Тојота притиска ЕУ да ги прифати Јапонија, Турција и ОК под „Произведено во Европа“

Тојота е доверлив партнер на ЕУ и пошироко на Европа, изјави извршниот директор на Тојота за Европа, Јошихиро Наката, на прашање дали побарал ЕУ да ги земе предвид барањата на Тојота, за Јапонија, Турција и ОК да бидат опфатени под „Произведено во Европа“.

Кадар од фабриката на Тојота во Турција

Тојота лобира за ЕУ да ги прифати Јапонија, Турција и ОК во рамките на „Произведено во Европа“, пред донесувањето на Актот за помош на индустријата, во спротивно тоа ќе ги наруши плановите за нивните вложувања во Европа.

За Тојота е решавачко прашањето дали Јапонија, Турција и Обединетото Кралство ќе бидат вклучени во барањата на ЕУ за локално потекло. Сите електрични возила што јапонскиот производител ги продава на европскиот пазар се увезуваат од Јапонија. Единствен исклучок е Урбан Крузер што Сузуки го произведува за Тојота во Индија.

Извршниот директор на Тојота за Европа, Јошихиро Наката, посочи дека производителот во 2025 година увезол од Јапонија автомобили во вредност од 6,9 милијарди евра. Лани беше најавено дека во фабриката во Чешка ќе почне производство на електрични возила, но не беше посочено за кој модел станува збор и датумот.

Тојота ја произведува комби изведбата на Корола во својата фабрика во Бурнастон, Англија, и има голема фабрика за мотори во Дисајд, Велс. Еден од своите најбарани модели, кросоверот Ц-ХР, Тојота го произведува во Бурса, Турција.

„Тојота е доверлив партнер на ЕУ и пошироко на Европа,“ изјави Наката на состанок со медиумите во Брисел, на 15-ти октомври. „Ние имаме позитивно влијание врз економијата на ЕУ.“

„Да бидам јасен. Тојота не е гостинка во Европа,“ кажа тој.

Германија и Франција објавија на 15-ти октомври дека постигнале договор што ќе ѝ ги отвори вратите на Британија да биде прифатена како доверлив партнер во Актот за помош на индустријата (ИАА), како и за попуштање на целите за емисија на ЦО2 во ЕУ за 2035 година.

„Поздравуваме секаква дискусија за вклучување на ОК, но сакаме овој договор да се прошири на останатите партнери од доверба – како Турција и Јапонија – чијашто долготрајна блиска соработка може да придонесе за конкурентноста на Европа во автомобилската индустрија,“ објави Тојота на 16-ти октомври.

Прашањето дали Јапонија, Турција и Обединетото Кралство, како и останатите трговски партнери на ЕУ што имаат голем извоз во Унијата, меѓу нив Мароко, Србија или Јужна Кореја, претставува главна точка на сопнување во преговорите околу Актот за помош на индустријата. Тој беше објавен во март како предлог и сега е предмет на обемни преговори во Брисел.

ИАА условува субвенциите за електрични возила и за јавни набавки да важат за ЕВ и за компоненти од електричен погон што се произведени во Унијата, со цел да ги сочува работните места во ЕУ од странска конкуренција, односно главно од кинеските производители на автомобили. Нивниот удел на европскиот пазар годинава достигна 10 проценти.

Електричниот кросовер Тојота Ц-ХР+ се увезува од Јапонија, исто како сите останати електрични модели на Тојота..

Наката посочи дека Тојота во 2025 година создала дополнителна вредност од 7 милијарди евра нето во ЕУ, вклучувајќи 1,8 милијарда од извоз и 440 милиони евра за даноци. Јапонците вработуваат 25.000 лица во поширокиот регион, заедно со Турција и ОК. Во 2025 година биле потрошени 8 милијарди евра за компоненти набавени од 450 добавувачи во Европа.

Toj предупреди и дека ИАА може да влијае врз вложувањето на Тојота во производството на батерии во Европа.

Тил Конрад, заменик извршен директор во Тојота Мотор Европа, кажа дека индустријата секој месец годинава губи по 3.000 работни места, наспроти околу 1.000 работни места во 2024 и 2025 година. Тоа ниво „е неодржливо“, кажа Конрад.

„Ова не е време за Европа да се затвори во себе. Таа треба да соработува со партнери и со доверливи партнери“, кажа Конрад. „Доколку Европа постави рампа пред своите патнери и тие партнери одговорат со исти мерки, сите губат.“

Тој посочи дека индустријата во 2030 година ќе се соочи со казни во висина од 20 милијарди евра, доколку не се испочитуваат лимитите за емисија на ЦО2.

Според пресметките на Тојота, побарувачката за електрични автомобили во 2030 година ќе достигне 45 проценти, што е за 10 процентни бодови под вредноста под 55 проценти, којашто е неопходна за да се исполнат барањата на ЕУ за ограничување на емисијата на штетни материи.

Главната причина да „Произведено во Европа“ да важи и за трговските партнери е Европа да стане поконкурентна во поглед на своите кинески соперници, порачуваат од Тојота. Во 2025 година, во ЕУ беа продадени 11 милиони нови автомобили во ЕУ, наспроти 27 милиони во Кина. Доколку се вклучат трговските партнери на ЕУ, како Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Турција и Обединетото Кралство, таа вредност расте на 31 милиони возила. „Тоа е обемот што на Европа ѝ е неопходен за ефикасно да се натпреварува на светската сцена,“ посочуваат од Тојота.

Тојота Ц-ХР+ · Тест · Тојота задоцнила со електричните автомобили?

Претходна објаваЛипмотор почна да произведува во Шпанија, нема царини во ЕУ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here