На настанот насловен „140 Фестивал“, во чест на 140-те години откако светот го доби првиот автомобил, присуствуваа преку 15.000 гости. Тоа беше пречек на „Берта, Карл и Готлиб“, на трите С-Класи што го обиколија светот, но и премиера на Мерцедес-AМГ ГТ СУВ.
По поминати повеќе од 65.000 километри, низ 55 држави на шест континенти, трите С-Класи се вратија во Штутгарт, во музејот на Мерцедес-Бенц, од каде што појдоа на обиколка низ светот, веднаш по премиерата на освеженото моделско годиште во јануари.
Враќањето на „Берта, Карл и Готлиб“, како што Мерцедес-Бенц ги нарече своите три С-Класи, беше придружено од 140 историски и актуелни модели. Тоа беше само најава за големата премиера на Мерцедес-AМГ ГТ СУВ, првиот електричен СУВ-модел што е развиен самостојно во АМГ, во Афалтербах. Прославата продолжи со концерт на прочуениот германски бенд „Ди Фантастишен Фир“. Со овој настан сепак не завршува прославата на 140-те години од првиот автомобил.
На 29-ти јануари, точно на денот кога пред 140 години беше поднесен патент за првиот автомобил од страна на Карл Бенц, трите свежо излезени С-Класи од фабрика, по фејслифтот, појдоа на пат околу светот.
По близу девет месеци, глобтротерските лимузини со сребрената ѕвезда, на 17-ти октомври се вратија на поаѓалиштето, по пат долг преку 65.000 километри, низ 55 држави и шест континенти.
Просечно се возеа по 450 километри дневно. Се поминаа 67 граници, часовниците се нагодуваа 28 пати. Клима уредот на „зондеркласата“ мораше да ја одржува температурата во кабината во 13 климатски зони.
На оваа тура што беше замислена да ги посети историските места што се поврзуваат со Мерцедес-Бенц, но и да се укаже општо на големината и значењето на марката, се посетија бројни градови: Штутгарт, Мадрид, Париз, Брисел, Рио де Жанеиро, Сао Пауло, Монтевидео, Буиенос Аирес, Сантијаго де Чиле, Мајами, Њујорк, Торонто, Лас Вегас, Сан Франциско, Сеул, Пекинг, Токио, Шангај, Бангкок, Сингапур, Катманду, Делхи, Мумбаи, Сиднеј, Мелбурн, Оукленд, Наироби, Јоханесбург, Кејптаун, Казабланка, Тунис, Истанбул, Виена, Будимпешта, Букурешт, Амстердам, Компенхаген, Вилниус, Рига, Талин, Бруклендс, Хамбург, Бремен, Берлин и Минхен.
Конвој од 140 возила ја претставуваше блескавата историја на Мерцедес-Бенц од сите епохи, вклучувајќи и реплика на првиот Бенц Патент Моторваген од 1886, Мерцедес-Бенц 300 СЛР Уленхаут-Купе, како најскап автомобил во светот, „понтон“ 220 С, футуристички Ц111 Експериментал, електрична Г-Класа, електрична Ц-Класа, Мерцедес-AМГ ГТ Купе со 4 врати и ЦЛЕ 646 Шпециаланфертигунг. Тие ги придружуваат Берта, Карл и Готлиб до музејот во Бад Канштат.
Настанот појде во сосем друг правец со премиерата на Мерцедес-АМГ ГТ СУВ, како прв електричен СУВ што е развиен независно од инженерите и експертите во Афалтербах. Тоа е втор модел врз посебната платформа АМГ.ЕА, што е наменета за електричните модели на АМГ со врвни перформанси.
Спортската марка на Мерцедес-Бенц Карс го искористи настанот за да потсети дека в година прославува 60-ка од основањето на Ауфрехт, Мелхер, Гросаспах – имињата на двата основачи на АМГ и градот од којшто потекнува марката.
Вечерта доби достојна завршница со концертот на „Ди Фантастишен Фир“, на фантастичната четворка, прочуен бенд од Штутгарт.
Музејот на Мерцедес-Бенц покани во недела да дојдат гости на одбележувањето на 140-те години од првиот автомобил во светот и континуитетот што до денес го одржува штутгартската марка.















