Пежо на филм – од легендарната серија Такси до новите филмски потфати

Моделите на Пежо со децении блескаат на филмското и телевизиското платно – од серијата Такси и Ронин до Коломбо, биографскиот Ферари и новите проекти.

Пежо 406 во „Такси“ на Лук Бесон

Кога автомобилот не е само филмски реквизит што се појавува во кадар, туку рамноправен лик што останува врежан во сеќавањето на гледачите, моделите на Пежо со децении се меѓу најпрепознатливите – почнувајќи од незаборавниот филмски серијал Такси до најновиот филмски ангажман на француската марка.

На филмското и телевизиското платно автомобилите често имаат улога што ја надминува обичната превозна функција. Тие го градат карактерот на ликовите, ја нагласуваат атмосферата и понекогаш стекнуваат слава речиси еднаква на онаа на актерите зад воланот. Кај Пежо оваа нишка трае со децении и денес повторно добива силен замав, со засилено присуство на марката во светот на филмот преку иницијативата „Лавот излегува на сцена“ („The Lion Takes the Stage“), соработката со актерот Алесандро Борги како бренд-амбасадор во Италија, спонзорството на филмскиот фестивал во Венеција и доделувањето на наградата „Пежо“ (PEUGEOT Award).

Во истиот правец оди и конкурсот „Кип ролинг 2027“ („Keep Rolling 2027“), организиран заедно со Здружението на италијански режисери (АИР3) и „Филмленд сторис“ како поддршка за новите генерации автори. Иницијативата вклучува грант од 25.000 евра од Пежо, како и техничка и продукциска поддршка за реализација на оригинален краткометражен филм што ќе биде претставен на изданието на фестивалот во Венеција во 2027 година.

Од Коломбо до Такси – ликови што се паметат колку и актерите

Меѓу највпечатливите појавувања на марката секако е кабриолетот Пежо 403 на поручникот Коломбо, со Питер Фалк во главната улога. Благодарение на својот несовршен, навидум запуштен, но секогаш верен изглед, овој модел стана заштитен знак на серијата и совршено се вклопи во стилот на прочуениот инспектор.

Во осумдесеттите години, пак, спортскиот модел Пежо 205 ГТИ со 105 коњски сили го покажа својот динамичен карактер во филмот „Сабвеј“ („Subway“) на Лик Бесон, со млад Кристофер Ламбер, во жива бркотница низ улиците на Париз.

Сепак, една од најголемите филмски потврди за Пежо е серијалот „Такси“ („Taxi“), започнат во 1998 година. Лудите возења низ Марсеј ги прославија радикално преработените лимузини Пежо 406 претворени во неверојатно брзи такси-возила, а приказната продолжи и во „Такси 4“ од 2007 година кога штафетата ја презеде Пежо 407, кој се врати и во петтото продолжение од 2018 година.

Во холивудскиот акционен трилер „Ронин“ („Ronin“) од 1998 година во режија на Џон Франкенхајмер, покрај Пежо 406 3.0 В6 во познатата бркотница низ Париз со Роберт де Ниро и Жан Рено, се појавуваат и три примероци на моделот Пежо 605 во впечатлива акциска секвенца. Присутни се и наслови како „Брз како ветерот“ („Veloce come il vento“) од 2016 година со моделите 205 Т16 и 205 ГТИ 1.9 и со актерите Стефано Акорси и Матилда де Анџелис – филм со посебен куриозитет за љубителите на трките, бидејќи во сцена кај базен како деветгодишно дете се појавува и денешниот светски шампион во Формула 1, Кими Антонели.

Пежо 3008 · Тест · Колку е штедлив 1,6-литарскиот бензинец?

Од телевизиските серии до биографскиот „Ферари“

Моделите со знакот на лавот оставија трага и во телевизиската продукција, вклучувајќи го купето 504 од 1971 година во серијата „Оваа наша љубов“ („Questo nostro amore“), елегантната верзија 504 Купе В6 во француската серија „Шериф“ („Cherif“), како и кабриолетот 504 во серијата со Џиџи Проети.

Понов придонес во оваа галерија е биографскиот филм „Ферари“ („Ferrari“) на Мајкл Ман од 2023 година, со Адам Драјвер како Енцо Ферари и Пенелопе Круз во улогата на Лаура. Во дејството сместено во 1957 година, Енцо Ферари во повеќе сцени вози лимузина Пежо 403 – детаљ што има реална историска основа во наклонетоста на основачот од Маранело кон автомобилите на француската марка.

Од комедии и акциони трилери до телевизиски серии и биографски драми, моделите на Пежо со децении покажуваат дека автомобилската приказна лесно го надминува асфалтот и станува дел од пошироката поп-култура.

Претходна објаваЛипмотор е прв кинески стартап за електрифицирани возила што ја мина границата од два милиони произведени примероци