Ауди отвора нов центар за развој во Кина, за марката АУДИ

Германскиот производител отвора нов и поголем центар во Шангај, за да развива нови модели и технологии за својата „кинеска“ марка АУДИ – што се пишува со големи букви и ги нема четирите прстени на матичната марка.

Изгледот на идниот центар за развој на АУДИ во Кина, сестринска марка на Ауди, наменета строго за кинескиот пазар. На возлата на марката се наоѓа само името АУДИ со големи букви, без 4-те прстени

Ауди презема крупни чекори на сите страни на светот. Откако најави изградба на фабрика вредна милијарди долари во САД, следен чекор е засилување на развојот на возила и технологија за нив во Кина, за посебната марка АУДИ, наменета строго за кинескиот пазар.

Ауди го испочитува радикално видоизменетиот автомобилски пазар во Кина и вложува дополнително во развој на возила и технологија за марката АУДИ, со изградба на нов центар во Шангај, којшто ќе опфаќа значително пообемен персонал. Центарот ќе работи во партнерство со САИЦ, производител на марката МГ, и долгогодишен локален соработник на Ауди.

Означен кусо АИТЦ (АУДИ Иновејшн енд Технолоџи Центер), тој ќе работи на развој на идните модели, почнувајќи од концепт, до доведување до зрелост за сериско производство.

Центарот ќе вработува околу 300 лица, кои ќе се потпираат на инженерската компетенција на марката Ауди. Намерата е да се скуси времетраењето на развојот, да се развиваат модели според вкусот на кинеските возачки и возачи, а сето тоа за да се зајакне конкурентноста на најголемиот автомобилски пазар во светот.

АИТЦ ќе биде главен центар за развојот на модели за марката АУДИ

„Кина е клучен пазар за Ауди и еден од најдинамичните центри за иновации во автомобилската индустрија. Кој сака да успее тука, мора да работи блиску до клиентите и брзо да ги пренесува новите технологии во возила што освојуваат“, изјави Герно Делнер, претседател на управниот одбор на Ауди АГ.

АУДИ Е5 Спортбек

Ауди денес е присутен на пазарот во Кина со две марки, матичната марка и нејзината сестринска марка АУДИ, со име напишано на возилата со големи букви, без четирите прстени. АУДИ е марка наменета строго за кинескиот пазар.

Возилата на АУДИ се развиваат во соработка со САИЦ, производител на МГ. Марката стартуваше во 2024 година, насочена кон купувачи што во возилата првенствено ги интересира технологијата што ја добиваат.

Од матичната марка Ауди се наследуваат „дизајнот, возната динамика, квалитетот и безбедноста, комбинирани со иновациската моќ на САИЦ и со длабока интеграција во кинескиот дигитален екосистем,“ порачуваат од седиштето на Ауди АГ во Инголштат.

Прв стартуваше со продажба АУДИ Е5 Спортбек, во минатата година, а во мај следеше АУДИ Е7ИКС, целосно електричен СУВ со големина на Ку 7. Се најавува уште еден модел.

Претходна објаваХибридите ѝ донесоа на Тојота профит зголемен за 34 проценти