и електирчен погон. Чанган Дипал С05, моделот од македонската премиера, во целосно електирчна изведба се нуди во три нивоа на опременост, почнувајќи од 33.990 евра.

С05 е СУВ-модел што не позициониран чисто во Ц-или Д-сегмент, туку повеќе комбинира техника на компакт класа и големина на средна класа. Тоа значи дека и цената е поблиску до компакт, и тоа им се допаѓа на возачките и возачите.

Електричниот погон со сочинува електромотор назад со моќност од 272 КС и вртежен момент од 290 њутнметри, и батерија ЛФП од 68,8 киловатчасови, за досег до 485 километри. На брз полнач, батеријата постигнува 10-80% наполнетост за 23 минути.

Дипал одат уште еден чекор повисоко во системите за асистенција и во конективноста, така што тука се добива и поддршка за Андроид и иОс. Постои второ ниво на опременост со истиот погон, каде што за 2.000 евра над основниот модел се добиваат уште стилски додатоци во каросеријата, загревани прскалки за ветробран, вовлечени рачки во вратите, електрично отворање на врата на багажник, грејачи во волан, грејачи и вентилација во предни седишта, па дури и средишен екран што се врти.

Третата варијанта е модел со погон на сите тркала, каде што напред е вграден електромотор од 120 киловати. Таа чини 38.990 евра.

Голема новина за возачките и возачите што не се расположени уште да преминат на погон на струја, туку си веруваат во бензинец, е изведбата на С05 со приклучен хибриден погон, со 1,5-литарскиот мотор, со системски 272 КС, батерија од 18,4 кВч за 100 километри досег, па и можност за брзо полнење. Тоа е воедно погонската изведба што им причинува најмногу главоболки на традиционалните производители на европскиот пазар, поради високата побарувачка за С05 ПХЕВ. Цените уште не се објавени.

Врвот во гамата го поставува електричен С07, кросовер од чиста средна класа, каде што се става повеќе нагласок на премиум изработка и опременост, како и на подинамичен изглед. Вообиачено за кинеските модели од повисоките класи, тука прозорците имаат двојни стакла, светлосни ефекти во кокпитот, и општо е наменет за посериозни возачки и возачи.

Уште една марка на Чанган поаѓа во освојување на европскиот пазар

Чанган имаше и забележано присуство на салонот во Париз, каде што европска премиера доживеа подмарката Нево, што за разлика од Дипал, нуди уште подостапно ниво на цени и општо е замислена како марка семејни возила.

Во првите осум месеци, Чанган испорача близу 4.500 возила на европскиот пазар. За следната година се цели на 100.000 испораки во Европа, за во 2028 да бидат достигнати 300.000 возила. Кинескиот производител изложуваше и на пролетниот салон во Белград, каде што беа посигнати 500 нарачки за возиларта на Чанган.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Салонот за Чанган е во завршни подготовки за отворање, се наоѓа на улица Скупи, и тоа ќе биде вториот деловен и сервисен центар на Еуроимпекс во Скопје, со сите три автомобилски марки, вклучувајќи ги Пежо и Опел.

 

Претходна објаваВечерва премиера на првиот електричен СУВ-модел на Мерцедес-АМГ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here