Најпродавани малечки автомобили во Европа, се бара електрично

Во класата на најмалечките модели до октомври се продадени 435.125 возила, а половината од Топ 10 веќе се целосно електрични.

Електричниот Липмотор Т03 има најголеми заслуги за растот во сегментот на малечките автомобили, со 43.435 возила до октомври, наспроти 12.877 лани.

Продажбата во двата сегменти со најдостапните модели на пазарот, но не и најголеми сегменти, го следи просекот на целиот пазар годинава. Тоа што се издвојува, секако е големиот број целосно електрични модели што се во Топ 10, како Липмотор Т03 или Рено 5 Е-Тек.

Големи движења на пазарот на најмалечките и најдостапни модели на европскиот пазар. Во класата каде што Фиат Панда буквално владее, во првите десет месеци од годинава се продадени 435.125 возила или за 11,9 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Тоа се 46.100 возила повеќе.

Две третини од тој раст му припаѓаат на електричниот Липмотор Т03, којшто лани постигнал 12.877 продажби до октомври, а годинава 43.435, односно 30.558 возила или 237,3 проценти повеќе.

Исто толкаво засилување доаѓа од Рено Твинго Е-Тек, уште едно електрично „мини“, со 32.325 продажби. Моделот стартуваше неодамна и ветува големи промени во целиот сегмент.

Половината од 10-те најпродавани модели во овој сегмент се целосно електрични: Покрај Т03 и ретро-Твинго, тука се уште Хјундаи Инстер, Дачија Спринг и Фиат 500е.

Меѓу малкуте модели што го губат пазарот се Киа Пиканто, со пад од 10,7 проценти, што укажува дека новодојденците веќе загризуваат во нејзиниот дел од колачот. Најголемиот пад е кај Хјундаи и-10, но корејскиот производител не губи, затоа што го има Инстер. Тоа воедно укажува на трендот што се случува меѓу најдостапните автомобили. Во време кога политиката ја одредува цената на нафтата и горивата, луѓе сé повеќе се охрабруваат да преминат на електричен погон.

Но, на луѓето им се важни и имиџот, дизајнот, душата на некои малечки автомобили. Одличен пример за тоа е Фиат 500, којшто со додавањето на верзијата со хибриден погон – новиот Фиат 500 досега беше достапен само како електричен автомобил – буквално се вивна на врвот, со раст од 895,3% и продадени 27.810 возила, наспроти 2.794 лани.

Фиат 500 Хибрид

Кај класичните градски комбилимузини е поумерен растот, со 2,2% во позитива и продадени 1.568.426 возила за десет месеци. Тука е четирикратниот шампион во месечната продажба годинава, Дачија Сандеро, којашто падна 10,7 проценти. Романскиот производител тврди дека причината за тоа се проблеми во логистиката, а тоа ги вклучува добавувачите. Тоа се случува на ниво на целата групација Рено, затоа што истата судбина го погаѓа и новиот Клио, којшто стартуваше одлично, но падна 15,5% годинава. Исто со пад се соочуваат и Пежо 208, Ситроен Ц3, Опел Корса, Тојота Јарис – по истиот редослед на списокот на најпродавани модели во сегментот. Растат Фолскваген Поло и Сеат Ибица, и пак најголемиот поттик доаѓа од електричен модел, од Рено 5 Е-Тек, со близу 80.000 продадени возила до завршетокот на октомври.

Падот кај порано најважниот и најголем сегмент не значи неминовно и губиток за производителите. Напротив, голем дел од купувачите се решаваат за СУВ-модел од Б-сегментот, а тоа значи и повеќе промет за автомобилските производители.

Најпродавани компактни и малечки СУВ во Европа по 10 месеци

Претходна објаваТВР Грифит се сели кај Лотус: Мотор В-8 и спас за легендарниот погон во Хетел