Фиат Мултиплеј е семеен миниван што се претвора во пикап

Премиерата од Фиат на салонот во Париз е концептниот автомобил Мултиплеј, возило што се претвора од миниван со шест седишта во пикап за четири патници, благодарение на лизгачкиот покрив.

Стелантис го опишува Мултиплеј како „лабораторија на решенија“, место како најава за иден сериски модели, иако претходно постоеја планови за тој да се произведува во Турција или Бразил.

Концептниот автомобил Фиат Мултиплеј може од семеен миниван со шест седишта да се претвори во пикап за четири патници, благодарение на лизгачкиот покрив што отвора пристап до товарната платформа одзади.

Мултиплеј е создаден за семејства што имаат потреба повремено да го користат возилото за превоз на патници, а повремено како возило што се користи за работа и превоз на материјали.

Концептот што ја доживеа премиерата на 11-ти октомври, во предвечерието на салонот во Париз, инспириран е од два историски модели на Фиат што излегуваа во пресрет на предизвикот да се создаде возило што се менува:

  • Фиат Мултипла 600 од 1956 година, коешто се цени како прв миниван од сериско производство во светот, со место за шест патници во возило долго само 3,5 метри. Тоа е варијанта на прочуениот Фиат 600, порано произведуван лиценцно и во Србија како Застава 750, односно Фиќо.
  • Втората генерација на Мултипла, што беше лансирана во 1998 година, со шест седишта во два реда, на должина од одвај четири метри.

По примерот од претходниците, во Мултиплеј е главна приспособливоста, но ги надминува можностите на своите претходнички со тоа што нуди и отворен простор за превоз на предмети.

Фиат Мултиплеј се претвора во пикап

Лизгачкиот покрив ослободува пристап до отворен товарен простор

Суштината на концептот е „Метаморфозата“, темелена врз подвижниот заден модул што е вграден во задните кровни столбови.

Со лизгање на делот од покривот што е меѓу Ц- и Д-столбовите (третиот и меѓу четвртиот столб) нанапред, заедно со горниот дел од вратата на багажникот, возилото се претвора од семеен транспортер во компактен пикап. По оваа трансформација се добива отворен товарен простор, што големината на кабината ја скусува за околу една третина.

Долг 4,45 метри, Мултиплеј има ста големина со компактниот СУВ-модел Гризли, којшто исто така доживеа премиера на салонот во Париз.

Фиат наведува дека концептот Мултиплеј истражува начини како возило да се припособи на променливите потреби на современиот семеен живот, од превоз до училиште и до работа, до спортски активности и рекреација во природа.

Во својата основна конфиогурација, кабината располага со распоред на седишта 6+1, со седиште „Петсенџер“ како новина. Оваа модуларна единица може да послужи за поставување детско седиште, но и како простор за домашно милениче, за одлагање или како масичка.

Совозачкото седиште може да се претвори во Сансит, за излежување на сонце кога возилото е паркирано

И совозачкото седиште може да се претвори во удобна лежалка, кога е паркирано возилото. Со преклопување и свртување на седиштето наназад, арматурната табла служи како потпирач за грбот, создавајќи простор за релаксирање под сончевиот покрив.

Четири седишта во варијантата како пикап, со отворен простор за товарење

Кога ќе се престори во пикап, возилото располага со четири седишта, но дополнително нуди отворен простор за товарење, на пример за велосипеди, спротска опрема или крупен товар.

Фиат вгради и компоненти со повеќе функции. Задниот спојлер, на пример, се извлекува за да се претвори во носач за два велосипеди и со тоа се продолжува товарниот простор по потреба.

Мултиплеј е остварување на долгорочниот сон на извршниот директор во заминување, Оливие Франсоа, кој замислуваше сериска верзија заснована врз платформата Смарт Кар на Стелантис.

Возилото првично беше замислено да се произведува во Турција, за европскиот пазар, и во Бразил, за пазарите во Латинска Америка, кадешто Фиат Страда е еден од најпродаваните пикапи со самоносечка каросерија.

И покрај тој голем пазар, Стелантис посочи дека Мултиплеј треба да се гледа како „лабораторија на решенија“ за истражување на концепти на мобилност за иднината, место како најава за идно сериско возило.

Мултиплеј го „прикажува квалитетот што сакаме да го внесеме во следното поглавје на Фиат: способноста да се направи корисен автомобил во секојдневниот живот,“ изјави идниот извршен директор на Фиат, Арно Белони. „Потребите на семејствата се менуваат и овој концепт ни дозволува да ги истражуваме можностите што се менуваат заедно со нив.“

Претходна објаваАлфа Ромео со Куореросо во потрага по партнер за развој на моделот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here