
Извршниот директор на марката Фолксваген, Томас Шефер, тврди дека на Фолксваген му успеа проектот со 4-те малечки електрични автомобили со најдостапна цена досега, меѓутоа напомена дека тоа е најтежок предизвик за бизнисот на концернот.
Фолксваген се соочува со остра конкуренција од Рено 5, најпродаван малечок електричен автомобил во Европа, како и од кинеските производители Би Уај Ди и Липмотор.
„Малечките електрични автомобили се најтежок дел од нашиот бизнис,“ изјави извршниот директор на марката Фолксваген, Томас Шефер, на настанот за медиуми што германскиот производител го организираше во предвечерието на салонот на автомобили во Париз.
Шефер кажа дека Фау Ве (VW) успеале да решат дел од ценовните пречки во производството во Европа, со тоа што преку 80 проценти од деловите и технологиите што се користат кај Фау Ве ИД Поло и ИД Крос, Купра Равал и Шкода Епик, им се заеднички на сите четири модели.
„Кога купувате делови за четири автомобили од три марки, купувате многу поголеми количини,“ објаснува Шефер. „Тоа ни дава ценовна структура што конечно овозможува да се произведуваат малечки електрични автомобили во Европа.“
Фолксваген соопшти дека заедничкиот пристап во развојот на четирите модели донел заштеда од 600 милиони евра.
Шефер кажа дека индустријата долго време сметала оти малечките електрични автомобили се прескапи да се развиваат и произведуваат во Европа, поради ниската маржа. „Со години, искрениот одговор од нашата индустрија беше дека тоа не може да се постигне,“ кажува директорот. „Сега го докажавме спротивното.“
Близу 150.000 нарачки
Шефер соопшти дека семејството од четири модели привлекло близу 150.000 нарачки и преднарачки, од кои само 40.000 се дојдени за ИД Поло.
Возилата се произведуваат во фабриките на концернот Фолксваген во Марторел и во Памплона, Шпанија, каде што германскиот производител и партнерите заедно инвестираат 10 милијарди евра за производство на возила и батерии за нив.
Онлајн-каталог со цени и податоци за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

И покрај смалените трошоци и високата почетна побарувачка за малечките електрични автомобили, Шефер цени дека на Фолскваген сé уште му е потребна законска подлога, што ќе му помогне да се натпреварува во сегментот каде што цените се најважни.
„Ние го завршивме нашиот дел со инвестициите, фабриките и автомобилите,“ вели шефот. „Сега ни е потребна законска рамка што ќе го награди токму тоа: малечки електрични автомобили што се произведени во Европа.“
Шефер конкретно се повика на суперкредитите на ЕУ за малечки електрични автомобили што се произведуваат во Европа, што на производителите ќе им олеснат да ги исполнат строгите норми за смалување на емисијата на ЦО2 под прагот што го одреди Комисијата на ЕУ.
Со предложените закони во ЕУ, секој малечок електричен автомобил од европско производство ќе им се пресметува на производителите како 1,3 обичен автомобил, за полесно да ги исполнат барањата на ЕУ.
Предлогот му оди во корист и на соперничкиот концерн Стелантис, каде што се развива ново семејство малечки електрични автомобили во рамките на програмата Е-Кар. Меѓу тие модели ќе биде и модел на Ситроен, во стилот и духот на иконскиот 2ЦВ. Возилата ќе стартуваат под 15.000 евра и ќе се произведуваат во Италија. Електричниот Ситроен 2ЦВ се очекува во 2028 година.
Извршниот директор на концернот Фолксваген, Оливер Блуме, во своето обраќање до медиумите пред салонот во Париз кажа дека скапата енергија и работна рака, бирократијата и бавното донесување одлуки ја уништувале конкурентноста на производителите на автомобили во регионот.















