Алфа Ромео со концептот Куореросо првпат го прикажа изгледот на следната генерација модели од средната класа, иако уште не е потврдено кога тие модели ќе се појават на сцената. Матичниот концерн Стелантис уште е во потрага по партнери со коишто ќе ги произведува наследничките на своите модели од средната класа, лимузината Џулија и СУВ-моделот Стелвио, што веќе влегуваат во години.
Концептот што ја имаше својата светска премиера на 11-ти октомври, во предвечерието на отворањето на салонот во Париз, доаѓа во време кога продажбата на Алфа Ромео опаѓа, а моделите од средната класа, што се на пазарот веќе десетина години, не се достапни со хибриден или со каков било електрифициран погон, и неизвесно е дали тие ќе добијат наследнички.
Куореросо е концепт „роден од срце за марката, дизајниран за тие што уште го сакаат уживањето во возењето,“ порача компанијата во соопштението за медиуми. Куореросо во превод е црвено срце.
Создадена под раководство на Алехандро Месонеро Романос, шпански дизајнер што во 2021 година ја напушти буџет марката Дачиа на групацијата Рено и премина во Алфа Ромео, Коуреросо е ниско купе со 2+2 конфигурација и четири врати. Задните врати се отвораат наназад, со цел да се олесни седнувањето.

„Со Куореросо го пренесуваме идентитетот на Алфа во иднината, којашто е отворена за различни видови на погон, и во којашто технологијата, функцијата и квалитетот секогаш се во служба на емоциите и возачкото уживање,“ порача во соопштението извршниот директор на Алфа Ромео и Масерати, Санто Фичили.
Куореросо е долга 4,7 метри, широка близу 2 метри, но висока само 1,33 метар, со меѓуоскино растојание од 2,93 метри. Алфа цени дека концептот соединува карактер на Гран Туризмо со динамичност на суперавтомобил.
Ниската хауба, набиениот опаш и дифузорот што е изработен во каросеријата, придонесуваат за отпорот на воздух да изнесува 0,28.
Куореросо се повикува на престижните спортски верзии Квадрифољо на Алфа Ромео, но користи електрифициран погон. Концептот располага со хибридна изведба на 2,9-литарскиот мотор Ве-6, со двојно турбонатполнење, познат од Џулија Квадрифољо, каде што испорачува 520 КС.

Во Куореросо работи погон на сите тркала и класичен автоматски менувач, но и карданско вратило од карбонски влакна, со цел да се спушти тежината. Таа изнесува 1,75 тон.
Наследничките на моделите од средната класа Џулија и Стелвио неколкупати беа одложувани во изминативе години и оставаат празнина во планот Фастлејн 2030 за Алфа Ромео, што беше објавен во мај. На тој настан, Алфа најави замена за компактниот СУВ-модел Тонале, којашто ќе се појави в година, исто како и нова генерација на компактен модел, наследник на Џулиета.

Замената за Тонале ќе биде конструирана врз платформата СТЛА Медиум на Стелантис и ќе се произведува во Мелфи, во средна Италија, заедно со ДС 7 и 8, потоа Ланчиа Гама и Џип Компас. Новиот компактен модел ќе биде достапен и како целосно електричен автомобил, што не е случај со тековниот модел.
Следниот нов модел ќе го означи враќањето на Алфа во сегментот на компактни комбилимузини, што марката го напушти откако престана производството на Џулиета кон завршетокот на 2020 година. Новиот компакт ќе ја користи платформата СТЛА Уан, којашто е наменета за модели од градската, компактната и средната класа, во варијанти со мотор со внатрешно согорување и со целосно електричен погон.

„Во моментов разгледуваме две до три решенија за да лансираме нови модели од Д-сегментот, од коишто некои потекнуваат од нашиот инженерски оддел, а некои од надворешни партнери,“ кажа пролетоска оперативниот директор на Стелантис за поширокиот регион на Европа, Емануеле Капелано.
Продажбата на Алфа Ромео во ЕУ, ОК и ЕФТА опадна за 22 проценти до август, со продадени 31.9024 возила, главно поради застарената понуда од модели.
За осум месеци, од 11-годишната Џулија се продадоа 1.151 возила, двојно помалку од лани, додека една година помладата Стелвио, загуби 42 проценти од ланската продажба, со 2.869 возила. Пад имаше и Тонале, лансиран пред 4 години, со 8.042 возила (-26%).
Дури и најмладиот модел Јуниор, лансиран пред две години, се соочи со пад од 14 проценти и 19.836 возила во првите осум месеци. Тој сочинува преку 60 проценти од продажбата на легендарната марка.
Во рамките на поланот Фастлејн 2030, Алфа Ромео ќе изврши зафати и кај Јуниор, којшто се нуди и во целосно електрична изведба.















