Тивка револуција: Порше 718 од наследник на 550-ката до електричен акробат на асфалтот

Со батерија под напон од 800 волти, со возна динамика на 911 и под три секунди спринт до темпо сто, идниот родстер од Цуфенхаузен го заменува боксерот со електромотор, најавувајќи деби рано во почетокот на 2027 година.

Близу три децении, волшебството на појдовната моделска серија во понудата на Порше почитуваше едноставна и докажана формула: Вгради компактен мотор со внаттешно согорување веднаш зад грбот на возачот, направи тежиштето да биде ниско и подвозјето нека биде расположено за игра.

Место да ја вкопаат тешката батерија под подот, како што е вообичаено кај електричните автомобили, инженерите во Цуфенхаузен ја сместија 800-волтната батерија исправено зад седиштата. Тие го нарекуваат овој пристап „Е-јадро“. Намерата им беше да го сочуваат тежинскиот сооднос 40:60 кон предната и задната оска, но и седењето ниско над асфалтот.

Заедно со заден погон, управување и сопирачки позајмени од 911 и менувач со 7 симулирани степени на пренос, при звучна кулиса на шестцилиндарски боксер, идниот 718 не е само замена за неговиот истоимен претходник. Тоа е обид да се докаже дека душата на автомобилите лежи во балансот, не во резервоарот.

Првиот целосно електричен спортски автомобил со две врати на Порше е на стартот. По обемната програма за тестирање, новиот 718 Бокстер, со својата специфична спортска поставеност „Е-јадро“ (E-Core), влегува во завршната фаза од развојот како сериски модел.

Изминати околу четири милиони километри во тестирање

За време на развојот, целосно електричниот 718 Бокстер беше подложен на тестови за издржливост во најразлични услови. Компонентите беа ставени на маки на мразот и снегот во Шведска, каде што температурите се спуштаа до минус 30 степени Целзиусови, како и во Долината на смртта во САД, каде што екстремната жештина достигнуваше и до 51 степен. Во густиот сообраќај на метрополите како Лас Вегас, Лос Анџелес и Шангај, фокусот беше ставен на секојдневната употребливост и системите за асистенција на возачот.

Најниската надморска височина на тест-рутите изнесуваше 86 метри под нивото на морето, додека највисоката достигна 2.750 метри. Инженерите и тест-возачите патуваа во повеќе од 20 земји и ги проверуваа перформансите на полнење со пет различни стандарди. Вкупно, тест-тимот измина околу четири милиони километри со прототиповите на електричниот 718 Бокстер.

Архитектура „Е-јадро“ за распределба на тежината како кај средишно поставен мотор

Зачувувањето на гените на неговите претходници беше еден од главните приоритети при развојот на електричниот 718 Бокстер. Веднаш зад седиштата, таму каде што инаку би бил вграден мотор со внатрешно согорување, е сместена 800-волтната батерија. Оваа архитектура „Е-јадро“ е наменски развиена за 718 Бокстер и — за разлика од повеќето електрични возила — овозможува ниска положба на седење, токму како што се очекува од спортски автомобил. Тежината е концентрирана кон средината на возилото.

Со распределба на масата од 40 проценти на предната и 60 проценти на погонската задна оска, автомобилот го отсликува однесувањето на класичен спортски модел со средишно поставен мотор. Интелигентната лесна конструкција обезбедува вкупна тежина слична на актуелните модели 911 Кабриолет со погон Т-Хибрид (T-Hybrid).

„Почнувајќи од следната година, целосно електричниот 718 Бокстер ќе им понуди на нашите купувачи моќен влез во светот на спортските автомобили со две врати“, изјави д-р Михаел Лајтерс, претседател на Извршниот одбор на Порше АГ. „Нашите инженери успеаја да го пренесат единствениот концепт на Бокстер во електричниот свет, дополнително усовршувајќи го во тој процес. Воодушевен сум од нивото на возачко уживање што го нуди новиот 718 Бокстер.“

Компоненти од подвозјето на 911 и врвна возна динамика

Голем дел од компонентите на подвозјето се темелат на оние од 911. На пример, управувачкиот механизам е преземен од 911 Карера ГТС (Carrera GTS), а за првпат во 718 Бокстер е достапно и управување на задната оска. Димензиите на тркалата и гумите, како и системот за сопирање, исто така потекнуваат од Порше 911, од каде што е преземен и електронски контролираниот диференцијал со ограничено пролизгување (PTV+).

„Развојот на целосно електричниот 718 Бокстер е во самата завршница“, вели д-р Михаел Штајнер, член на Управниот одбор задолжен за истражување и развој. „При конструирањето на овој автомобил не тргнавме по полесниот пат. Наместо тоа, се одлучивме за низа решенија типични за Порше. Добар пример за тоа е архитектурата „Е-јадро“. Таа овозможува ниска положба на седење и тежиште како кај традиционален автомобил со средишно поставен мотор. Тоа се чувствува со секој изминат метар.“

Непосредна моќност за максимално возачко уживање

Целосно електричниот 718 Бокстер ќе биде најмоќниот 718 досега. Врвната изведба забрзува од место до 100 км/ч за помалку од три секунди и достигнува максимална брзина од над 250 км/ч. Сите верзии на 718 Бокстер ќе имаат погон на задните тркала.

„Би бил многу задоволен доколку при возењето на 718 Бокстер нашите купувачи почувствуваат колку страст е вложена во развојот на овој автомобил и дека успеавме да го пренесеме генетскиот код на верзијата со внатрешно согорување во електричниот свет“, вели Франк Мозер, потпретседател задолжен за моделските линии 911 и 718.

Поголемо уживање на притисок на копче

Сите модели 718 Бокстер стандардно ќе бидат опремени со функцијата „Е-шифт“ (E-Shift). Со притискање на копче се активира виртуелен седумстепен менувач ПДК (PDK), кој ги пренесува препознатливите карактеристики на оваа трансмисија во светот на електричниот погон. Начинот на виртуелното менување на степените се менува во зависност од избраниот режим на возење. Исто како кај вистинскиот менувач ПДК, возачот може да избере автоматско или рачно менување преку лопатките зад воланот. Благодарение на насоченото зголемување на вртежниот момент при промена на степените, перформансите се идентични без разлика дали режимот „Е-шифт“ е вклучен или исклучен. Во овој режим, виртуелното менување брзини е придружено со верно репродуциран звук на шестцилиндарски боксер мотор, заснован на карактеристичниот звук на Бокстер ГТС од генерацијата 981. Кога функцијата „Е-шифт“ не е активна, лопатките добиваат друга улога: преку нив се избира еден од трите степени на рекуперација на енергијата.

Двократниот светски рели-шампион Валтер Рерл е исто така импресиониран од возните својства на електричниот 718 Бокстер: „Навистина е сензационално што сè може овој автомобил“, вели тој. „Овде моќноста, сопирачките, управливоста и возачкото доживување се спојуваат во совршена целина. Кога ќе ја активирате функцијата „Е-шифт“ на воланот, нивото на уживање скока уште повисоко. 718 Бокстер ви дава повеќе повратни информации од кој било друг електричен автомобил што сум го возел досега.“

Порше Кајен во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Porsche Cayenne

Светска премиера во првиот квартал од 2027 година

Целосно електричниот 718 Бокстер, кој ќе се произведува во матичната фабрика на Порше во Штутгарт-Цуфенхаузен, ќе ја има својата светска премиера во првиот квартал од 2027 година. Документарниот серијал за неговиот развој, насловен „Новиот 718 Бокстер: приказна за развојот“ (The new 718 Boxster: a development story), ќе се прикажува секојдневно во четири дела од 24 ноември на Јутјуб-каналот на Порше и во нивниот прес-центар. Серијалот ги осветлува различните фази од тестирањето, од кои дел се одвиваа во екстремни услови.

Претходна објаваБи-Уај-Ди преговара за преземање на поранешната фабрика на Смарт во Франција
Следна објаваИнеос го сели производството на СУВ и пикап-возила од Европа во САД