
Напорите на Унгарија да избрише сé што се поврзува со Виктор Орбан предизвикуваат загриженост на светската автомобилска индустрија.
Во времето на поранешниот лидер, земјата се постави како европски центар во веригата за снабдување со батерии, привлекувајќи компании од Кина и Кореја, што се охрабрија да подигаат фабрики за делови за електрични возила.
Но, загриженоста околу влијанието врз животната средина се претвори во политичка битка и производството во неколку фабрики запре, откако Петер Маџар ја презеде премиерската фунција.
Фабриката за сепаратори на Семкорп во Дебрецин, во источна Унгарија, мирува петти месец, откако тестирањата покажаа недозволено високо ниво на метали во подземните води. Кинеската компанија покрива 40 проценти од светската продукција на мембрани. Тоа се тенките фолии што ги двојат позитивниот и негативниот пол во батериските ќелии.
Оваа фабрика стана од стратешка важност, откако САД забранија увоз на делови за барерии од Кина. Покрај тоа, новата власт ѝ ги укина привилегиите на фабриката.
За време на Орбан, Унгарија за помалку од 10 години привлече инвестиции во вредност од 20 милијарди долари. Критичарите обвинуваа дека владата прогледувала низ прсти во поглед на почитувањето на стандардите за заштита на животната средина.
Отпорот кон оваа индустрија одигра клучна улога за победата на Маџар на изборите во април. Тој вети дека ќе ги преиспита последиците врз животната средина, како и други обележја на ерата на Орбан, меѓу кои обвиненија за корупција и клиентелизам, и блиски односи со Москва.
На честите протести пред фабриките за батерии, Маџар го обвинуваше Орбан дека прогледувал на наводните случаи на загаденост, ветувајќи дека по изборот тој ќе воведе строги стандарди. По убедливата победа на Маџар, властите го исполнуваат ветувањето.
Владата на Маџар планира да формира нова агенција за заштита на животната средина, којашто ќе биде овластена да одредува казни во висина до 15 милиони долари, за големите компании што трипати во рок од пет години ќе ги прекршат прописите.
Унгарија повеќе се залага за истражување отколку за производство
При објавувањето на својот прв буџет во минатата недела, Маџар кажа дека владата настојува своето внимание да го насочи кон привлекување инвеститори со „висока вредност“, што ќе вршат истражувања, место да се градат фабрики за монтажа. „Центар за истражување и развој вреди стотици пати повеќе од фабриките за батерии што ни ги донесовте,“ им кажа тој на пратениците од опозициската партија Фидес на Орбан.
Властите веќе изрекоа казни за две фабрики во сопственост на корејскиот СК ОН, го прекинаа производството во дел од фабриката што ја поседува корејскиот производител на катоди Еко Про и нареди целосно запирање на работата на фабриката за сепаратори на Семкорп.
Додека уште се градат фабриките во Малезија и други земји, унгарската фабрика на Семкорп во моментов е еден од малкуте добавувачи што се надвор од Кина. Нејзините сепаратори се користат во производството на батерии во Европа и Северна Америка. Меѓу клиентите се корејскиот Ел Џи и кинески КАТЛ, најголем производител на автомобилски батерии во светот.
Семкорп обвинува дека лабораториска грешка довела до затворање на фабриката
Семкорп соопшти дека првобитното мерење што доведе до затворање на фабриката било резултат од лабораториска грешка, засновано врз примероци што во меѓувреме се повлечени.
На просторот на фабриката во моментов се наоѓаат неколку бушотини, за коишто се потрошени половина милион долари, за повторно да се земат примероци од почвата и од подземните води на целата територија, со цел локалните власти да се убедат за да одобрат продолжување на работењето. Фабриката во моментов мирува, има само неколку работници што ги одржуваат запрените машини.
Онлајн-каталог со податоци и цени за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Семкорп поднесе судска тужба против одлуката и чека пресуда. Управата одговори дека ќе го врати случајот на повторно разгледување, откако ќе заврши земањето примероци од почвата.
Иако новиот остар приод кон заштитата на животната средина наидува на одобрување меѓу народот, се покажува дека напорите на Орбан во насока на електричните автомобили вределе. Продукцијата во септември го достигна врвот во последните четири години, со главнината од тој раст што доаѓа од автомобилскиот сектор.
Новата фабрика на БМВ во Дебрецин почна да работи во три смени. Фабриката на КАТЛ во близина ја пушти во пробна работа гигантската постројка, веднаш до Семкорп. Тоа е еден од најголемите центри за батерии во Европа во моментов.
















