Би Уај Ди ќе побрза со подигањето фабрики, откако ЕУ стави рампа за хибридите

Би Уај Ди и останатите производители од Кина се соочуваат со притисок за побрзо да отворат фабрики во Европа, откако Унијата постави ограничувања за хибридните возила.

Стела Ли, потпретседателка на Би Уај Ди, на премиерата на Ато 8 на салонот во Париз

Кинеските производители на автомобили, предводени од Би Уај Ди, ќе покажат низа нови модели со приклучен хибриден погон на салонот во Париз што е во тек, покажувајќи на тој начин колку се имаат одомаќено на вносниот европски пазар.

Тоа нема да се смени дури и откако Европската Унија постави ограничувања за увозот на хибридни возила. Аналитичарите ценат дека тоа ќе го забави, но не и запре пробивот на Кина во регионот. Напротив, тоа ќе ги поттикне Би Уај Ди и Липмотор да забрзаат со отворањето фабрики во ЕУ, зацврстувајќи го своето место на пазарот којшто им е спасоносен, во време кога на кинескиот автомобилски пазар владее самоуништувачка борба со цените.

Ограничувањето на увозот на хибриди „несомнено ќе го забрза локалното производство на кинеските производители на автомобили во Европа,“ изјави Ли Јанвеј, советник во здружението на автомобилски дилери во Кина. Повеќето од најпродаваните модели во Европа се големи СУВ, на коишто се постигнува добра маржа, напоменува тој.

Постои голема неизвесност околу новата квота за увоз на хибриди, меѓу другото и околу прашањето дали ЕУ и Кина договорија строга граница на 350.000 возила или по надминувањето на таа квота ќе може да продолжи увозот на кинески хибридни автомобили, но во тој случај тие ќе подлежат на дополнителни царини. Уште сега е јасно дека ниту еден од досегашните обиди на Европа не го запре пробивот на Кинезите.

Во 2024 година, Брисел воведе царини за целосно електрични автомобили од Кина. Оттогаш забави растот во продажбата на кинеските електрични автомобили во Европа, но голем број модели со електричен погон останаа конкурентни и покрај високите царини.

Кинеските марки брзо се префрлија на хибриди, коишто не подлежеа на царини. Тие освоија околу 26 проценти од западноевропската продажба на приклучни хибридни автомобили во второто тромесечје. Во истиот период лани, тој удел изнесуваше 2,2 проценти.

Со технологија Флеш и со напредна батерија, Би Уај Ди Ато 8 полни батерија до 97 проценти за само 9 минути

Некои компании веќе имаат предност во локалното производство. Липмотор уште во текот на месецов ќе започне со испорака на возила од фабриката на Стелантис во Шпанија. Би Уај Ди планира до завршетокот на годинава да стартува со големосериско производство во новата фабрика во Унгарија. Потпретседателката на Би Уај Ди, Стела Ли, во интервју за Блумберг ТВ на 12-ти октомври, за време на салонот во Париз, кажа дека компанијата има „многу длабока“ посветеност кон Европа.

Групацијата Фолксваген соопшти дека е отворена за соработка со Кинезите, околу фабриките што не се целосно искористени, во време кога германскиот производител се бори со скусување на производствените трошоци и поедноставување на својата понуда од модели и марки.

Победници меѓу Кинезите со новата трговска политика „ќе бидат тие што ќе имаат најдлабок оперативен отпечаток во Европа,“ порача во соопштение Шаоји Леи, аналитичар во Џеферис, додавајќи дека производството е само првиот чекор.

„Добавувачите, каналите, финансирањето и почитувањето на законите исто така се важни“, кажуваат аналитичарите.

Липмотор Ц10 · На пат од 800 километри со електричен автомобил низ Македонија (Прв дел)

Царините го забавуваат растот во продажбата на Кина во Европа

Повеќето експерти од индустријата очекуваат дека ограничувањето на увозот ќе го забави растот во продажбата на кинеските производители во ЕУ во одреден период и дека ќе се засили конкуренцијата меѓу хибридните возила, коишто учествуваат со близу половина во продажбата на возила во Унијата.

Продажбата на кинеските хибридни возила во ЕУ годинава ќе се искачи на 435.000 возила, објавија аналитичарите на Бернштајн на 11-ти октомври. Тоа е далеку над планираниот лимит и се темели врз постигнатата продажба од 290.000 возила до август.

Но, на подолг рок, кинеските производители очекуваат дека ќе останат конкурентни и покрај трговските бариери. Тие веќе вложија многу средства во градењето широка мрежа од дилери и во конструирање модели што ги исполнуваат очекувањата на европските купувачи.

Би Уај Ди во Париз ги изложува Долфин Г ДМ-и, малечок автомобил што е развиен за европските тесни улици и мали паркиралишта, како и приклучниот хибрид Би Уај Ди Ато 8.

Кинескиот партнер на Стелантис, Липмотор, одржа европска премиера на својот електричен модел со продолжен досег Д19, којшто постигнува електричен досег од преку 300 километри, пред да се активира бензинецот, и се одликува со возни својства и комфор на луксузен автомобил од европска марка.

Домашните производители на автомобили сепак веруваат дека ограничувањето за хибридите ќе им помогне да се изедначат во трката во Европа, каде што работната сила, енергијата и добавувачите чинат многу поскапо отколку во Кина.

Спогодбата меѓу ЕУ и Кина е „добра вест“ кажа во интервјуто за Блумберг ТВ извршниот директор на Рено, Франсоа Прово. „Дозволено им е да дојдат во Европа, да инвестираат многу во создавањето дополнителна вредност, да отвораат работни места.“

Претходна објаваForthing Taikong 5 стартува со продажба во Македонија во 2027

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here