
Концептниот 2 ЦВ беше прикажан во предвечерието на салонот на автомобили во Париз, на 11-ти октомври. Автомобилот со должина од 3,67 метри, што е покус од оригиналниот модел, позајмува бројни стилски зафати што ќе ги препознаат заљубениците во 2 ЦВ, почнувајќи од заоблената форма на покривот, рамниот ветробран и платнениот покрив што се собира.
Духот на историскиот модел го следи и минималистичкиот пристап во внатрешноста, со остранлива предна клупа што е обложена со платно со каро-шара и со рамен под.
Во Ситроен не се сложуваат дека 2 ЦВ Концепт е само вежба на тема носталгија.
„Почетната намера не е повторно да се направи 2ЦВ, туку да се осмисли малечок електричен автомобил од иднината – практичен и посакуван, што донесува нишка на ‘жоа де вивр’ – за секојдевните куси патувања повторно да станат возбудливи,“ стои во соопштението од Ситроен.
Французите не ги соопштија техничките поединости, но посочија дека серискиот модел ќе тежи под 1 тон и со тоа ќе биде за 200 килограми полесен од еден од своите главни соперници, Рено Твинго Е-Тек.
Серискиот модел се очекува во 2028 година. Тој ќе биде дел од новата програма Е-Кар на Стелантис, којашто се развива со партнери, со цел да се скусат трошоците и да се забрза развојот. Малечките електрични автомобили, вклучувајќи го и моделот од марката Фиат, ќе почнуваат под 15.000 евра, што е пониско од повеќето ЕВ што се нудат во Европа.
Идниот 2 ЦВ во понудата од модели на Ситроен ќе биде сместен меѓу Ами, малечок, но забележан електричен четирицикл, и кросоверот од градската класа Ц3.
Последниот малечок автомобил на Ситроен, Ц1, престана да се произведува во 2022 година, во погоните на Тојота во Колин, Чешка. Тој се произведуваше заедно со Тојота Ајго и Пежо 108.
Програмата на малечки електрични модели е создадена со цел да се искористат предложените „суперкредити“, што на производителите ќе им овозможат значително скусување на емисијата на ЦО2, кога ЕУ ќе им пресметува дали тие се под строгата граница за издувни гасови. Со овие суперкредити, секој малечок Е-Кар што е произведен во Европа, ќе се цени колку 1,3 обичен електричен автомобил.

Производството на Е-Кар ќе се одвива во фабриката во Помиљиано, во близина на Неапол, во средна Италија. Според објавите на тамошните медиуми, што Стелантис не ги оспорува, идните Е-Кар ќе бидат конструирани врз платформа и електричен погон што се развиени од Липмотор, кинески производител, каде што концернот на Фиат и Ситроен поседува удел од 21 проценти. Липмотор, според италијанските медиуми, ќе ги произведува Е-Кар во Помиљиано, во замена за електричното мини Т03, што се увезува од Кина.
Фиат, Хјундаи и Рено се соперниците во растечкиот сегмент на електрични мини автомобили
Со цени на основните модели од 15.000 евра, не вклучувајќи ги субвенциите, идните Е-Кар ќе станат најдостапни ЕВ што се продаваат на европскиот пазар, но и општо најдостапни модели на пазарот.
Освен сестринските Е-Кар, меѓу соперниците на 2 ЦВ во сегментот на мини-автомобили спаѓаат Фиат 500е и Смарт 2, коишто имаат две врати, потоа Хјундаи Инстер и триото од групацијата Рено, сочинето од Твинго, Дачија Спринг и Нисан Пиксо. Киа и Фолксваген в година исто така ќе пуштат електрични мини автомобили.
Липмотор Т03 води во продажбата годинава, со преку 37.000 возила до август. Кинеското мини имаше корист од широкоградите субвенции во Италија, со коишто цената му падна под 5.000 евра, но таа програма веќе е завршена.
Меѓу најдостапните малечки ЕВ спаѓаат Би Уај Ди Долфин Сурф, Ситроен е-Ц3 и Џили Е Икс 2, сите со цена под 20.000 евра.

Оригиналниот 2 ЦВ, означен по категоријата за даночење според моќноста во Франција, прпват се појави во 1949 година, како замена за тогаш вообичаените коњски запреги во селските региони во земјата. До 1990 година се продадоа повеќе од 5 милиони возила.
Препознатлив со заоблената форма на покривот и издвоените светла како кај инсект, 2 ЦВ се произведуваше со моќност од 9 до 29 КС, и со тежината од 475 до 575 килограми, постигнуваше брзини над 110 километри на час. Од почетните 375 сантиметри кубни, зафатнината низ годините порасна на 602 сантиметри кубни. Посебното подвозје обезбедуваше меко возење и по лоши патишта. Славната реклама тврдеше дека Ду Шево може да пренесе корпа јајца преку нива, без да се скрши јајце.

Ситроен претходно најави враќање на 2 ЦВ во 1998 година, за да се натпреварува со Мини и со Фолксваген Њу Битл. Тогаш беше планирано да се користи техниката од Пежо 206.
Во меѓувреме, Рено покажа дека на пазарот има голема побарувачка за електрични авотмобили во стар стил, со своите Рено 5, Рено 4 и Твинго.

Фабрички видеа од Ситроен 2 ЦВ Концепт














