
Кинескиот производител потврди дека започнал преговори за преземање на поранешната фабрика на Смарт во Хамбах, Франција, во близина на границата со Германија. Досегашниот сопственик на фабриката, Инеос, најави планови да го пресели производството на своите теренски автомобили во Соединетите Држави.
Хамбах ќе биде втора европска фабрика на Би-Уај-Ди, покрај унгарската која се очекува да започне со производство пред завршетокот на годинава. Во фабриката во Унгарија ќе се произведува малечкиот електричен модел од градската класа Долфин Сурф, заедно со компактниот СУВ-модел Ато 2.
Француската фабрика ќе ја зајакне базата на Би-Уај-Ди за производство во Европа. Со локалното производство, кинеската компанија ќе ги избегне трговските пречки што ЕУ планира да ги воведе со правилото „Произведено во Европа“. Високите царини што Брисел ги воведе за увозот на електрични автомобили од Кина во октомври 2024 година и ограничената квота хибридни автомобили што ќе може да се увезат во Унијата, исто така извршија притисок врз кинеските автомобилски компании да започнат со производство во Европа.
Би-Уај-Ди е втора најпродавана кинеска марка во Европа во првите 10 месеци од годината, со 320.445 возила и раст од 133 проценти од лани. Групацијата Чери има мала предност со 320.631 возило и раст од дури 235 проценти.
Во Турција исто така започна изградба на фабрика, но тој проект е ставен во мирување. Поради тоа што Турција не е членка на ЕУ, возилата што се произведени во земјата веројатно нема да се прифатат како „Произведено во Европа“. Целта на ЕУ со правилото е да се поттикне домашното производство преку различни субвенции.
Инеос во 2020 година ја купи фабриката во Хамбах од Мерцедес-Бенц и ја пренамени за производство на класичниот теренски автомобил Гренадир, конструиран врз носечка рамка, како и на пикапот Квартермастер што ја користи истата основа. Двата модела постигнаа релативно слаба продажба во Европа, што главно е последица од отсуството на модели со електрифициран погон. Поради тоа, Инеос сè повеќе се свртува кон Соединетите Држави, каде што постигнува околу 70 проценти од продажбата. Со преселбата на производството во САД ќе може да се инвестира поизвесно и да се зголеми продажбата на компанијата, ценат менаџерите на Инеос Аутомотив.
Фабриката во Хамбах во моментов вработува околу 900 лица. Возилата што од ЕУ се извезуваат во САД подлежат на царинска стапка од 15 проценти. Пикапот Квартермастер подлежи на зголемена стапка од 25 проценти, поради „пилешкиот данок“ што важи за доставни возила. Инеос планира да започне со производство во САД во 2028 година.
Би-Уај-Ди не посочи временска рамка за отпочнување со производство во Хамбах и не соопшти поединости околу моделите што би излегувале оттаму. Претходната пренамена на фабриката за прифаќање на големите теренци на Инеос ќе им овозможи на Кинезите да ги произведуваат своите поголеми модели.
Инеос објави дека е во ексклузивни преговори за фабриката во Хамбах да му ја продаде на Би-Уај-Ди. Во случај да се постигне договор, производството на Гренадир и Квартермастер ќе продолжи уште извесно време. Како што наведуваат од Би-Уај-Ди, за спогодбата со Инеос треба да се добие и согласност од работничките синдикати.
За разлика од Би-Уај-Ди, кој со овој чекор би презел активна фабрика, кинеските соперници главно се насочени кон преземање дел од фабрики што не работат со полн капацитет. Донгфенг планира да произведува возила во фабрика на Стелантис во Франција, додека Липмотор најави производство на електрични возила во Шпанија, исто така во фабрика на Стелантис. Џили наскоро започнува со производство на возила од фабриката на Форд во Шпанија.
ГВМ Ора 5 Хибрид · Тест · Розова ѕвезда со сериозен хибриден погон














