Најпродавани компактни и малечки СУВ во Европа по 10 месеци

Во двата најголеми сегменти на европскиот автомобилски пазар во првите десет месеци од годината се продадени преку 4,2 милиони возила. Трката ја предводат Фолксваген Т-Рок и Тојота Јарис Крос.

Фолксваген Т-Рок во салонот на Порше Македонија

Европските купувачи и натаму најчесто избираат СУВ-модел од компактната и од градската класа. Точно една дузина модели во двата главни пазарни сегменти имаат надминато 100.000 продажби во периодот од јануари до октомври.

Три модели, пак, се издвојуваат – Тојота Јарис Крос, Фолксваген Т-Рок и Тигуан веќе надминаа и 150.000 примероци.СУВ-моделите одамна владеат со пазарот и уште го засилуваат своето владеење. Во сегментот на компактните СУВ, во првите десет месеци од 2026 година се продадени 2.401.607 возила, што претставува раст од 10 проценти во споредба со истиот период лани.

Водечката десетка ја предводи Фолксваген Т-Рок, којшто не загуби од динамиката и покрај тоа што германскиот производител ја постави новата генерација повисоко, а со тоа и поскапо од претходничката. Фолксваген веднаш додава уште еден модел, Тигуан на второто место, за потоа да ѝ препушти место на Киа Спортаж.

Корејската двојка не се двои, па Хјундаи Тусон го зафати 4-тото место со околу 4.500 возила помалку од Киа, со 124.453 возила. Заедно со Нисан Кашкај, оваа тројка направи незначителни отстапувања во однос на минатогодишната продажба.

Намалување има кај Пежо 3008, на којшто брзо му се приближува Шкода Елрок, со втор најголем раст меѓу моделите во Топ 10, од 39,6 проценти. Тојота Ц-ХР позабави со околу десет проценти во минус, за потоа да следи модел од неодбранливиот кинески напад – Џејку 7, со мала предност пред Форд Куга на 10-тото место, но пак со шампионски раст од 86,5 проценти.

Еден број помали, СУВ-возилата од градската класа го сочинуваат вториот најпродаван сегмент во Европа. Додека во Ц-СУВ конкуренција Фолксваген е најсилен противник, во Б-СУВ сегментот ги дели силите со Шкода, но прво им дава предимство на моделите од соперничките марки.

Прва и неприкосновена е Тојота Јарис Крос, со голема заслуга на бараниот хибриден погон, со 155.194 продажби до октомври и околу 20.000 возила предност пред второпласираниот Пежо 2008. Трета е Форд Пума, па следи познатото име Дачија Дастер, за првиот „Кинез“ тука да се појави веќе на 5-тото место – тоа е МГ ЗС.

Понатаму, распоредот се менува од месец во месец меѓу познати и докажани моделски имиња, но билансот по 10 месеци вели: Рено Каптур, Фолксваген Т-Крос, Ситроен Ц3 Еркрос, Шкода Камик и Хјундаи Кона.Вкупно 1.860.777 возила и раст од 8,3 проценти во споредба со истиот период лани.

Посебна статистика се води за компактните СУВ-модели од премиум-производителите, коишто во првите десет месеци испорачаа 692.215 возила, со раст од точно 1 процент, далеку зад растот на двата водечки сегменти.Тука вообичаено владее триото Штутгарт-Инголштат-Минхен. Единствен производител „отстрана“ е Волво, но затоа со два модела.

Претходна објаваКалифорнијците се запознаваат со камерите за брзина