
Пежо 3008 е авангардата, како на марката со лавот, така и на целиот концерн Стелантис. Тој прв ги воведе промените, во дизајнот, во ај-кокпитот, во електричниот погон. Компактниот СУВ има забележливо присуство на пазарот и се вбројува меѓу најпродаваните модели во сегментот. За тоа се заслужни и погоните, почнувајќи од благ хибрид, преку приклучен хибрид, до целосно електричен модел. Но, на македонскиот пазар, најпродаваните Ц-СУВ се неелектрифицирани. Таква е и новата погонска изведба во гамата на Пежо 3008, за избрани пазари.
Моделот на Пежо е добро подготвен за битката во сегментот на компактните СУВ, најпродаваниот вид на возило на европскиот пазар. Французите го нудат во секаква електрифицирана изведба, како благ хибрид со 145 КС, како приклучен хибрид со 225 КС и стотина километри електричен досег, и како целосно електричен модел, што може да постигне досег и до 700 километри. Тоа му донесе преку 70.000 продажби во првите седум месеци од годинава, на западноевропските пазари.
На македонскиот пазар, пак, повеќе се бара класика, без електрификација. Таква изведба досега не постоеше во понудата на Пежо 3008. Но, само досега. За сензацијата да биде уште поголема, Еуроимпекс го понуди 1,6-литарскиот турбо бензинец со 180 КС по иста цена со досега најдостапната погонска изведба, таа со 1,2-литарски Пјуртек со 136 КС и 8-степен автоматски менувач, изведена како благ хибрид, со електромотор од 28 КС, односно системски 145 КС. Акциската цена (август 2026) е 30.990 евра.
Бензинецот од 1,6 литар не е толку непознат. Се работи за мотор од генерацијата TХП, односно Принц, што тогашен ПСА Пежо Ситроен, пред спојувањето со Фиат Крајслер во Стелантис, го разви заедно со БМВ. Овој мотор го достигна својот врв во престижното купе Пежо РЦЗ, со коешто Французите му парираа на Ауди ТТ. Во специјалната изведба РЦЗ Р, произведувана меѓу 2014 и 2015 година, овој мотор постигна 270 КС и 330 њутнметри, што резултираше со 5,9 секунди до темпо сто и крајна брзина од 250 километри на час. Моќност, односно резерва, сигурно не му недостига на овој мотор.
Четирицилиндарецот со фабричка ознака ЕП6 (целосна ознака конкретно за овој мотор е ЕП6ФАДТИксД) сепак не е толку класичен. Секако дека се користи директно впрскување под висок притисок, со вредности до 200 бари, но моторов поседува и Валвтроник, односно променива фаза (ВВТ на двете брегасти вратила) и променливо времетраење на отворање на вентилите (ВВЛ, за вшмукувачките вентили), како и твин-скрол турбо полнач од Борг Варнер.

Четирицилиндарецот се вградува и во Пежо 3008 со приклучен хибриден погон
Максималната моќност од 180 КС се постигнува при 5.500 вртежи, но тоа што повеќе убедува се 300-те њутнметри при 2.000 вртежи. Автоматскиот менувач располага со 6 степени на пренос. Фабрика наведува забрзување до темпо сто за 8,7 секунди и крајна брзина од 215 километри на час. За потрошувачката се наведуваат вредности според нормата НЕДЦ, односно 6,6 литри на отворено, 10,23 литри во град, и просечна вредност од 7,9 литри.
Сега кога македонскиот пазар го доби моторот што многумина го посакуваа уште од старт, прашањето е, без електрификација, моторов да не троши малку повеќе?
Овој мотор, сепак служи и како основа за изведбата со приклучен хибриден погон, со разликата што таму работи во милеров циклус, со задоцнето затворање на вшмукувачките вентили, заради дополнителна штедливост. Постои разлика и кај турбополначот, којшто кај хибридот постигнува повисок притисок на натполнење, за да се надомести малиот губиток во моќноста (150 КС), поради штедливиот милеров циклус. Со празна батерија, ПХЕВ-изведбата постигнува вредност од 6,1 литри на сто километри, според ВЛТП. Чисто како напомена, дека моторов е одлична основа и за приклучниот хибрид.
Новиот, класичен погон во техно-авангардниот Пежо 3008 е совршена можност да се провери, дали со почитување на правилата за штедливо возење, може и со класичен мотор, без електрификација, да се постигне вредност на потрошувачка, што ќе биде уверлива во изборот на оваа погонска изведба. Односно, дали со внимателно возење во поглед на потрошувачката, може да се постигне вредност како кај хибрид.
За таа цел, Аутомедиа направи едно тестирање, колку најмалку може да потроши 1,6 Пјуртек 180, при возење на отворено. Поаѓалиште беше станицата за гориво на Макпетрол на автопатот покрај Идризово, а одредиштето Дојран. Пат долг околу 160 километри, со тоа што заради потполна заштеда, рутата ја насочивме преку езерото Младост и Велес, по споредниот пат кон Градско, а потоа до Дојранското Езеро.
Возење „според знаци“, но тоа пак не е доволно за да се постигне најниска можна потрошувачка
На целото патување се возеше според брзинското ограничување, но секогаш со почитување на правилата. А, основното правило е: Брзината на возење да се менува колку е можно помалку и да се вози рамномерно, без нагли забрзувања и забавувања, во највисокиот можен степен на пренос. Кои сé правила беа почитувани, молиме погледнете во полчасовното видео на Јутјуб, што подробно го прикажува целото патување.
Вредноста на завршетокот на тестот беше 5,3 литри, според моментното отчитување на патниот компјутер, иако само кусо пред запирањето стоеше вредност 5,2 Л/100 км. Но, и топлото време и работата на клима уредот на 40-на степени, направија и таа минута додека моторот работеше во место, да доведе до зголемување на просекот за 0,1 литар. Тоа секако е одлична вредност и го оправдува додавањето на овој мотор во понудата на Пежо. Вредноста ќе беше уште пониска, доколку се тестираше при пониска температура.
Сите подробности околу Пежо 3008 1.6 Петрол 180, што на тестот возеше во врвното ниво на опременост ГТ, ќе ги објавиме во посебен тест.
Во вториот дел, кога ќе биде обезбедено соодветно возило за тест, истата рута ќе ја повториме со 1.2 Пјуртек со 145 КС, со благ хибриден погон, исто така со почитување на правилата за штедливо возење.















